Eвропа го укина роамингот, но ќе има ограничување маскирано како „фер користење“

Вчерашните промени кои ги донесе Европскиот парламент, иако беа критикувани заради интернет неутралноста, сепак доаѓаат со една добра вест за укинување на роамингот во Европа од средината на 2017 година. Разговорите за укинување на роамингот во Европа траат долго, и се чини дека покрај најавите за укинување, сепак Европјаните ќе останат со „куси ракави“.

Намалувањето на роамингот ќе биде во неколку фази оваа година. Роаминг цените за разговор сега се движат од 19 центи за минута разговор, пет центи за дојдовен повик, шест центи за порака и 20 центи за мегабајт. Следната година во април цената ќе биде дополнително намалена, а во 2017 година роамингот ќе биде прекинат, иако ќе постои ограничување од страна на операторите што ќе биде маскирано како „фер користење“. Законот кој е во изработка две години, сè уште не е финален одговор на барањата за укинување на роамингот. „Дури и ако прегледот е направен до 15 јуни 2017 година кога е и крајнот рок, наплатувањата на роамингот ќе бидат суспендирани со клаузула за фер користење, над која корисниците повторно ќе плаќаат роаминг,“ вели Џулија Реда, европратеничка и член на шведската Партија на пирати која пропагира слободна дигитална комуникација.

Операторите велат дека намалувањето на цените на роамингот ќе ја намали нивната заработка, но имајќи предвид дека дури 90 отсто од корисниците не ги користат своите телефони надвор од својата држава, дури и да имаат загуби тие нема да бидат преголеми. Од друга страна благодарение на технологијата, апликации како WhatsApp, Viber и Skype навистина ќе овозможат укинување на роамингот и тоа не само во Европа, туку и пошироко.

„Дозволата на компаниите да им го ограничат бесплатниот роаминг на корисниците кои често патуваат не е одржување на ветувањето за крај на роамингот во Европа. Вистинскиот крај на роамингот зависи од обемна реформа на пазарот, што е невозможна задача да се заврши за 13 месеци,“ вели Моик Гојенс, директор на Европската организација за заштита на потрошувачите за Guardian.