Доделени инженерските прстени

Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери им додели Инженерски прстен на најдобрите 11 инженери кои дипломирале оваа година. Настанот е под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, а досега во 16 години, наградата ја добиле 161 млади инженери.

Доделувањето на прстените се одржа на 29 јуни во Музејот на современа уметност во Скопје.

„Изборот на вашите факултети зборува за квалитетот на дипломата со која што се стекнавте и длабоко сум убедена, дека многу брзо, ќе можете да ја валоризирате со започнување на успешна кариера .Да се биде штотуку дипломиран млад инженер значи дека сте поминале неколку години во факултетско образование, насочено кон изучување на најновите технологии, владеење на фундаменталните законитости во природата, изучувањето на проектниот менаџмент и работа во тим. Сите овие знаења ве прават сигурни и подготвени за нови предизвици, да продолжите со образованието или да започнете професионална кариера“, порача Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија.

На доделувањето на наградите беше присутен и д-р Клаус  Туридл, претседател на Европскиот совет на инженерски комори. Тој ја поздрави манифестацијата и најави дека ќе се заложи ова добра пракса на афирмирање на најдобрите да биде препознаена во Европските комори и да најде место и примена во многу држави.

„Инженерски прстен е токму еден таков учител. Една од многуте светли точки што се на крајот од академскиот тунел…  Да се биде инженер не значи само проектирање на решението за проблемот, имено значи и да ги следиме нашите срца и интуиција, што неретко значи и потешкиот пат, хаотичност, несреденост и бројни предизвици, лекции што ни беа секојдневие уште во студиските денови. Но тоа е она што е адреналинската двигателна сила на еден инженер – предизвиците и неизвесност. Само треба да бидеме доволно храбри во таа културна борба за да градиме иднина заедно“, во име на добитниците на наградата се заблагодари Тамара Георгиевска.