Интервју со GG.mk: Емисијата за игри надмина 110.000 прегледи на Twitch

Можеби GG.mk немаше да биде кул подкаст кој стреми кон големи нешта, ако не го отфрлија традиционалното размислување, по избор или поради околностите. На почеток, како и сите емисии, сакаа да одат на некоја од македонските телевизии бидејќи се надеваа дека телевизиите ќе им понудат спонзори и маркетинг. Разговараа и со националниот сервис МРТВ, но за среќа на македонската гејмерска заедница тие преговори завршија неуспешно. Сега домот на GG.mk е Twitch, популарна гејмерска платформа на која емисијата има над 110.000 прегледи и верна публика од која дел се претплатници. Изборот на гејмерска платформа значеше дека премиерите во понеделник во 22:00 часот привлекуваат повеќе публика од снимките закачени на YouTube. Тие сега се на вистинското место со таргетирана публика, и имаат добра основа на која може да си го изградат сонот – да станат интернет телевизија за гејминг.

„Емисијата оди во живо и интеракцијата со луѓето е бесценета, затоа и посетеноста на Twitch е голема. Тука се и подароците кои ги даваме. На YouTube мора да оди затоа што (за сега) на Twitch нема опција да се чуваат сите епизоди па доколку сака некој да прегледа нешто од поодамна не може. Плус, кај нас сè уште важи правилото (за барање на средства): „Ако те нема на Youtube, те нема никаде!”, вели Гораст, еден од основачите на GG.mk.

Емисијата има едноставен формат со голема цел – сака да ги претстави најдобрите игри и да ја поддржи локалната гејминг заедница. Ја водат Гораст Цветковски, Данко Димоски и Бобан Стојчевски кои преку ден се актер, продуцент и маркетинг менаџер, а преку ноќ се претвораат во страствени гејмери што сакаат да дискутираат за гејмплеј и технологиите зад игрите, за е-спортот и за неверојатниот бизнис на видеоигри кој успева да прави повеќе пари од филмската и музичката индустрија заедно. Иако е видео подкаст во кој повеќето од времето ги гледаме седнати на кауч како се расправаат, сепак сите тројца имаат различна идеја за добра игра што ја прави емисијата да биде интересна. Додајте ги коментарите од публиката, кои никогаш немаше да ги имаат доколку беа на телевизија, и добивате час и половина забавна емисија за игри. Љубовта кон видеоигрите е бонус.

„Играњето игри е хоби како и секое друго, точно е дека во нашата држава на тоа се гледа со мала доза на презир, но мислам дека многу бргу тоа ќе се смени“, вели Бобан. „Едукацијата е главниот фактор за сето ова, што повеќе работиме на образување на публиката во врска со важноста на оваа индустрија и приходите кои таа ги генерира на годишно ниво, толку побргу сите ќе разберат дека од ова може да се живее. И за крај… Се гледам себеси како на 70 години седам пред PC и играм некоја игра со внуците“, вели Бобан.

Амбицијата на GG.mk е да креираат интернет телевизија за сé поврзано со гејмингот. И плановите полека се остваруваат. Покрај подкастот, често се стрима гејмплеј од различни игри, се стримаат локални гејминг настани како Global Game Jam, и веќе се најавени две нови емисии. Бобан ни откри дека една нова емисии ќе биде за сé попопуларните игри на табла, и ќе се вика вика Борд Гејмс направен во соработка со Милан Тасевски. Во план е и редизајн на студиото и купување на подобра опрема за стримање. „Идејата се надгради и уште стои дека GGTV може и ќе стане регионален центар за гејминг и забава. Можностите се бескрајни. Останува уште ние да истраеме да се дигнат ролетните кај тие што треба“, вели Гораст.

Но, пред себе имаат предизвик. Треба да срушат еден глупав стереотип дека видеоигрите се несериозно хоби. Губење на време, би рекле некои. Но, за Данко, локалниот менталитет не треба да има никакво влијание врз гејмерите кои сакаат да се натпреваруваат. „Сé што е поврзано со гејминг мислам дека не е воопшто врзано географски. Што се однесува за играње игри компетитивно само стабилен интернет е нешто кое што влијае, а мислам дека барем тоа во Македонија е нешто кое што лесно се стекнува“. Но, ако сакате да создавате игри, тогаш можеби ќе имате проблем.

„Развивање и живеење од игри е малку друг тип на монструм, најмногу заради тоа што сè уште е во рана фаза „game development” културата во Македонија. Постојат многу големи фирми кои што пласираат продукти на мобилниот пазар, ама многу малку се занимаваат со развивање на сериозни проекти кои би се пласирале на играчките конзоли и компјутерите. Прашање е на време кога ова ќе се смени, полека полека фирми како Tesseract, Kamai и Raining Blobs го кршат мразот за изработка на наслови кои се пласираат на Stеam или некоја друга продавница“, вели тој.

Тука е секако и е-спортот, кој на глобално ниво привлекува внимание пред сѐ поради милионските наградни фондови што се делат по турнирите. Во Македонија постои е-спорт, но со индивидуални тимови и гејмери кои се обидуваат да направат нешто сами. Затоа беше неочекувано што неодамна имаше дискусија за е-спортот во Собранието на Република Македонија. Сепак, таа дискусија беше лаичка и предизвика презир кај гејмерите, и посебно кај GG.mk кои побараа вистинска поддршка за гејмерите.

„Дефинитивно е во полза на која било постава е да се поддржи гејминг културата во државава. Факт е дека нѐ има во огромен број и таа бројка само ќе продолжи да расте. Но тоа мора да се направи со сериозен план направен од информирани луѓе. Но бебешки чекори е тоа што претстои пред нас, како и секаде во светот гејмингот е нешто кое е сѐ уште ново, и тешко да се разбере поради брзата природа на неговото ширење. Пред 6 години имаше мали турнири на светско ниво каде ретко се заработуваше повеќе од 1000 евра за победено прво место. Сега имаме наш човек од Св. Николе кој заработи илјадници евра во еден месец со освојување на 2ро и 3то место на турнири. Потенцијалот е огромен на две страни. Едната е да се направи нешто добро за гејмингот, а другата е поради неинформираност да се направи огромна штета. Мора внимателно да се движиме напред“, вели Данко.

За крај ги прашавме која им е омилената игра на GG.mk. Поточно ги прашавме ако се на пуст остров, која игра би ја играле засекогаш до крајот на време? За Данко oдговорот е креативната Minecraft, за Бобан тоа е секако World of Warcraft со сите идни експанзии бидејќи на неа запознал кул луѓе со кои сега игра игри и снима гејминг подкаст. За Гораст најдобрата игра е „Тетрис… ама кога го прочитав одговорот на Бобо и јас сакам да играм WoW со него…“.

1 коментар на “Интервју со GG.mk: Емисијата за игри надмина 110.000 прегледи на Twitch

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии