Овој текст е дел од серијалот “Друштвена игра на месецот” во соработка со Гоблин Друштвени Игри.


Велат дека една слика вреди илјада зборови. Во Dixit ваше е да одлучите колку зборови вреди да се употребат, за да се долови една слика. Поточно, една од 84-те различни слики, нацртани на карти. Цртежите се често надреални и делува како да се излезени од соништата. Некои се сериозни и помалку мрачни, а други пак се весели и ведри. Дизајнирани се за да ја разбудат имагинацијата и нарацијата кај играчот.

  • Дизајнер: Jean-Louis Roubira
  • Број на играчи: 3-6
  • Возраст: 6+
  • Времетраење: 30 минути
  • Издавач: Libellud

Повеќето друштвени игри содржат најразлични компоненти, упатства, знаци, делчиња, натписи, мапи и што ли уште не. Тие ги спротивставуваат стратегиските, тактичките, логичките способности на играчите. Клучната компонента на оваа игра се 84-те различни карти, преку кои играта ви дозволува да си поигрувате со имагинацијата на останатите. На нив нема никакви знаци, бројки, упатства, насоки, само цртеж.

Сите играчи добиваат по шест карти. Еден е раскажувач. Тој избира една од своите карти и ја објаснува на другите. Како сака. Со еден збор, со цел текст, со реченица. На било кој начин.

Секој од останатите играчи зема по една карта од своите шест. Тоа е картата која тој смета дека е најблиску до она што раскажувачот го опишал и му ја дава на раскажувачот, без да ја видат останатите. Раскажувачот ги меша картите кои му се дадени заедно со својата, а потоа ги превртува однапред, за да ги видат сите.

Следува симултано гласање, преку кое играчите се обидуваат да погодат која карта ја објаснувал раскажувачот. Треба да погодат која е неговата карта. Доколку сите погодат или пак никој не погоди, раскажувачот не добива поени, а сите останати добиваат по два. Инаку, раскажувачот и само тие што погодиле добиваат по три поена. Дополнително, секој играч кој добил глас за својата карта, добива по уште еден поен. Потоа се менува раскажувачот и целата процедура се повторува се додека некој не собере 30 поени или додека не се испразни шпилот со карти. Тогаш играта завршува, а тој што има најмногу поени – победува.

Комуникацијата и нарацијата се во прв план. Тоа се и предностите на Dixit, што ја прават посебно погодна не само за било каков тип на играчи, туку и за оние кои немаат никаков допир со игрите на табла. Секако дека е погодна и за играчи од различна возраст. Овие карактеристики, како и суштинската инвентивност и минимализмот во пристапот на дизајнирање на играта, ја направија да биде една од најпродаваните игри кај нас и во светот, како и една од најнаградуваните. Меѓу другите, добитник е и на најпрестижната награда во светот на друштвените игри – Германска Игра на Годината, Spiel des Jahres.

Играта постои во две основни изданија и додатни тематски експанзии. Сите производи содржат по 84 различни карти.

Dixit производите можете да ги најдете во Гоблин или на следниот линк.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии