Догледање и благодарам МКД20 за сите рецензии и најави за видеоигри

Неодамна беше емитувана дваесетата епизода на видео подкастот MKD20. Поради технички проблеми оваа епизода не се најде на YouTube каналот, но љубителите на MKD20 најверојатно забележаа дела Благој, Иван и Илија престанаа со снимање. За жал, не станува збор за времена пауза. Видео покастот престана со снимање и емитувањe по 2 сезони и 46 епизоди. За одлуката зборувавме со Благој Чучанов, кој заедно со Илија Калеев и Иван Делев се основачи и водители на видео подкастот.

Некако изгледа како наеднaш да решивте да прекинете со MKD20 или за ова размислувате подолго?

Искрено, последните неколку епизоди произлезе таква дебата на која се дискутираше дали вреди сè што правиме и дали сакаме да продолжуваме со подкастот или не.

Кои се причините за оваа одлука?

MKD20 како проект беше едно, ние како луѓе кои уживаат во гејмингот започнавме со изработки на „Weekly News“ програма и „B-Tech“ програма за која имаше и најава. Купен и изработен беше доменот mkd20.net, кој моментално седи со неавторизиран сертификат. Подготвени беа и неколку целосни рецензии, ретроспективи и бројни колумни за одредени игри, се направи канал и за објавување на епизодите само во аудио форма.

Но, зошто вака? Додека се трудевме да се справиме со сите работи, популацијата на каналот на MKD20 драстично опадна. Спонзорите со кои што соработуваме, бројката која што ја гледеа не им се допаѓаше за да ја продолжат соработката со нас. (Во пресрет на сезоната ни излегоа: Fresh Company Digital, Apollonia Casino, In-Trade Шпедиција, KTV Spider Net, Мотел Вардар, Конфекција Noel, Zare Железара).

Дел од овие спонзори сакаа и нè подржаа во иновативноста која сакавме да ја постигнеме со MKD20 проектот. Но, за снимање на 3 проекта во исто време и за задоволување на одредени потреби на тим од 9 луѓе, средствата беа навистина мали. Отворивме и веб шоп на кој сакавме малку од малку да ни помогнат гледачите, но и тоа не се случи. Само 7 луѓе од цела Македонија, љубители на гејмингот, ни помогнаа со купување на нашите производи.

Како ќе го оцените интересот за гејминг?

Интересот е на добро ниво кога станува збор за одредени игри или мејнстреам разговори. Како ветерани во гејмингот сакавме да го презентираме од една поинаква перспектива, каде ќе се разгледува сѐ во дадена игра, а не само: „Да, супер е играта. Каква графика. Гејмплејот е топ.“. Хаха, го избегнувавме тој пристап затоа што уживавме зборувајќи за најдлабоките карактеристики на игрите. Тука и изгубивме луѓе, затоа што нивото кое го поседуваат македонските гејмери сè уште е под бариерата на одредени игри. Исто така во текот на овие 2-3 години се сретнавме со луѓе, гејмери кои навистина уживаат во гејмингот и во сите игри.

Сакам да додадам дека секој развивач на игри, гејмер или натпреварувач кој што го повикавме не можеше или не сакаше да дојде. Тука е проблемот во Македонија каде интересот за гејмингот останува во еден град. Ги повикувавме со ветен, платен превоз и сместување во мотел. Никој не дојде да гостува во емисијата која можеби најмногу се трудеше игрите да ги пренесува на најдобар можен начин кон публиката.

Колку пати се прегледани епизодите?

Немам точно информации за ова. Никогаш не сум ги гледал анализите, но не очекувам бројката да е голема.

Пред видео-подкаст MKD20 беше блог, размислувате ли да се вратите на ова?

Не верувам. Сите сме вработени со полно работно време, имаме фамилии и други обврски кои на убав начин не ни дозволуваат да го работиме тоа. Може да се случи единствено ако има голем тим кој би сакал да работи, па да се сведуваат нашите работни часови на веб сајтот на минимум.

Организирате и турнири во Dota 2, продолжувате со ова или и ова го паузирате? Колкав е интересот за овие натпревари?

Да, организиравме турнири во соработка со Internet Caffe Japan и со истите спонзори кои ги подржуваат MKD20. Навистина не знам, веќе сме повикани на неколку турнири кои ќе се случуваат оваа година, но дали ќе ја прифатиме понудата навистина не знаеме.

Наместо одјава…

Се надеваме дека сите кои што не поддржаа ќе се сеќават на нас и ќе останеме како едни од првите македонски гејминг подкасти кои оставиле точка во гејмингот. Можеби молкот од наша страна нема да остане долго или засекогаш, но за град од другата страна на централата секогаш ќе биде предизвик да се достигнат одредени работи.

На крај сакам да додадам дека MKD20 се избори без никаква поддршка. Единствената поддршка ни беа it.mk, GG и mojo.mk. Сакам да додадам дека професионално беа побарани преку 20 медиуми кои не сакаа да објават – додавајќи „Ние не објавуваме ваква содржина“.

Како тим им Благодариме на сите кои не подржаа и кои го препознаа гејмерскиот капацитет во нас тројцата. Им Благодариме на сите кои помогнаа да се реализира овој проект и на сите кои придонесоа во изработување на студио, канал, тизери, видеа, флаери и.т.н.

ROLL MKD20

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии