Филмски трејлер и гејмплеј новости за Mass Effect Andromeda

Ако нешто знае да направи Bioware, тоа е дефинитивно импресивен филмски трејлер. Таквото нешто е повеќе од очигледно од најновиот видео приказ кој пробува (и успева) да нè заинтригира со новата приказна, расите и ликовите.

Во Mass Effect Andromeda играте или со Сара (Фрида Вулф) или со Скот Рајдер (Том Тејлорсон). Во случај да имињата на актерите кои ги позајмуваат гласовите не ви се доволно „звучни“ тоа е поради фактот што се релативно нови актери кои претходно имаа позајмувано глас во Octodad. Актерот кој го позајмува гласот на таткото, меѓутоа, е Кленси Браун, а за него не е потребно посебно претставување. И, да, пред да прашате, името на занесната асари е Фиби. :) Името на машкиот придружник е Лиам, а на женскиот е Кора. Драк е името на кроганот, а главниот антагонист се вика Кет.

Во поглед на гејмлејот, Bioware припремаат содржителен видео приказ за време на овогодишниот Video Game Awards, кој е закажан за четврток, 1 декември.

slika-1

Најновото што се спомна за гејмплејот е дека познатите мисии за лојалност и понатаму ќе бидат пропратна, но не и задолжителна активност во Андромеда. Во интервју за Gameinformer, продуцентот Мак Волтерс објаснува дека мисиите за лојалност, кои беа уникатни за секој од вашите следбеници и ви дозволуваа додатно да ги запознаете и да се зближите со нив, се многу по изборни и не мора да ги завршите нити пред „критичната точка“ од приказната, нити по неа.

Системот со класите, пак, целосно ќе биде исфрлен и заменeт со пошироко дрво од способности каде ќе можете да одбирате што и по кој редослед да се отклучува. Полето во кое ќе специјализирате отклучува додатни бонуси кои го менуваат стилот на играњето. Во одредени места од приказната ќе можете целосно да го смените стилот и да пробате други игриви стратегии. Исто така, конечно ќе можете да користите и ладни оружја. Се споменаа мечови и чекани, но не и дали ќе бидат физички убиствени направи или пак смртоносни проекции на вашата омни-алатка.

slika-2

Што се однесува до прикрадувањето, Mass Effect Andromeda ќе има имплементирано сличен систем како во играта The Last of Us, a новиот џет-пак ќе ви дозволи тактички да се префрлате од една точка на прикривање до друга, како и да се издигнете над земјата и да ги елиминирате сите што се кријат зад пречки.

За жал (или среќа), препознатливиот renegade/ paragon систем од дијалози каде добивавте светли или мрачни поени во зависност од добри или злобни активности е заменет со серија од попрепознатливи опции како срце, глава, професионален или секојдневен став. Физичкиот изглед на ликот, меѓутоа, нема да се менува во зависност од донесените одлуки, како што беше случајот со Mass Effect 2. За Андромеда се кажа и дека ќе биде Bioware игра со најширок спектар од романтични интеракции кои можат, но не мораат да прераснуваат во долготрајни врски. Tаквото нешто, меѓутоа, зависи не само од вас туку и од карактерот и желбите на спротивниот лик.

Со вашето Мако возило можете да истражувате планети кои кријат опасности во најразлични форми, но и загатки од најразлични тежини. Слично на Dragon Age: Inquisition, некои планети ќе имаат предизвикувачки босови кои ќе бараат да сте значително јаки пред и да се помислите да се соочите со нив.

slika-3

Мрежниот дел на Mass Effect Andromeda е замислен да биде надградена, а со тоа и подобрена верзија на мултиплеерот од Mass Effect 3. Преку таканаречениот horde режим, вие и уште тројца пријатели ќе се соочувате со бранови и бранови непријатели контролирани од вештачката интелигенција. Бројните елементи од системот од карти се отклучува преку играње на играта, но значително се забрзува со купување пакети со вистински пари (читај: микротрансакции). Одредени временско-ограничени настани, пак, ќе овозможуваат да се пресметувате на одредени мапи и со одредени непријатели за да добиете поголеми награди. Мрежниот дел од играта ќе влијае на крајниот исход од главната кампања, но останува да видиме на кој начин.

Mass Effect Andromeda ќе излезе на пролет 2017, но веќе може предвреме да се нарача и тоа во три различни изданија. Стандардната едиција чини 60 долари и ви ја дава основната игра, а делукс едицијата, која чини 70 долари, го надополнува искуството со облека, оклоп сет од оружја, милениче, саундтрак и еден Multiplayer Launch Pack (пакет од оружја и опрема за мрежниот дел од играта, избран по случаен избор). Третата и најскапата едиција ќе ве осиромаши за 100 долари и покрај работите од првите две едиции дава не еден, туку дваесет такви пакети за мрежниот дел (по еден неделно), како и дваесет премиум пакети за побрзо собирање искуство. Независно со која едиција да одите, предвремената нарачка ќе би даде еден оклоп, скин и Multiplayer Booster Pack.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии