#ДонирајКомпјутер досега донираше над 200 компјутери за децата во Македонија

Борче Стаменов е ентузијастот кој многумина веднаш ќе го поврзат со „Донирај Компјутер“. Станува збор за хумана акција со која се донираат компјутери на семејства на кои им се потребни. Досега г. Стаменов има донирано 200 компјутери, и иако јубилејот се погоди со овој текст, не повод за разговорот. Главна причина за контактот е неговиот неисцрпен ентузијазам.

Како започнаа донациите? Од каде идејата? Колку компјутери си донирал до сега?

Донациите започнаа сосема случајно. Ни на крај на памет не мислев дека Донирај Компјутер ќе порасне и ќе стане тоа што е денес. Идејата дојде од таму што ние како фирма за изработка на книговодствен софтвер, честопати имаме клиенти кои својата опрема ја менуваат преку набавки од кај нас. Компјутерите кои ги менуваат после отпишување ги остават овде. Токму тие компјутери беа и првите десетина или дваесет кои се дадоа на почеток. Цело тоа наиде на многу позитивна критика во јавноста и си реков зошто да застанам овде? Има и потенцијални донатори како што има и луѓе на кои им е потребен компјутер, но не се во состојба да купат. И така, започна нашата приказна преку која до денес имаме донирано точно 200 компјутери, како што е тргната работава мислам и се надевам дека бројот 300 ќе го достигнеме до крајот на оваа година.

Од каде ги наоѓаш компјутерите? Дали сам ги склопуваш?

Компјутерите како што спомнав претходно се донации од компании. Како се ширеше веста дека ете постои некој што донира, така се ширеше и кругот на донатори. Денес донации примам речиси од цела држава, како од правни, така и од физички лица. Донациите кои доаѓаат овде ги проверувам за исправност и дали ги задоволуваат карактериститките на една добра машина која би им користела на тие за кои е наменета. За минимум конфигурација ги рачунам оние со дуал кор процесор, минимум 2-3 GB RAM меморија, хард дискот да е барем 320GB и графичката картичка е или вградена на матичната плоча или по можност додавам посебна. Монитори давам кога каков има. Некоаш се ЛЦД, некогаш ЦРТ. И тоа го планирам кога ги праќам по карго за да цената на пакетот не порасне. Процесот на дијагноза, склопување и инсталција го работам сам и гледам да ми се вклопи со работните обврски кои ги имам на работа. Имам понуди од некои лица за помош но ќе ги повикам ако случајно дојде донација која ќе биде голема и нема да можам сам да се справам. Се она што станува како отпад и не може да се користи го давам на фирма која прописно се справува со одлагање и уништување на тој електронски отпад. Со тоа ја заштитуваме и животната околина.

Како се одвива целиот процес на донација, како луѓето пристапуваат да побараат компјутер?

Процесот за добивање на донација е едноставен. За контакт ја користам фан страната која ја направив на фејсбук. Таму секој што ќе побара донација е должен да ми испрати потврда дека се наоѓа во ситуацијата за која тврди дека е. Такви потврди може да бидат потврда за невработеност, потврда за самохран родител, родители на дечиња со посебни потреби и слично. Се додека не добијам потврда, не испраќам донација. Иста е постапката кога се бара донација преку второ лице како на пример наставници од училишта кои најдобро знаат кое дете во каква состојба им се наоѓа. На секој од нив им кажувам дека за донација се чека некое време бидејќи и јас немам цело време компјутери на лагер. Во моментот кога ќе добијам, сите на список се контактирани и од нив се бара да достават контакт податоци за карго службата.

Донациите не престануваат ни во овој период на пандемија, има ли некакви разлики сега?

Кога започна цело ова со коронавирусот поради моја и безбедност на оние на кои им праќам донации, ја прекинав акцијата. Но со самото воведување на онлајн наставата едноставно не можев да ги оставам луѓето така. Имаме доста дечиња во државата кои уште немаат компјутер и поради нив продолжив. Нормално сум повеќе внимателен.

Донациите кои пристигнуваат ги оставам да „преспијат“ 24 часа и потоа ги пребришувам со средство за дезинфекција. Работам со ракавици. Советувам истото да го прават и тие на кои им праќам донација. Ако би правел споредба за донации сега и донации пред ова, не е намален ни бројот на донатори, ни бројот на оние кои бараат.

Можеш ли да издвоиш некоја донација која најмногу ти остaвила впечаток?

Сите донации се приказна за себе. Ете има една донација која ја пратив на семејство во Битола. Посебно кај неа беше што го симболизираше токму она кое Донирај компјутер всушност е. Таа донација се врати кај мене после шест месеци. Причината беше тоа што на тоа семејство некој од роднините им купил нов компјутер. Кога ја вратија рекоа: напред дечко, усреќи некој друг како што и нас ни донесе среќа. Таква беше ситуацијата и со детенеце кое ме контактираше за да ми заблагодари. Чиста среќа! Има доста приказни кои предизвикале чувство на радост и среќа, најповеќе кај мене, а после и кај сите други кои акцијава и она што го пишувам по социјални мрежи ја следат од самиот нејзин почеток.

Добиваш и приврзаници и други донатори, дали идејата да мотивираш повеќе луѓе беше нешто што го замислуваше од почеток?

Донирај компјутер на почеток беше замислена да функционира во секој град посебно. Секој град да си има своја Донирај компјутер. Оти видете, во секој град постојат ако не по повеќе барем една компанија која се занимава со ИТ. Оваа работа не бара многу време. Ако се подели да речеме во 30 града компаниите нема ни да осетат дека „губат време“.

На моето работно место успевам да завршам сè од зададени работни обрски и да средам еден или два компјутера во текот на еден ден. Често останувам и после работа по еден или два часа оти и после 20 години мене оваа работа не ми е досадна ме исполнува и секој компјутер го средувам со ист мерак. Донирај компјутер само ми даде причина плус да се трудам уште повеќе како би им го олеснил животот на луѓето. Секако морам да напоменам дека сепак работните обврски доаѓаат на прво место, но со правилно распоредување на времето и планирање се постигнува сè.

Дали донирај компјутер мотивира и други?

Нормално. Пред некој ден од училиште од Гевгелија ми пишаа дека го следеле нашиот пример и училишниот совет доделил 6 компјутери на дечиња кои немале. Техничкиот дел од работата го завршила тамошна компанија нормално бесплатно. Мислам дека имаше пишано и дека исто како и јас тие акцијата ќе си ја продолжат. И тоа е само една за која ми текнува во моментов. Сигурен сум дека има и такви кои виделе, следеле и донирале.

1 коментар на “#ДонирајКомпјутер досега донираше над 200 компјутери за децата во Македонија

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии