Европската Унија го претстави предлог законот за регулирање на големите технолошки компании

Високи казни и опасност од разделување на компаниите ги очекуваат техничките компании кои нема да ги исполнат законските обврски во Европа. Ова се последиците на двата нови закони кои ќе бидат донесени во иднина.

Повисоките казни ќе бидат од 6 до 10 отсто од заработката на компанијата во Европа. Компаниите кои ќе продолжат да го прекршуваат законот ризикуваат да бидат разделени на делови.

„Брзата и широка промена на дигиталните сервиси е во срцето на дигиталните промени кои влијаат на нашиот живот. Се појавија многу нови начини за комуникација, купување, и пристап до информации. Тие постојано еволуираат. Мора да обезбедиме европското законодавство да ги вклучува и нив.

Овие промени донесоа многу придобивки за нашето општество, но донесоа и нов ризик. Како за нашето општество така и за економијата. Најголем проблем е онлајн трговијата и размената на илегална роба, сервиси и содржина. Онлајн сервисите се злоупотребуваат од манипулативни алгоритамски системи за да го зголемат ширењето на дезинформации. Овие предизвици и начинот на кој платформите се справуваат со нив, имаат значително влијание на основните онлајн права“, објаснува предлагачот на законот.

Регулирањето на работата на големите платформи е овозможено со два нови закони: Закон за дигитални услуги и Закон за дигитални пазари. Иако ја напушти Унијата законот го поддржа и Велика Британија, која ќе донесе свои закони, пренесе Wall Street Journal.

Предлог законите зафаќаат две поголеми области. Првата справување со илегална содржината, втората мерки за справување со злоупотреба на положбата која гигантите ја имаат на пазарот. Обврските кои компаниите треба да ги исполнат растат со големината и влијателноста на компаниите. Токму поради ова на законите се гледа како на сет мерки кои се насочени против големите технички компании од САД.

„Никогаш нема да кажеме дека веруваме дека некоја компанија е премногу голема. Но колку поголеми се компаниите толку се поголеми и нивните обврски“, вели комесарот Тиери Бретон.

Засега станува збор за предлог закони, кои ќе бидат доработени и менувани во периодот кој следи. Интересно, првата поддршка доаѓа од неочекувано место. Facebook е еден од првите поддржувачи на законот.  „Предлозите се вистински чекор за да се одржи сè она што е добро на Интернет“, вели претставник на компанијата.

Предлагачите на законот споделија и неколку практични примери.

На пример друштвените мрежи мора да ги приоретизираат поплаките од доверливите обележувачи, кои во минатото укажале на вистински проблеми.

Големите продавници платформи ќе мора да ги следат и да имаат вистински идентитет на трговците кои продаваат на нивната платформа. Ова е за случај да продадат фалсификати за потоа да можат да бидат лесно пронајдени.

Дополнително платформите ќе мора да се прилагодат на локалните закони. На пример, ако во некој град е задолжителна регистрацијата на домовите кои се огласени за изнајмување, платформи како Airbnb мора или да го отстранат огласот или да побараат дополнителни информации за сопственикот.

Конечно компаниите кои имаат над 10 отсто од пазарот во Европа ќе мора да објавуваат годишен извештај за ризиците, илегалната содржина, дезинформации и слично.

Периодот во кој ќе бидат донесени овие закони е непознат. Промените и усогласувањата може да траат неколку месеци, но и неколку години.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии