ФИТР грантови: Анел Компјутери – софтверски пакет за текстилна и кожарска индустрија

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија од 79-те добитници на последниот повик за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигаат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Анел Компјутери како компанија започнува со работа во раните 90-ти години од минатиот век. Основана од страна на двајца партнери, е една од првите компании во Македонија(ако не и прва) која започнува да се занимава со изработка на сопствен компјутерски софтвер за книговодствено работење. Низ целиот период на своето постоење па се до денес, како примарна, задржана е истата дејност, изработката на софтвер за сметководствени работи, а меѓу другото се бави и со продажба, инсталација и изработка на компјутерски мрежи и системи. Во прв ред главни клиенти се поголемите Компании од типскиот регион како Албатрос, Ангротекс, Грација, Техникал текстил, ЕИ Ексклузив како и повеќе книговодствени бироа.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Програмата или повикот на Фондот за иновации или уште поточно, Инструментот за финансиска поддршка во рамки на столб 3 од планот за економски раст, за нас како компанија се појави во прав момент. Идејата за која добивме ко-финансирање ја имавме од поодамна, но немавме можност и доволно ресурси за нејзина реализација, иако знаевме дека аутпутот од неа им е повеќе од потрбен на комапниите во нашиот регион. Се работи за софтверски
пакет од неколку модули, пред се наменет за компаниите кои се занимаваат со текстилна и кожарска индустрија, но лесно прилагодлив и за останатите производни процеси.

Истиот опфаќа пред се модул за нормирано производство, модул за изработка на плата, модул за основни средства и модул за кадрова евиденција.

Главната вредност на сите овие модули не е тоа дека се единствени на пазарот, ги има како такви еден мал милион, но ги нема во форма прилагодена на корисничките барања.

Значи ние започнавме од самите кориснички барања, барањата на
коминтентите се нашиот инпут за изработка на продуктот. Со ваквиот пристап ние ќе добиеме производ кој е прилагоден на производниот процес на корисникот и ќе биде спремен за моментална употрба, што не е случај со останатите слични решенија кои побаруваат од страна на корисникот и неговиот прозводен процес да се прилагоди врз функциите на софтверскиот пакет.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Траењето на проектот е 24 месеци или 8 квартали, поделен во три поголеми фази. Почетна, развојна и фаза на тестирање и пуштање во комерцијална употреба. Моментално, сме во завршување на фазата развој, веќе ги имаме првичните верзии, првите аутпути, за кои можеме да кажеме дека сме задоволни од досегашниот напредок и динамика. Без некои посериозни проблеми во периодот што измина, полека се подготвуваме за последната фаза, фаза на тестирање во реална околина од која ќе добиеме оценка за тоа што сме сработиле до сега и со каков успех. Се надеваме дека тестовите ќе поминат според очекуваните резултати, по што веднаш преминуваме и на продажба на продуктот и се разбира, ќе го чекаме бенефитот од истиот :).

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои дел од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Доополнителна финансиска поддршка од страна на ФИТР е повеќе од
добродојдена за нас како компанија и за самиот продукт и неговата иднина на пазарот, кој секако ќе се соочи со огромната конкуренција како од домашните така и од доста присутните странски компании.

Како што кажав и погоре, без поддршката од ФИТР, можеби и овој продукт немаше да започне да се создава. ФИТР има огромна заслуга за овој проект и силно веруваме дека резултатот од неговото користење ќе биде голем број на задоволни клиенти и забрзување на
нивните производни процеси.

Ние сме најсреќни кога имаме задоволни клиенти, а во исто време
и тие се среќни што не имаат нас како команија која се грижи за реализцијата на нивните барања во соодветната област.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Проиводот како софтверско решение е првично наменет за нашиот домашен македонски пазар, со оглед на тоа што производните процеси во нашата земја се на речиси исто ниво, не постои некоја огромна дискрепанца помеѓу истите во рамките на целната група,
текстилната и кожараската индустрија.

Да секако дека ќе постои и можност овој производ да се понуди и надвор од нашата држава, пред се во соседните земји, за што и веќе собираме првични информации од терен каква е состојбата со застапеноста на ваките продукти кај нашите соседи.

Нешто дополнително што би сакале да додадете?

ФИТР и нивните програми имаат огромно влијание и значење како за самите компании, така и за развојот на целата економија во нашата земја.

На сите кои веруваат во своите идеи најтопло им препорачуваме да не се колебаат и да аплицираат во Фондот за иновации. Секоја идеја заслужува да започне и да биде реализирана. Со добар, внимателен и
посветен пристап, резултатот е повеќе од очигледен, а тоа е само успех и можност за уште поголем развој и напредок. ФИТР е еден од начините, секоја идеја да прерасне во успешна приказна.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии