Доба во која блогерите станаа колумнисти

(Овој текст е првично објавен на Сервисот за проверка на факти од медиумите. Реобјавен е со дозвола и под CC BY-ND 2.5 MK лиценца)

Ако блогерите беа нова револуција на слободната мисла, сега тие повторно го креираат своето место, влегувајќи како релативно стандардни колумнисти во мејнстрим-медиумите. Овој премин се совпаѓа со новите социјални движења кај нас, со интензивните барања за демократија во општеството и со фактот дека имаме неизбалансирана медиумска сцена, каде опозицијата барем ја држи главно поквалитетната интернет-сцена.

Ако ги бараме работите по кои ќе го помниме периодот декември 2012 – јули 2015, доба која сè уште не ја распослала сета своја иновативност во областа на медиумите и на јавното обраќање на интелектуалците, тоа е секако минување на границата на блогерајот на денес познати пишувачи на наслови во мејнстрим-медиумите во земјата. Нивните писанија станаа со задоволство читани коментари, чекани во релативно стандардизирани термини, откако ја напуштија интимата на блоговите на нивните автори.

Новиот „општествен договор“

Самото време на создавањето на таа транзициона патека на пишуваната мисла, несомнено го следеше како паралела антиисторицизмот, кој кај нас завладеа откако актуелната власт целосно го сруши парламентаризмот. Обезглавената демократија, едноставно, инстинктивно подразбираше создавање духовен оклоп во кој влегоа и многумина пишувачи кои својата аналитичност и дарба за согледување на движењата во општеството ја ставија во рововите на малкуте новинарски тврдини, кои финансиски сосема „исушени“ го потпишаа новиот општествен договор: блогерите ќе ги понудат своите четива бесплатно на главно интернет-изданијата на широката опозиција, а овие ќе понудат конекцијата со пошироката читателска публика.

Впрочем, речиси единствените што ги плаќаат своите колумнисти се провладините медиуми, кои секогаш ќе имаат доволно пари за да бидат привлечни за интелектуалниот свет, кој по дефиниција и не мора да е дел од новинарската бранша, ама, кој, ете, доста често се согласува да се влезе во пропагандниот шинел на власта. Да не заборавиме дека и кога мислењата на дел од тие колумнисти не се совпаѓаат со тоа на глодурите во изданијата, каде ги објавуваат нивните текстови, тие само ѝ служат на власта да истакнува дека кај нас, ете, има демократија.

Интелектуалците кои изразуваат ставови на опозицијата се помалубројни од оние „на другата страна на улицата“, ама тоа е поради фактот дека тие мислења и онака се во малцинство?! – како тоа би ни го објасниле во пропагандните штабови на власта.

Баланс на медиумската сцена

Но, да се вратиме на тој „општествен договор“. Аналитичарот и комуниколог Сеад Џигал во една опсервација на медиумската ситуација во земјава за Deutsche Welle вели дека „со кризата на медиумите во Македонија се реактуализираа интернетот, социјалните медиуми, па и блоговите како алтернативен медиумски простор, кој треба да пополни некои дупки или да внесе баланс на медиумската сцена. Значи, повторно имаме една релативно активна блог-сцена, каде освен редица истакнати или докажани автори, има и неколку колаборативни заеднички блогови, строго на зададени теми, профилирани по област, кои придонесуваат за плурализмот на интернетот во Македонија“.

Во светот некои блогови станаа мејнстрим-медиуми (Huffington Post), но кај нас доволно е што се „револуционизираше“ јавната мисла преку спојот со професионалните новинари, некои и навистина познати имиња, кои главно ги изгубија своите класични медиуми во време на политичката репресија. Нивниот спој го ресоцијализира блогерајот, го направи поотворен, но и повнимателен, особено во одржувањето на некои стандарди (јазик, стил и слично) што се претпоставуваат и во класичното новинарство.

Ако блогерите беа нова револуција на слободната мисла, сега тие повторно го креираат своето место. Трендот на заживување на блог-сцената го објаснува Дарко Булдиоски, основач на Центар за нови медиуми/New Media MK.

Надмината форма на себеизразување

„Зависи од кој агол гледаме – во опаѓање е (блогерајот – н.з.) кога станува збор за квантитетот на блоговите, но во однос на квалитетот, прашањето е дискутабилно. Во минатото кога блогот беше популарна форма за себеизразување, место каде што требаше да се биде за да си „ин“, денес тоа се социјалните мрежи Facebook и Twitter, а блоговите стануваат малку поаналитичка и поиздржана форма на објавување текстови. Многу блогери на почеток почнуваат да блогираат поради себе. Блогот ги мотивира да истражуваат одредени полиња на интерес“, вели Булдиоски во изјава за Deutsche Welle.

„Еден блог постои во т.н. меинстрим-медиуми особено ако некој од познатите портали пренесе блог-статија, блог-запис или го префрли на својата веб-страница, но стандардната публика на блоговите не е многу голема. Мора да имаме на ум дека овие блогери кои денес се активни најчесто имаат своја тема, не објавуваат секојдневно – почесто тоа се сериозни, издржани текстови, нешто што не е доволно да живее на Facebook само три часа или 15 минути на Twitter“, вели Дарко Булдиоски.

Ако се размислува на оваа тема, за овој „општествен договор“ меѓу новинарствтото и блог-заедницата, држат тезите дека на некој начин една професија со строги и изградени правила и кај нас се „аматеризира“ или подобар термин е „поопштествува“ (овој термин, пак, има малку зачин на Кардељ), но истовремено ги селектира блогерџиите, при што голем дел од нив останува малку забележлив, на нивото на приземноста, користејќи го говорот на омразата и слично, останувајќи во калта на примарниот „разговор самиот со себе“, како што можеби и можеме да го дефинираме блогот.

Медиумските техники изнудија отвореност

„Првпат во историјата, медиумските технологии и каналите за емитување содржини се сосема отворени за глобална соработка и во исто време ефективно го менуваат начинот на кој луѓето разменуваат пораки и се сооднесуваат едни кон други“, вели проф. д-р Дона Колар-Панов.

Според неа, целиот обем на социјалните иновации, новата писменост и, што е уште поважно, еволуцијата на човековата посветеност во користењето на новите сретства, секако, е револуционерен.

„Во доба на социјалните иновации, односите се нова валута, а учествувањето и соработката се покажуваат како нов вид на размена на информации. Ова се времиња кои се класификуваат како време на револуција на социјалните (друштвените) медиуми (social media revolution), сосема се одделни од интернет-револуцијата. Првпат во историјата, медиумските технологии и каналите за емитување содржини се сосема отворени за глобална соработка и во исто време ефективно го менуваат начинот на кој луѓето разменуваат пораки и се сооднесуваат едни кон други. Ова, исто, се времиња, кога големите медиуми и нивните придружни услуги почнуваат да нè слушаат нас, луѓето, и да ги прифаќаат и споделуваат нашите поединечни и колективни гласови“, нагласува Дона Колар-Панов.

Таа, всушност, го допре благовремено она што нам ни се случи лани и ни се случува годинава во поголем обем, а тоа е широк спој на отпори кон хиерархијата на лажни вредности во општеството, кога отпорот се шири на различни, претходно пасивни социјални групации и таа својата растечката популарност ја пренесува и на феноменот на новите социјални медиуми (social media). Ова е време, велат стручњаците, на брзо впивање на конверзациите, ангажираноста и оформувањето нови односи и повик за акција.

___________________________________________________________________________

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на USAID за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (USAID). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, USAID или Владата на САД. За повеќе информации за работата на USAID во Македонија, ве молиме посетете ги веб сајтовите и F acebook страницата на USAID.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии