Дуан Јонгпинг, основач на Oppo и Vivo и „кум“на кинеските паметни телефони

Дејан Соколоски

во Вести

Кинеските производители на паметни телефони, полека но сигурно го освојуваат пазарот. Huawei, Xiaomi, Oppo, Lenovo веќе одамна се во врвот на листите на најпродавани и најпосакувани телефони.

Дуан Јонгпинг преку BBK Electronics е основач на дел од производителите на паметни телефони. BBK Electronic Group има удел во основањето на Oppo, Vivo, OnePlus и Realme. Поради своето учество во основањето на сите овие компании, г. Јонгпинг е познат и како кум на кинеските паметни телефони, а поради паметното инвестирање е познат и како „Кинески Бафет“. Сепак веројатно е најпознат по неговото учество во развојот на Oppo и Vivo, главно преку совети, но и инвестирање во компаниите.

Г. Јонгпинг е електро инженер, иноватор и претприемач. Роден е 1961 година во Нанчанг, главен град на провинцијата Џаингкси, во Југоисточна Кина. Во 1978 година го завршил своето високо образование на Универзитетот во Жеџијанг, на катедрата за безжична електроника. Во 1989 година се вработил прв пат и наскоро станал директор на оваа компанија.

Сепак ова не му било доволно. За шест години го креирал кинескиот бренд Subor. Како многу кинески компании во овој период и Subor работи на креирање на копии од популарни производи. Еден од првите производи е копија на едукативната конзола од Nintendo, Famicom. Името на кинеската верзија е „Little Tyrant“, a во дел од рекламите се појавува и популарниот актер Џеки Чен.

Конзолата била можеби и една од најомилените, а токму заработката од оваа конзола и помогна на компанијата да надмине 1 милијарда јуани (тогаш 148 милиони долари).

„Во почетоците често велевме дека нашите производи нудат одлична вредност, за ниска цена. Сепак со годините сфативме дека ова е единствено оправдание за инфериорни производи“.

Во 1995 ја основа и BBK Electronics, во оваа компанија има удел од 70%. Од самиот почеток се поделени во 3 сегменти: образовен; аудио-визуелен, видео и DVD-плеери; и комуникациски, сега паметни телефони, но во почетоците фокусот беше на безжични уреди. Производите на компанијата брзо се пробиваат на пазарот на безжични телефони, DVD, електронски дневници, PDА и слични уреди. Неговата компанија е една од првите кинески кои се свртеа кон Запад, во 1998 година го најмија Арнолд Шварценегер за рекламирање на нивните производи.

Најголемиот успех на компанијата доаѓа од програмата за партнерство. Со оваа програма се овозможува креирање на независни бизниси кои ќе произлезат од BBK, а токму вака и биле креирани Oppo Electronics и Vivo. Растот на компанијата од 2010 до 2012 година главно е поради значителниот интерес на домашниот, кинески пазар на кој интересот и побарувачката за телефони се зголемува двојно секоја година.

Во 2018 година Oppo и Vivo заедно беа на второ место по продажба на телефони во Кина. Пред нив се единствено Huawei, а зад нив останаа Apple и Xiaomi. Дури и на светскиот пазар се во топ 10, поточно на петтото и шестото место според продажбата.

Сепак раните успеси не го прославија г. Јонгпинг. Прв пат го забележаа во 2006 година, кога на јавно наддавање на eBay понудил 620 100 долари за работен ручек со Ворен Бафет. Причината за ова не била за да презентира некоја бизнис зделка, само сакал да му се заблагодари на познатиот инвеститор.

„Толку многу научив од него и неговата филозофија на инвестирање. Сакав можност да се заблагодарам“, изјавил за South China Morning Post.

Иако основал огромни компании кои и денес се гиганти, најголемиот успех го доживеал откако се преселил во САД и започнал да инвестира на кинескиот пазар. Во 2001 година BBK за прв пат имал профит од над 1 милијарда долари. И токму во овој период тој одлучил дека ќе се пресели во Пало Алто. Кон оваа одлука придонело и тоа што неговото семејство, сопругата и децата веќе живеле во САД.

Следејќи го советот на г. Бафет „Не инвестирај во она што не го знаеш. Фокусирај се да го разбереш бизнис моделот и како компанијата заработува. 95% од инвеститорите се фокусираат на реакцијата на пазарот. Тоа е погрешно“, започнал да инвестира на кинеската берза, главно во телекомуникацискиот сектор. Во 2003 година, по само две години беше еден од 100 најбогати Кинези, со над 120 милиони долари. Најголем дел од овие средства сега се во добротворни цели. На своите деца не сака да им остави многу пари.

„Наша должност е да им дадеме добро образование и да ги оставиме да ги оставиме да ја најдат работата која им се допаѓа. Додека заработуваш ќе научиш многу интересни работи. Но, ако парите ти се подарок, ќе бидеш лишен од овие и работи и животот ќе ти биде здодевен“.

Денес г. Јонгпинг не е на високите места на листите на најбогати Кинези, сепак е познат како голем филантроп. Најмногу донира во образованието, но во овој период од животот вели дека најважни му се семејството и пријателите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии