ФИТР Грантови: Amala Solutions – преку софтверско решение до полесно менаџирање на колективни станбени згради

IT.mk редакција

во feature, ИТ.МК

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… Или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Амала Солушнс ДООЕЛ е основана на 11.01.2018 година и дејствува во ИТ секторот. Со оглед на постојаниот одлив на мозоци од нашата земја, се посветуваме на создавање на стимулативно, богато и отворено опкружување каде младите можат да учат, растат и да ги развиваат своите кариери. Силно веруваме дека има огромен потенцијал во нашата младина и заедно можеме да создадеме значајни промени во нашето општество. Нашата мисија – Со создавање заедница во која луѓето се на прво место, и користејќи ги најновите ИТ технологии за континуирана иновација, ќе се справиме со најважните проблеми во нашето општество.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Проектот предвидува развој на иновативна услуга преку софтверско решение за менаџирање на колективни станбени згради. Согласно законот за домување, секоја станбена зграда има обврска да формира заедница на сопственици или да именува управител кој се грижи за управувањето со зградата. Овој софтвер го олеснува управувањето и овозможува точно и навремено информирање на станарите за активностите, проблемите и финансиската состојба на заедницата на сопственици. Исто така, придонесува да се заштеди време и енергија, како и да се задржат и подобрат добрососедските односи. Софтверот, меѓу другото, овозможува и високо ниво на транспарентност во раководење на финансиите.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

MVP од продуктот ќе биде достапен во март 2020 година.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Дополнителните финансии од страна на ФИТР се од огромно значење како за развивање на оваа иновација, така и за стабилноста на фирмата. Финансиите се целосно наменети за преткомерцијална фаза на проектот.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Целта е првично да се освои домашниот, па потоа и регионалиот пазар. Примарната целна група се сите физички лица што живеат во станбени згради и правните лица кои управуваат со станбени згради.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Покрај главниот фокус за развивање на иновативни софтверски решенија, креираме персонализирани веб страни и веб апликации.