Во потрагата по алатки кои би можеле значително да ни ги олеснат или целосно елиминираат здодевните рутини наидовме и на IF, создаден од добро познатиот сервис .If This Then That.
If by IFTTT е мала, но исклучително корисна алатка која е заснована врз добро-познатиот принцип за сите љубители на табели и кодови. Имено, IFTTT доаѓа од if this, then that, односно ако ова, тогаш тоа. Со ваквиот едноставен принцип се мисли ако една работа се случи (фотографирање со камера) автоматски да се случи нешто друго (да се постави фотографијата на Instagram).

If by IFTTT ви дозволува да поставувате бројни вакви ситуации за кои кога ќе се створат услови автоматски да стапи на сила некоја друга акција. Пример, кога ќе поставите статус на Facebook, автоматски да се постави истиот статус на Tumblr или Linkedln. Или, секојпат кога ќе лајкнете нешто на YouTube или Vimeo автоматски да се постави и на вашиот блог.
Релативно новата апликацијата може да добие пристап до GPS на вашиот телефон и секојпат кога ќе се најдете пред маркет автоматски да прати порака на вашите најблиски за да ги праша дали сакаат нешто да им купите. Уште подобро, доколку имате паметни направи дома можете да наместите најразлични акции секој пат кога ќе влезете или излезете (како, на пример, да се исклучи вашиот Nest термостат секојпат кога ќе се оддалечите од домот).
Правење вакви комбинации односно акции и последици се наречени рецепти од тимот на IF. За нивните бројни потенцијали како усогласување со вашиот паметен дом, останување во контакт со најблиските, подобра продуктивност, здравје и штедење ви препорачуваме да го посетите и нивниот сајт.
Апликацијата IF е достапна за iOS и за Android.







