EMBRY е вештачка интелигенција за ин витро оплодување изработена од Иван Аџи-Крстев

Оваа недела Иван Аџи-Крстев во Symphony-Solution го претстави своето решение кое со помош на вештачка интелигенција им помага на паровите кои со ин витро постапка се обидуваат да дојдат до потомство. Со оглед на тоа дека ин витро е скап и исцрпувачки метод, секој напредок е добредојден.

Со г. Аџи-Крстев разговаравме за технологијата и за неговата мотивација.

Кажи ни нешто повеќе за себе?

Програмирам одамна, мојата прва веб страна ја направив кога имав 12 години, беше за основното училиште Лазо Трповски. Отсекогаш сум се интересирал за ИТ. Постојано се обидувам да правам различни, нови работи. Тоа е доброто во ИТ, има широка палета на технологии. Сега имам повеќе од 8 години работно искуство.

Моментално работам во Symphony-Solutions како Python/DevOps девелопер за HPE. Веќе неколку години интензивно се занимавам со AI, каде меѓу повеќето експерименти и проекти се роди и EMBRY.

Од каде идеја за примена на вештачка интелигенција во ин витро фертилизација?

Мојата сопруга Мимоза Аџи – Крстева е ембриолог во NewBorn Clinic, специјализиран ин витро центар во МК.  Сè започна со детектирање објекти во слика и видео. Се обидував да ја убедам дека можам да детектирам зрели јајце клетки. Нормално дека успеав. Конечно и јас за нешто да бидам во право по дома (иако таа сè уште не знае :) ).

Понатаму започнавме да навлегуваме во детали и да пронаоѓаме решенија со примена на вештачката интелигенција.


Kaжи ни нешто повеќе за апликацијата AI во IVF. Кои се предностите? Објасни ни како функционира апликацијата?

Апликацијата го следи целиот процес, односно ги запишуваме деталите и информациите од пациентите како: причина за ин витро, години, број на обиди во ин витро, број на јајце клетки, оплодени, како и уште многу други детали.

Со помош на камерите што ги имаат во микроскопите во лабораториите, детектираме зрели јајце клетки, дефинираме од кој ден се ембрионите, нивниот квалитет и сите пропратни информации. Kако краен чекор, сите овие информации влегуваат во алгоритам и на тој начин се предвидува успехот.

Користењето на Embry има повеќе предности, но најважни е дека детектирањето им помага на ембриолозите побрзо да го увидат квалитетот на клетките и да бидат попрецизни во изборот на ембрионите. Со предвидувањето им е дадена само уште една техника со која го носат успехот на ин витро на една скала повисоко.

Со целиот овој процес може да се намали бројот на обиди кај пациентите, а воедно ги намалуваме и финансиските трошоци, не само на пациентите, туку и на државата. Државата ги плаќа првите три обиди за ин витро.

Кои се твоите предвидувања за иднината на вештачката интелигенција?

Како и секоја голема технологија што се одвива, таа е веќе е во нашето секојдневие. Почнувајќи од Facebook, Google, Amazon. Верувам дека ќе промени многу, особено во истражувачки цели. Со собирање на податоци и правење анализи, се отвораат нови проблеми за решавање.

Како технологија може да ни помогне за многу работи, особено во медицината.

Дали имаш сознанија дали има и други AI проекти во Македонија?

Да, има доста интересни и сериозни проекти со вештачка интелегенција во Македонија. Имаме навистина квалитетен кадар и сметам дека треба да го искористиме. Конкретно за ин витро, не сум сретнал. Надвор од Македонија, постојат, но за разлика од нив, каде го земаат само последниот чекор на инвитрото, односно информации за ембрионите, јас го следам целиот процес од почеток, имаме повеќе информации во игра и на некој начин сме повеќе точни.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии