Друштвена игра на месецот: Ticket to Ride – забавна железница

Овој текст е дел од серијалот “Друштвена игра на месецот” во соработка со Гоблин Друштвени Игри.


Инспирирани од патувањата околу светот на Филеас Фог (Пат околу светот за 80 дена), секоја година се собирате со друштвото да раскажувате за патешествијата и авантурите кои сте ги имале, се додека еден ден не решите да ги направите работите поинтересни…

За облог од еден милион долари се натпреварувате со пријателите, кој ќе посети најмногу градови со железница низ цела Северна Америка во период од седум дена.

  • Дизајнер: Alan R. Moon
  • Број на играчи: 2-5
  • Возраст: 8+
  • Времетраење: 45 минути
  • Издавач: Days of Wonder

Во Ticket to Ride играчите се обидуваат да освојат што повеќе поени преку поврзување на северно-американските градови, со железница. За освојување поени постојат три начини:

  • Со поврзување на два соседни градови со возови.
  • Со поврзување на два градa кои се истакнати на вашите карти со мисии (тикети за дестинација).
  • Со направена најдолга железница, која се состои од најмногу поврзани вагони.

На почетокот, сите играчи добиваат по 45 вагони од својата боја, четири карти од заедничкиот шпил и по три тикети за дестинација. Заедничкиот шпил е составен од карти во седум различни бои и џокери кои ја заменуваат било која боја. Овие карти во текот на играта ги собирате во комплети од една боја и ги менувате за вагони. Со вагоните поврзувате соседни градови и така исполнувате еден сегмент од мисијата, која може да биде составена од повеќе или помалку вакви сегменти. Во зависност од тоа е и нејзината вредност во поени.

На својот потег играчот има три избори:

  1. Поврзување два соседни градови со вагони (oваа акција се прави така што после играњето на потребните карти, ставате и соодветен број на вагони од вашата боја на пругата меѓу двата града).
  2. Влечење на две нови карти.
  3. Влечење на нови тикети со дестинација. Тикетите со дестинација преставуват мисии, кои на крајот ви носат поени ако сте успеале да ги поврзете назначените градови. Ова е всушност пресудниот начин на собирање поени.

Кога на некој играч на крај од потегот ќе му останат нула, еден или два вагона во неговото купче, сите останати играчи добиваат уште еден последен потег. Потоа ги собирате останатите поени од мисии и најдолга железница. Играчот со најмногу поени е победник.

Тука е важно да се истакне дека во текот на играта играчот може да влече колку сака мисии/тикети, но на крајот вредноста во поени на неисполнетите мисии, се одзема од вкупниот збир!

Ticket to Ride спаѓа во категоријата на игри со мала комплексност, што значи дека правилата се лесни и набрзина може да се впуштите во играта, а самите партии траат  околу 60 минути. Визуелно изгледа одлично и компонентите се квалитетно изработени, што е карактеристика на сите игри на производителот Days of Wonder. Механиките се едноставни и дозволуваат влијание на среќа во играта, поради што малку е тешко да се планира однапред. Но, од друга страна ова доведува до интересни конфликти меѓу играчите, а малата хаотичност се надминува лесно со добра стратегија.  Нормално, играта е позабавна кога се игра со повеќе играчи, но притоа се зголемува непредвидливоста и факторот среќа. За да функционира беспрекорно, правилата се малку сменети кога се игра како дуел.

Извор: Red meeple

Ако ви се допаѓа темата, сигурно би ви ја препорачал, особено ако прв пат се среќавате или пак немате големо искуство со друштвени игри.

Достапна во верзии со американска, европска, светска мапа… Играва е погодна за било кој профил на играчи и со продадени над три милиони примероци, е една од најпродаваните и најпопуларните игри на денешницата.

Ticket to Ride може да ја најдете во Гоблин или на следниот линк.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии