DoxOut e прв македонски стартап кој влезе во Seedcamp Family

Соочен со дванаесет судии во Берлин, кои го исчекуваа да пристигне од Скопје по избрзаното патување бидејќи поканата за учество ја добија само пред неколку часа, Кирил Јакимовски знаеше дека мора да биде самоуверен, краток и јасен – „DoxBee е алатка за колаборација на документи со надворешни соработници и за склучување на договори“. Фокусот на неколку минутната презентација беше само на тие две функционалности на македонскиот стартап, но беа доволни. Долгогодишната работа беше валидирана со покана до DoxOut за влез во Seedcamp, еден од најголемите стартап акселератори во Европа, со мрежа на соработници и ментори кои ќе го истуркаат секој стартап кој нуди нешто ново, нешто што го немаат Google Docs, ниту Word, ниту другите сервиси за заедничко едитирање на документи.

(Kирил, маркетинг менаџер во DoxOut, одговара на прашања од Seedcamp менторите во Берлин)

DoxBee не е приказна за брз успех, бидејќи таквите приказни се мит. На сервисот се работи веќе две години, од тим кој ја направи популарната фитнес апликација SportyPal. Сервисот и без SeedCamp има свои локални клиенти, но, амбициите и љубовта кон технологијата бара да се цели повисоко. Најголемите предизвици на почеток не беа само да се има добра технологија – DoxBee има добра технологија – но, за разлика од фитнес апликацијата која стана успех, со DoxBee требаше да се најде нов пристап како да се дефинира сервисот. DoxBee таргетира сосемa нов вид на корисници, наменет е за компаниите и за бизнис корисниците кои сакаат да соработуваат полесно, и на почеток беше тешко да се претстави како подобар од другите. Ова значеше дека пристапот и презентацијата требаше да бидат комплетно различни, и иако првото претставување на настан во Бугарија беше лошо, или „катастрофа“ како што вели Глигор, сепак доби фидбек и го најдоа клучниот момент кој ќе го запали интересот кај инвеститорите.

„Видоа дека имавме визија. И иако првата презентација не беше добра, сепак доби пофалби и, поважно од се, ни кажаа како да го дотераме“, вели oсновачот на DoxOut, Глигор Дачевски, чие искуство со стартапи не е за потценување. Тој беше и еден од менторите на SuperFounders Skopje каде осум македонски стартапи беа поканети да развијат бизнис план.

„На следниот состанок во Солун, настапот ни беше комплетно нов. Прв пат го претставивме DoxBee како алатка за колаборација со надворешни клиенти и соработка на документи. Ни требаше две минути и четириесет секунди за презентацијата, и првата работа што не направи различни е што од луѓето од Seedcamp првото прашање беше ‘дали сме се подготвувале’? Стартапите во принцип не се свесни дека треба да бидат максимално подготвени кога одат на било кој настан, бидејќи таа подготвеност е само почеток. Има уште многу работа од тука“, објаснува Глигор. „Но, им кажавме дека сме подготвени и веруваме дека DoxBee ќе направи бум“.

DoxOut е стартапот зад DoxBee сервисот кој во суштина е алатка во облакот за колаборација на документи. Можеби ќе помислите дека е сличен на Word или на Google Docs, но разликата е што DoxBee се фокусира на соработката помеѓу различни клиенти. Сервисот дозволува различни верзии да се споделуваат помеѓу соработниците во фирма, но поважно, и помеѓу надворешни соработници. Има опција да се прати една верзија од документот, или пак само еден дел, а DoxBee потоа автоматски го вметнува уредениот дел во оригиналниот документ. Ваквата функционалност дозволува со DoxBee да се прават успешни преговори за договори, што не може да се прави со Google Docs чија соработка е во реално време, без зачувување на постари верзии, и е полесно за користење од Word бидејќи е во облакот, и нема потреба од препраќање на документи преку имејл.

Под договореното менторство на Seedcamp, дел од DoxBee тимот ќе треба да оди во Лондон на неколку месеци престој во кампусот на Google каде ќе се дефинира бизнис планот, и ќе се види кои функционалности ќе бидат корисни за да го истуркаат сервисот пред поголеми инвеститори. Клучот со соработката со Seedcamp, кои бараат мал процент од сите компании кои се под нивно менторство, е што акселераторот има огромна мрежа на ангел-инвеститори и компании кои сакаат да инвестираат во стартапите кои ќе бидат претставени на турнеи низ САД или пак на стартап натпревари на големи ИТ конференции. За Seedcamp е важно да истуркаат успешен стартап, бидејќи тие ќе профитираат од својата прва инвестиција, а за DoxBee е важно да добие контакти со кои ќе може да прерасне во светски сервис.

(„Добриот тим е клуч за успехот“, вели Глигор.)

Приказната за DoxBeе е секако приказна за некој успех, како да се истурка стартап од компанија. Но, имало и други, некои без претходно искуство кое привлекле интерес. Ова пред се е резултата на глобалниот интернес да се ловат следниот Google, Facebook, Dropbox, Instagram од сите региони на светот, дури и од Балканот, кој се покажа како доста конкурентно подрачје за ИТ иновации. Во Загреб, Софија, Белград и Солун веќе има mini-Seedcamp настани, собири под менторство на бугарските акселератори LAUNCHub и Eleven, кои имаат фондови од неколку милиони евра подготвени да ги дадат на регионалните стартапи. Во Македонија можеби нема уште такви настани, но тие се отворени за сите стартапи.

Според Глигор, вмрежувањето е тоа што недостасува во Македонија, да може еден стартап да разговара со заинтересирана компанија. Но, клучот во развојот на таа локална сцена е да се истакнете со иновативност. „Мора да се следи визијата, и да се има љубов за технологија. Мора да се работи 102,5 отсто“, смеејќи се вели Глигор.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии