Facebook во партнерствата споделувал многу повеќе податоци отколку што претходно објави

Најголемата друштвена мрежа споделувала многу повеќе податоци од своите корисници со своите партнери отколку што откри претходно. Apple, Microsoft, Amazon, Spotify и Netflix имале привилегиран пристап до податоци, а во некои случаи дел од овие податоци се и приватните пораки на корисниците, вели New York Times, повикувајќи се на интерни документи од Facebook. Во документите има податоци за тоа како оваа размена на податоците на корисниците требала да им помогне на сите компании да извлечат некоја корист. Секако корисниците на друштвената мрежа немаат никаква корист, освен што сега имаат уште еден показател дека Facebook никогаш не се грижел за приватноста, ниту за нивните податоци.

Еве дел од податоците кои Facebook ги споделил со компаниите, иако корисниците никогаш не го дозволиле ова:

  • Apple имал пристап до контактите и календарот.
  • Amazon имал имиња и контакт податоци на корисниците.
  • Microsoft ги добил имињата и останатите податоци од профилите на пријателите на корисникот.
  • Spotify, Netflix и Royal Bank of Canada можеле да ги читаат приватните пораки на корисниците.

Секако за овие податоци најголем дел од корисниците не се ни свесни. Друштвената мрежа споделува податоци со над 150 компании, некои од нив се уште од 2010 година. Друштвената мрежа има три типа на партнерство преку кои ги злоупотребува податоците на корисниците. Првиот тип е интеграција, ова се однесува на дел од хардверот, на пример Blackberry уредите или телефоните на почетоците кога апликациите доаѓаат со уредот. За овие уреди е креирана апликација која често е достапна и на производителот.

Вториот тип на партнерство веќе не постои – „инстант персонализација“. Секогаш кога посетителот ќе посети некоја веб страница сè што споделил јавно на Facebook се споделува и со страницата. Ова на страниците им овозможуваше прилагодување на страниците за секој корисник. Вакво партнерство Facebook имал со Yelp и Bing на Microsoft. Друштвената мрежа јави дека ваквиот вид на партнерство го прекинува во 2014 година, но New York Times сега вели дека програмата продолжила до 2017 година.

Последниот начин на кој се споделувани податоци со партнерите се специјалните договори. Тука спаѓаат и договорите со Spotify, Netflix и Royal Bank of Canada со кој Facebook им овозможил да читаат и да испраќаат пораки. Ова на Netflix му овозможило да креира платформа со која корисниците преку Messenger можат да споделуваат препораки за филмови.

Facebook објави сопствена верзија или објаснување на овие обвинувања. Но, компанијата не ја демантира веста. Всушност најпрво објаснува како корисниците ја дале својата дозвола, за потоа да објасни како не ја користат оваа пракса веќе 4 години. Сепак тоа не го покажуваат податоците на New York Times, интерните документи покажуваат дека оваа пракса продолжила и по 2014 година.

„Знаеме дека мора да работиме да ја вратиме довербата на луѓето“, вели Стив Сатерфилд, директорот на одделот за приватност и јавна политика на Facebook.

„Заштитата на информациите на луѓето бара посилни тимови, подобра технологија и појасен закон. Како што кажавме ги прекинуваме партнерствата со интеграција кои беа изградени да им помогнат на луѓето да дојдат до полесен пристап до Facebook“.

Во последно време секое објаснување на Facebook има некаква игра на зборови кои кога доаѓаат од одделот за приватност на компанијата веќе и немаат значење. Посилните тимови и подобрата технологија ќе помогнеа за заштита ако Facebook имаше намера да го направи ова. Наместо тоа компанијата само бара дупки за да ја злоупотреби довербата од корисниците. Добар пример се локациски таргетираните реклами. На пример, можете да исклучите баш секакво следење на локација од избор на град до пристап до локации, а нема да се спасите од рекламите. Неодамна Александра Королова  го забележа ова, и кога испрати прашање до Facebook: „Kако се случува ова?“. Го доби овој одговор: „Facebook не користи WiFI податоци за да ја одреди вашата локација за реклами ако локациските сервиси ви се исклучени. Користиме IP и слични податоци како чек-ин и место на престој од профилот. Им го објаснуваме ова на луѓето и на страницата за приватност и на страницата за Facebook реклами“.

Веројатно коментарот на Verge најдобро ја објаснува целата ситуација со друштвената мрежа:

„Неверојатно е колку кислород потрошивме на погрешната претпоставка дека Facebook ги продава нашите податоци – вистинската приказна е дека компанијата само ги давала овие податоци“.

Се чини дека кога од компанијата велат дека корисникот може да одбере што ќе сподели, всушност мислат за податоците кои не им требаат. Facebook зборува за враќање на довербата, но тоа секако нема да случи на овој начин. Веројатно не е никакво изненадување ставот на сенаторот од Хаваи, Брајан Шац:

„Никогаш не било појасно. Потребен е закон за заштита на приватноста. Самите никогаш нема да ја направат вистинската работа. Федералната комисија за комуникација мора да има овластувања над технолошките гиганти“.

1 коментар на “Facebook во партнерствата споделувал многу повеќе податоци отколку што претходно објави

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии