Facebook нема намера да се справи со лажните вести

Најголемата друштвена мрежа одлучи дека лажните вести не се спротивни на стандардите за користење. Ова значи дека лажните вести ќе останат да се споделуваат, иако направија огромна штета.

Овој пат веста доаѓа од друштвената мрежа. Компанијата неодамна на новинарско прашање „зошто дозволуваат InfoWars да остане на платформата“ одговори:

„Го направивме Facebook да биде место на кое различни луѓе ќе можат да го кажат своето мислење. Им овозможуваме на луѓето да ги споделат како сопствено изразување, но нема да ги покажеме на врвот на News Feed“, објасни портпаролот на Facebook.

InfoWars е контроверзна емисија за „информирање“, која често објавува лаги. На пример дека демократите ќе направат втора граѓанска војна на 4 јули (оваа година) или почести вести се дека жртвите на огнено оружје во САД се актери, јави BBC.

Секако со оглед на ширењето на вестите, тешко дека некој е изненаден. Лажните и негативни вести се споделуваат побрзо и повеќе од вистината. Ваквата виралност всушност помага во заработката на друштвените мрежи, па изгледаше неверојатно дека воопшто ќе бидат забранети. (Facebook не им овозможува заработка на сервисите кои споделуваат лажни вести. Рекламите на овие страници се отстранети)

Токму затоа и Марк Закербег секогаш кога зборува за лажни вести зборува со „половина уста“. Друштвената мрежа нема намера да се откаже од заработката. Друштвената мрежа се обидува да биде политички неутрална, најверојатно поради стравот дека ако одберат една страна ќе ја изгубат другата.

Дополнително, ова отстранувањето на лажните вести ќе предизвика обвинувања за цензура, а во Facebook секогаш одбирале линија на помал отпор. За потсетување, кога беа обвинети дека уредниците на „трендинг“ се полиберални, наместо да ги поддржат вработените, ги заменија со алгоритам.

Еден од начините да се справи со лажните вести е да ги отстрани во целост. Да ги забрани и безмилосно да ги отстранува. Наместо ова, друштвената мрежа им го намалува досегот и ги рангира пониско. Со ова, обврската за точно информирање ја префрла кај корисниците.

Она што е интересна можност и би требало да биде опција е предлогот на Џош Константин од Tech Crunch. Сајтовите кои продуцираат лажни вести треба да бидат во карантин, нивните приказни никогаш не треба да излезат надвор од кругот на следбениците. Поточно, дури и да биде споделена веста да остане видлива единствено за луѓето кои од претходно ја следеле страната.

За жал, Facebook никогаш нема да ги забрани и избрише лажните вести. Затоа, сите ќе мора самите да научиме да ги препознаваме и подобро да се информираме.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии