Доналд Трамп отстранет од друштвените мрежи, најавува сопствена платформа

Настаните и влезот на поддржувачите на Доналд Трамп во Конгресот минатата недела, предизвикаа голем дел од друштвените мрежи да го преиспитаат својот став кон модерирањето и задржувањето на претседателот Доналд Трамп на своите платформи.

Најголемите друштвени мрежи конечно го отстранија г. Трамп, иако се чини дека ова требаше да биде направено многу порано. Обвинувањата за украдени избори и гласови доведоа до опасна поларизираност, и поделеност помеѓу Американците. Сепак нередите беа изненадување и за дел од експертите.

Минатата недела приврзаници на Доналд Трамп влегоа во зградата на Конгресот, во надеж дека ќе успеат да направат притисок врз сенаторите кои ги „броеа гласовите“. Во времето кога толпата ја проби полицијата и влезе во Конгресот, се расправаше за резултатите во неколку држави.

Доналд Трамп не само што придонесе за овие немири, туку и во периодот кој следеше продолжи со неосновани обвинувања дека се украдени изборите и дека тој е всушност вистинскиот победник, а во Конгресот се крадат гласовите на Американците.

Друштвените мрежи овој пат беа без избор, и го отстранија од своите платформи. Twitter го отстрани профилот на Доналд Трамп @realDonaldTrump од својата платформа, а истото го направија и Facebook и Instagram.

„По детално разгледување на последните твитови од @realDonaldTrump и целиот контекст околу нив, трајно го суспендиравме профилот поради опасност од понатамошно поттикнување на насилство.

Во контекст на страшните настани оваа недела, во средата бевме јасни дека понатамошни прекршувања на Twitter правилата за користење ќе резултираат токму со оваа акција“, објасни Twitter.

Засега профилот на претседателот на САД – @POTUS, кој е различен од приватниот профил на г. Трамп, не е отстранет. Сепак откако г. Трамп или некој друг со пристап до овој профил се обидел да ги продолжи пораките, Twitter го ограничи пристапот до профилот. Микро-блогот го суспендираше и профилот @TeamTrump, откако г. Трамп започна да споделува објави и од него.

Еден ден пред ова Facebook и Twitter привремено ги блокираа профилите на претседателот. Првично овие блокирања требаше да траат помеѓу неколку часа и неколку дена, но најпрво Facebook ја продолжи забраната на неопределено време, а потоа и Twitter го отстрани од својата платформа.

„Настаните од последните 24 часа покажуваат дека претседателот Доналд Трамп има намера преостанатото време како претседател да го искористи за да ја подрива мирната и легитимна промена на власта со неговиот наследник, Џо Бајден.

Неговата одлука да ја искористи платформата да ги поддржи, наместо да ги осуди постапките на неговите приврзаници во зградата на Конгресот со право ги вознемири луѓето во САД и во целиот свет. Вчера откако го проценивме нивниот ефект и веројатно нивната намера, ги отстранивме овие изјави кои поттикнуваа дополнително насилство“, објави Марк Закерберг во пост на друштвената мрежа.

Со последниот твит Трамп најави нова друштвена мрежа

Откако Twitter го отстрани г. Трамп, тој изјави дека размислува да развие сопствена онлајн платформа.

„Го велам ова одамна, Twitter оди се подалеку, и подалеку во забрана на слободата на говор, а денес вработените во Twitter во координација со Демократите и радикалната левица го отстранија мојот профил од својата платформа, за да ме замолкнат мене и ВАС, 75 000 000 огромни патриоти кои гласавте за мене.

Предвидов дека ова ќе се случи. Преговараме со различни други страници, и ќе има голема објава наскоро; истовремено разгледуваме и можности за креирање на сопствена платформа во блиска иднина. Нема да нѐ ЗАМОЛЧАТ!“, објави г. Трамп во својот последен твит.

Раст на Parler и алтернативни друштвени мрежи

Отстранувањето на г. Трамп од најголемите друштвени мрежи предизвика префрлање на голем број на корисници на помали, алтернативни друштвени мрежи. Parler и Gab се две платформи кои се поддржани од конзервативци, кои за себе велат дека се креирани да ја заштитат слободата на говор.

Растот на платформите е лесно забележлив, Parler рипна на првото место на AppStore по бројот на преземања, а Gab вели дека секоја минута добиваат по над 10 000 следбеници.

Платформите овозможуваат послободен говор без никаква модерација, што не е во согласност со стандардите кои ги наметнува Google за апликации на Play Store, ниту Apple за апликации на AppStore. Поради ова апликацијата Parler е отстранета од двете продавници. Најпрво ова го направи Google, a откако не го испочитуваа условот кои им го зададе Apple, апликацијата беше отстранета и од AppStore.

Apple од Parler побара да обезбеди соодветен начин за модерирање на содржината. Платформата требаше да ја обезбеди оваа можност за 24 часа или да биде отстранета од AppStore.

„Отсекогаш сме поддржувале различни гледишта на App Store, но на платформата нема простор за закани со насилство и илегални дејства. Parler не презема соодветни мерки да ги спречи овие закани по безбедноста на луѓето. Додека не го решат ова, го суспендиравме Parler од App Store“, вели Apple.

Пред да биде остранета, популарноста на Parler имаше огромен пораст. За еден ден, во петок (8 јануари), 210 000 корисници ја инсталираа апликацијата. Само во САД апликацијата за првпат ја преземаа над 182 000 корисници, пренесе TechCrunch. Од „заземањето“ на Конгресот, до отстранувањето од AppStore апликацијата ја преземаа над 268 000 корисници од САД.

Креирањето на нови друштвени мрежи на кои ќе се приклучи единствено една страна од политичкиот спектар нема да донесе ништо добро во иднина. Двете групи и сега не разговараат, а во иднина раздорот само ќе се продлабочи. Единствено што ќе се промени е што сега овие групи нема да се гледаат ниту на друштвените мрежи.  

Ниту на Parler не поминува сè

Дури и кога се залагате за целосна слобода на говор има некои работи преку кои не може да преминете. Ова викендов го дозна поддржувачот на г. Трамп, адвокатот Лин Вуд. Тој на Parler повика на егзекуција на предавникот, заменик-претседателот Мајк Пенс. Овие пораки беа отстранети, што е вистинска реткост на Parler.

Отстранувањето на пораката го потврди претставник на Parler за Mediate. „Да, некои негови пораки ги нарушија нашите правила и ги отстранивме“.


Настаните предизвикани од влегувањето на приврзаниците на Доналд Трамп во конгресот и натаму брзо се развиваат. Во изминатите 24 часа сервисот за плаќање Stripe ја прекина соработката со кампањата на Доналд Трамп, а Parler е отстранет од серверите на Amazon.  ИТ.МК ја следи ситуацијата и ќе ве информираме кога ќе има нов развој на настаните…

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии