Дизајнирање емоции (или зошто сме навлечени на друштвените мрежи)

(Ова е гостински пост на Митко Цабевски, основачот на македонскиот стартап и финалист на SeedCamp NY, Ambio.me. Текстот првично беше објавен на неговиот блог.)

Инспириран од познатата изрека на Стив Џобс дека дизајнот не е само како нешто изгледа, туку и како функционира, ќе се обидам да се надоврзам и да го споделам моето мислење за поврзаноста помеѓу дизајнот и емоциите.

Често се среќавам со мислења дека успехот на еден производ, апликација, сервис или билo што друго, во голема мера се должи на некоја исклучителна генијалност или чиста среќа. И веројатно во многу случаеви тоа е така. Но ако навлеземе во анализа на нивниот успех, ќе забележиме една работа која скоро без исклучок се повторува кај сите од нив. Тоа е дизајнирање за емоција или емоција преточена во дизајн.

Еве за момент да ги разгледаме на кратко Facebook, Twitter, Instagram, Pinterest и Apple како најактуелни примери за успех.

Која е пораката на Facebook? Поврзете се со вашите пријатели. Прилично едноставно нели. Но всушност пораката е одлично дизајнирана да повика и асоцира на една од главните човековиемоции а тоа е потребата за социјализација. Самата помисла дека можеме да се поврземе и останеме во контакт со старите пријатели од гимназија или роднините во Австралија предизвикува силна емоција која практично гарантира успех на сервисот.

Или да го земеме моментот зошто секој ден му се враќаме на Facebook. Одговорот е повторно емотивно условен. Сите ние помалку или повеќе сме воајери. Сакаме да гледаме што прават другите луѓе. Тоа сме го правеле од првото племе па се до денес. Facebook само ја искористи таа базична емотивна карактеристика и ја претвори во глобален спорт.

Twitter. Првичната замисла на Twitter беше на брз и едноставен начин да им кажеме на пријателите што правиме или што мислиме. Повторно дизајн воден од потребата да го кажеме она што го мислиме и да бидеме слушнати. Порано луѓето тоа го правеле на среде плоштад, сега тоа може да го прави секој од фотеља. Технологијата го олеснила процесот, но потребата останала иста.

Instagram е посебно интересна приказна. Како може една „наивна” апликација за слики со филтри да постигне таков успех? Ако тргнеме од фактот дека фотографијата е замрзната емоција во време и простор, одговорот е многу едноставен. Instagram дизајнираше апликација преку која на брз и едноставен начин може да се споделат овие т.н. визуелни емоции. Филтрите се само бонус кој исто така поттикнува емоција кај секој од нас да создава и да се чувствува креативен.

Pinterest ми е еден од омилените примери за тоа како дизајнот може да се поврзе со човечката психологија, историја и емоции. За момент сакам да ве потсетам на нашите почетоци како луѓе, кога мажот одел на лов, а жената собирала разни плодови и растенија. Историски жената е таа која што собира и чува. Фаст форвард, сетете се само на нашите баби кои прават ајавр и слатко па го чуваат во тегли, па го категоризираат по врсти и сето тоа фино спакувано и категоризирано. Токму затоа Pinterest е хит кај жените. Едноставнопотребата и емоцијата да собираат, чуваат и категоризираат веќе постоела, Pinterest само ги предизвикал тоа да го прават на нет.

Дополнително визуелниот дизајн на Pinterest е во директна корелација со нашата природна предиспозиција најдобро да реагираме на грид дизајн кој е визуелно категоризиран. Нешто што воопшто не е случајно направено.

Ах Apple. Или го сакаш или го мразиш. Токму тоа е клучот на успехот на Apple. Предизвикување на силна емоција. Нешто што е многу ретко кај компаниите што произведуваат техника. Нели, по дефиниција независно дали е телефон, миксер, телевизор или шпорет тоа е обичен уред кој треба да ни заврши некоја работа. Не го бираме според емотивна реакција туку според тоа дали ни врши работа или не. Но Apple успеа да го направи токму спротивното. Од обичен уред го претвори во објект на желба. Независно дали ви се допаѓа поради дизајнот и квалитетот на хардверот, поради статусниот симбол или можеби поради едноставноста, Apple предизвикува силен емотивен импулс. Од тој момент уредот не е само обичен уред, туку станува дел од вас, дел од вашиот имиџ, и потребата да се чувствувате подобро за себеси. Дизајниран да предизвика емотивна врска.

Ние луѓето сме чудна сорта. Од една страна прекрасно-фантастични и генијални, од друга страна условени од перцепции, стекнати искуства, патерни на однесување и лични ставови. Преполни со емоции. Емоции кои свесно и потсвесно го условуваат нашето однесување и реагирање на нештата. Во моментот коа ќе помислиме дека реагираме објективно, всушност го правиме токму спротивното. Секоја наша реакција и однесување всушност е огледало на самите нас.

За крај, како заклучок и порака до сите што сакаат да направат нешто, независно дали е производ, сервис, апликација или обична веб страна, обидете се да ја пронајдете и дизајнирате емотивната врска помеѓу вашиот производ и корисниците. Ако ме прашате мене, апелирам таа да биде позитивна. :)

2 коментари на “Дизајнирање емоции (или зошто сме навлечени на друштвените мрежи)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии