Еволуцијата на паметниот дом и како да се извлече максимумот од истиот

“Паметен дом”, попознат како smart home, како концепт е нешто што често го поврзуваме со автоматизација низ домот. И иако тоа е во голем дел точно, тоа не е се кога се зборува за паметен дом. Концептот постои одамна и денес имаме огромен број на луѓе кои сметаат дека ваквата технологија е добра инвестиција.

Доколку не сте корисник на вакви уреди, сигурно сте се запрашале што точно значи да се има паметен дом, како би изгледале работите кога би одлучиле да инвестирате во технологијата, и секако, што и каде може да се најде кај нас? Да почнеме со ред…

Што е паметен дом?

Паметниот дом е всушност комбинација на уреди, кои имаат за цел да го направат нашиот дом поедноставно и поубаво место за живеење користејќи технологија, но и да ни заштедат по некој денар со намалена потрошувачка на струја. Бидејќи одат рака под рака со домашната автоматизација.

Првите уреди од оваа индустрија се појавуваат во 1900-тите, кога е воведена дистрибуцијата на електрична струја во домовите. Зборуваме за машината за перење (1904-та година), како и фрижидерите, машините за миење садови, машините за шиење, и машините за сушење облека.

Иако ова изгледа прилично рано, првата мрежа за домашна автоматизација не била развиена до 1975, кога бил претставен X10 протоколот за комуникација помеѓу електронски уреди. Истиот користи радио фреквенции за пренос на податоци, и дури и покрај фактот што денес има многу протоколи кои ја вршат оваа работа, останува еден од најраспространетите. Првите уреди кои го користат овој протокол биле командна табла со 16 канали, модул за лампи и модул за уреди за домаќинство.

Денес ситуацијата е прилично интересна. Имаме мноштво на протоколи за комуникација кои се користат за уредите што сочинуваат паметен дом. Токму поради ова, комуникацијата помеѓу уреди кои не се од ист производител е отежнета, бидејќи не сите го користат истиот протокол за комуникација. Сепак, ваквите уреди несомнено ни го олеснуваат секојдневниот живот, и со нивното паметно работење ни овозможуваат да заштедиме по малку на сметките за електрична енергија.

Ова се очекува да се промени во скоро време, благодарение на проектот “Connected Home over IP”. Проектот го води Zigbee Alliance, заедно со компании како Apple, Google и Amazon. Истиот има една цел, а тоа е да сите производи кои се користат во паметниот дом да го користат Zigbee протоколот за комуникација. Ова драстично би ја поедноставило ситуацијата, бидејќи сите уреди ќе можат да комуницираат едни со други, што е и целта на самиот концепт. Но, не се вознемирувајте – Apple, Google и Amazon уверуваат дека постоечките производи ќе продолжат да функционираат како што функционираат и денес, и покрај новите производи кои се префрлаат на друг стандард.

Сите моментално сертифицирани продукти со овој протокол може да ги најдете на следниов линк.

Со кои уреди би можеле да започнете?

Доколку сте во размислување да направите инвестиција и да си го направите домот поубаво место за живеење, сигурно се прашувате со кои од многуте уреди треба да се започне. Секако, паметно би било да ги купите прво оние уреди од кои ќе имате најмногу корист, а оние кои се помалку важни (и поскапи) да останат за подоцна.

Паметен асистент

Следејќи ја таа логика, прв и најважен уред кој треба да го купите е звучник со вграден паметен асистент. Покрај Google Home со Google Assistant и Amazon Echo со Alexa, ги имаме и Apple HomeKit уредите кои доаѓаат со Siri, како и уреди од други производители кои поддржуваат еден (или повеќе) од овие три асистенти.

Без да навлегуваме во длабоки дебати за тоа која опција е најдобра, треба да знаете дека Amazon Echo уредите и Alexa имаат најдобра компатибилност со уреди од други производители. Apple HomeKit со Siri се најлесни за користење, но компатибилноста им е прилично слаба поради тоа што се релативно нови играчи во индустријата, додека Google Home со Google Assistant се некаде на средина.

Секако, можете и да купите уреди кои се поврзуваат на вашата Wi-Fi мрежа и не им е потребен звучник, но тоа значи дека ќе сте прилично ограничени од гледна точка на функционалност и можности на вашиот паметен дом. Исто така, со вакви уреди сте приморани да го користите вашиот смартфон за нивна контрола.

Паметно осветлување

Откако ќе се определите за тоа кој паметен асистент најмногу “ви лежи”, следно би требало да се опреми домот со паметно осветлување. Ваквото осветлување ќе ви овозможи многу. Добивате светла во било која боја насекаде низ домот (пример Philips со својот продукт Hue нудат сијалици кои менуваат 16 милиони бои), кои може да се контролираат преку вашиот телефон, или преку звучникот што го спомнавме погоре.

Ова исто така ви дава можност и да подесувате целосни сцени кои се менуваат од светла и “жива” соба за секојдневие, до пригушена атмосфера со послабо осветлување, идеална за гледање некој филм или серија и опуштање после работа.

И уште една прилично важна придобивка е фактот што со паметно осветлување може да се создаде впечаток дека некој е дома, дури и кога вие сте на одмор на спротивниот крај на светот. Ова е голема безбедносна придобивка, бидејќи кражби ретко се случуваат кога сторителите мислат дека има некој дома.  

Паметна брава и видео ѕвонче

Последните два уреди кои сметаме дека спаѓаат во основите на паметен дом се паметната брава и видео ѕвончето. Паметните брави ја заменуваат обичната брава и потполно го елиминираат влегувањето со обичен клуч. Не само што не мора да носите клуч со вас повеќе, туку и не морате да криете клуч надвор од дома, за во случај да го заборавите вашиот. Отклучувањето е овозможено или преку цифрен код, или преку вашиот смартфон.

Исто така, тука е и фактот што со паметна брава ја имате можноста да ја отклучите и заклучите вашата влезна врата од било каде во светот. И, да не заборавиме, благодарение на фактот што бравата е поврзана на вашата домашна мрежа, имате целосен преглед врз тоа кој, кога и како влегол во вашиот дом. Убаво е да се напомене дека вакви брави се достапни и за вратата од вашата гаража, не само за онаа од домот.

Заедно со паметната брава, убава инвестиција е и видео ѕвонче. Покрај функционалноста на обично ѕвонче, добивате и видео камера која се активира секојпат кога некој ќе заѕвони. Не само што не мора да сте физички присутни за да видите кој ви е на врата, туку имате и можност да разговарате, користејќи ги звучникот и микрофонот кои ваквите ѕвончиња ги имаат.

Оваа комбинација ви овозможува во било кој момент да видите кој ви е пред врата, и да одлучите дали ќе му ја отклучите вратата или не, дури и кога не сте дома. Повеќето ѕвончиња имаат и сензор за движење, што значи дека ќе знаете дека некој е надвор дури и без тој или таа да зазвони на ѕвончето.

Понапредни (и поскапи) уреди

Неколкуте работи кои ги споменавме погоре се само почетокот. Како дел од паметниот дом има уште огромен број на уреди кои може да се купат, но повеќето од нив се скапи и за нив треба убаво да се размисли дали навистина ќе можете да ги искористите придобивките.

Во ваквите уреди се вбројуваат паметните уреди за домаќинство, како фрижидери, шпорети, машини за перење и сушење облека, машини за миење садови и слично. Сами по себе уредите се значителна инвестиција, и со додавањето на паметна функционалност како поврзување на интернет и контрола на уредите од каде и да сте, таквата инвестиција станува поголема. Исто така, термостат е уште една од поскапите работи за кои вреди да се размисли.

Алтернатива на ова, со која би можеле да заштедите малку, е да купите паметни приклучоци за струја. На овој начин, можете да определите дали одреден уред има пристап до струја или не преку вашиот смартфон. Секако, колку ова ќе ви користи зависи од конкретниот уред, како и тоа за што ќе го користите.

Што, и каде може да се најде во Македонија?

Една работа што не радува е што во Македонија има прилично солиден избор на уреди за паметен дом, од повеќе компании и на повеќе продажни места. Ова ви дава избор, и може да си направите екосистем од уреди од истиот производител, кој би го одбрале во зависност од буџетот. Достапни се следните производители:

  • Natec Lanberg, во Анхоч
  • KNX, во ЛИРА
  • Xiaomi, во Mi Store, T-Mobile
  • Nedis, во Логинг
  • Control4, во Коди
  • Satel, во Wizard Системи и Фибернет
  • Shelly, во Делукс Дистрибуција
  • Zipato, Aeotec, Fibaro, Foscam во А1
  • и др…

Фактот што има различни производители на располагање значи дека може да се одбере систем кој би се состоел од основните компоненти, со кој би заштедиле, но може и да се оди на нешто поскапо и понапредно. Изборот е ваш.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии