ФБИ на три континенти уапси 74 лица обвинети за имејл измами

Федералното истражно биро објави дека уапсиле 74 луѓе кои се обвинети за кражба на банковни сметки, преку имејл измами. Најголем дел од уапсените се во САД, 42-ца. Потоа следат Нигерија со 29, а останатите доаѓаат од Канада, Маурициус и Полска.

Најпрво преку социјален инженеринг криминалците собираат доволно податоци за да можат да ги убедат вработените во компаниите да им префрлаат пари. Цел на измамата се вработени во компании во финансиски сектор или директорите на кои ова им е дел од работата.

Измамата е малку пософистицирана, и за да можат успешно да ја завршат криминалците треба да дојдат до доволно податоци од директорите. Штом дојдат до имејл сметките, или самите ќе направат трансфер на пари или ќе побараат трансфер од некој од вработените во финансискиот оддел. Вработениот гледа дека барањето доаѓа од легитимен канал и воопшто не се ни сомнева.

„Измамниците можат да им ја соберат на луѓето животната заштеда за само неколку минути. Ова се злобни и морално одвратни злосторства. Одделот за правда презеде агресивна акција против измамниците во последниве месеци. Уште во февруари ја започнавме најголемата акција против измами на американските пензионери.

Само во оваа операција уапсивме 42 лица во САД, а 29 други се уапсени во Нигерија поради финансиска измама.

Сакам да им се заблагодарам на ФБИ, на десетина американски адвокатски канцеларии, на Тајната служба, поштенски инспекциски служби, Агенцијата за домашна безбедност, Министерството за финансии, на нашите партнери во Нигерија, Полска, Канада, Маурициус, Индонезија и Малезија и нашите државни и локални партнери.  Ќе продолжиме со борбата против измамниците за американскиот народ да може да има мир и сигурност“, вели јавниот правобранител.

Бирото успеа да врати околу 14 милиони долари и да замрзне сметки на кои има 2,4 милиони долари.