Драган Јосифовски: „Македонските купувачи се спремни за онлајн купување, слабата понуда е главната причина за неразвиеноста на овој пазар“

На почетокот на годината со работа започна Пакет.мк. Онлајн продавница која овозможува купување и достава на производи. Креаторот на продавницата Драган Јосифовски, претходно имаше искуство со divano.mk и уште неколку други проекти. Досега продавницата има над 500 клиенти и околу 1000 порачки.

Од каде идејата и потребата вашите физички маркети да ги надополните и со онлајн маркет? Проект базиран на желба за иновација или потреба во „борбата“ за корисниците со поголемите маркети?

Paket.mk е независен проект. Се развиваше независно, а соработката со Зур се случи при склопувањето на финалниот концепт. Така што не би можел да коментирам од тој аспект. Paket.mk се разви како чист e-commerce проект, како желба да се донесе нов пристап кон е-трговијата во Македонија.

Големите ланци на маркети се добро развиени и имаат солиден концепт за контекстот во кој функционираат. Ние не се бориме со нив – тие уште долго време ќе бидат доминантни играчи во малопродажбата во Македонија. Сепак, ние пробуваме да ја најдеме нашата шанса во онлајн светот каде што веруваме дека сме подобри од нив. Тоа се покажа и преку нашиот раст и популарност која ја достигнавме со многу мали инвестиции и за период од помалку од 6 месеци.

Колку долго постои можноста за онлајн плаќање и достава до дома? Како функционира?

Уште од почетокот (17.01.2018) ги нудевме тие можности. Онлајн плаќањето е всушност и единствениот начин на плаќање. Се одлучивме за таков пристап, бидејќи силно верувавме дека тоа е правилниот пат за да развиеме вистински e-commerce бизнис. Јас лично сметам дека опортунистичкиот пристап и правењето на секакви компромиси со прифаќање на офјалн алтернативи со цел остварување на краткорочен профит се погрешни, долгорочно нерационални и ја уништуваат културата во e-commerce стартапите.

За доставата до дома интензивно користиме технологија, па можам да кажам дека ни оди прилично лесно. Голем дел од процесот е автоматизиран, а веќе се имаме искачено и високо на кривата на учење, па слободно можам да кажам дека Paket.mk ја има најбрзата и најточната испорака на пратки во Скопје, споредено со било кој друг сервис за испорака на пратки или брза пошта.

Кое е досегашното искуство? Колкав е интересот на корисниците за онлајн купување и достава до дома?

Искрено не очекував толку голем интерес. Видлив е недостатокот на конкуренција и можам да кажам дека лесно се доаѓа до израз. Македонските купувачи се спремни за онлајн купување, а слабата понуда е главната причина за неразвиеноста на овој пазар. Главниот проблем е кај понудата.

Купувачите лесно ги перцепираат предностите кои ги нуди овој канал. Леснотијата во пребарувањето и полнењето на кошничката, можностите за споредба, лагодноста во купувањето од дома или од канцеларија, а од друга страна избегнувањето на гужвите во сообраќајот, чекањето на каса и товарењето со тешки кеси се толку очигледни предности што направија Paket.mk да има многу лојални корисници.

Сè уште сме на почетокот на градењето на брендот и немаме многу инвестирано во масовни кампањи, па и иако поголем дел од луѓето се уште не слушнале за нас, имаме многу лојални потрошувачи кои секојдневно пазарат од Paket.mk.

За жал македонските купувачи сè уште немаат целосна доверба во онлајн купувањето. Како вие го надминувате овој проблем? Како е решен проблемот со нарачката и доставата?

Paket.mk успеа да создаде доверба кај купувачите. Мислам дека самиот интерфејс, едноставноста и достапноста на информации влева сигурност кај купувачите. Во Paket.mk грешките се сведени на минимум. Точноста во комплетирањето на нарачките е преку 99 проценти. А и во тие малку случаи кога некој производ не е достапен поради непредвидливи фактори, потрошувачите се целосно заштитени од политиката на Paket.mk, па така ќе добијат поскап соодветен заменски производ или рефундација.

Исто така, потрошувачите се заштитени и од политиката за враќање на производите, па секој производ може да биде вратен во рок од 14 дена без никаков дополнителен трошок на страна на потрошувачот.
Исто така, постои еден интересен „феномен“ во онлајн трговијата со намирници што притисокот за квалитетен избор на производи, а посебно за свежото овошје и зеленчук, е префрлен (отстапен) од купувачот на продавачот. Па така секогаш се одбираат идеалните парчиња овошје и зеленчук. Секако, постои силен сезонски притисок, но досега речиси секогаш сме успевале да го одржиме стандардниот квалитет. Paket.mk има развиено програма наречена „Рачно одбрано“ која гарантира избор на најдобрите парчиња од достапното овошје и зеленчук, исто како да ги одбира исклучително пребирлив купувач. За таа цел, вработените задолжени за селектирање на овошјето и зеленчукот се специјално обучени да посветат посебно внимание во изборот на парчињата овошје и зеленчук. Со тоа се обидуваме да ги направиме овие производи „допирливи“ за крајниот купувач.

Можеби и самата можност за многу брза достава (за само два 2 часа) влева дополнителна сигурност кај корисниците. Знаете, долгото чекање од моментот на купување до моментот на предавање на производите е една од најголемите недостатоци на e-commerce-от, генерално во целиот свет. Paket.mk успеа да овозможи исклучително брза достава, нешто што не е стандардно дури ни за најголемите е-трговци со намирници во светот како што се Ocado, Amazon Fresh, Walmart, Tesco и др.

Се чини дека македонскиот потрошувач лесно ја препознава разликата во квалитетот и е посебно расположен да даде пофалба за добрата услуга.

Според вашето искуство, кој повеќе купува од дома, постарите или помладите генерации?

Не постои правило. Јас очекував дека помладите ќе бидат пореспонзивни, но се покажа дека во Македонија има и значителна повозрасна популација која е софистицирана и сака да купува онлајн.

Може ли да ни кажете нешто повеќе за технологиите искористени на сајтот? Како е интегриран сајтот со маркетите со цел да се осигура достапност на производите?

Не постои едноставно решение за синхронизација на залихите. Се додека постојат паралелни продажни канали ќе постојат сериозни дискрепанци. Сепак, ние пробуваме со некои статистички методи да обезбедиме некое ниво на сигурност во достапноста на производите. Исто така, во оваа област искуството е многу важно, па се учиме од ден на ден и стануваме се подобри во синхронизацијата на залихите.

Кои се вашите планови за иднината?

Во иднина Paket.mk ќе работи на проширување на асортиманот со проширување на постојните и воведување на нови категории на производи кои се достапни во физичките супермаркети, но и вклучување на производи кои поради својата природа не се достапни во физичките супермаркети, а се погодни за онлајн продажните канали.

Истовремено, Paket.mk ќе работи на подобрување на позадинската технологија, како и создавање на нови кориснички функционалности кои ќе ја зајакнат предноста пред конкуренцијата во Македонија, но и ќе овозможат потенцијал за регионално проширување.

 

Ако досега не сте го посетиле Paket.mk, наш предлог е да го ѕирнете нивниот блог каде споделуваат навистина интересни рецепти за чија подготовка може и веднаш да ги набавите потребните намирници. Готвењето дома никогаш не било полесно. 😉

1 коментар на “Драган Јосифовски: „Македонските купувачи се спремни за онлајн купување, слабата понуда е главната причина за неразвиеноста на овој пазар“

  1. Многу добро е направена веб страната! Функционална и прегледна, ептен е добра!
    Може ли Драган да ни каже повеќе кој ја има изработено?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии