Дисплеј кој се превиткува – дали е ова новиот тренд кај мобилните уреди?

Image Courtesy of Samsung

Со претставувањето на iPhone во јануари, 2007-ма година, Apple воведе драстична промена во светот на мобилните телефони. Од тогаш, до денес, работите се многу променети. Имаме уреди кои од напред, се само екран, со читачи на отпечатоци под екранот, и со камери кои се паметно скриени во уредот. Но, основната форма на смартфонот останува непроменета.

Тоа очигледно ќе се смени, бидејќи неколку големи производители на смартфони почнаа, со прилично брзо темпо, да претставуваат уреди со екран кој се превиткува. Некои од нив имаат само еден екран, некои имаат по два, па и повеќе, но несомнено е дека ова е првата голема промена во формата на телефоните од претставувањето на првиот iPhone.

Кои се најпопуларните вакви уреди?

Samsung Galaxy Fold

Galaxy Fold не е првиот ваков уред на пазарот, но е дефинитивно оној околу кој се крена најмногу галама при претставувањето. Имено, Samsung беа првата голема компанија која најави ваков уред покрај кинескиот стартап Royole кој го претстави Flex па и неколку месеци порано.

Извор: Samsung

За жал, првите уреди кои беа пуштени кај рецензенти имаа голем проблем со екранот. Samsung одлучија да стават заштита над екранот, која изгледа како фолијата која ја има на многу модерни телефони кога ќе се извадат од кутијата, но заборавија да напоменат дека таа заштита не смее да се тргне. Неколку рецензенти се обидоа да ја тргнат, и телефоните многу брзо покажуваа проблеми со дисплејот, што го натера Samsung да го одложи пуштањето во продажба. Телефонот излезе на пазарот во Септември 2019та година, а од неодамна е достапен и кај нас, во Анхоч, по цена од 139,980 денари. Иако ова е многу висока цена, не е неочекувана за ваков уред.

Huawei Mate X

Прототипот на Huawei се вртеше по социјалните мрежи уште од јануари 2019-та, но јавноста за прв пат имаше можност да го види во февруари истата година, на MWC. Имаше најава дека ќе биде пуштен во продажба во јуни, но по проблемите кои Samsung ги имаше со Galaxy Fold, продажбата беше одложена за да има малку повеќе време за тестирање на истиот. Официјално беше пуштен во продажба на 15-ти ноември, но во моментов е достапен само во Кина.

Извор: Huawei

Galaxy Fold на Samsung има дисплеј кој се превиткува навнатре, и кога телефонот е затворен, не е достапен. Mate X оди со поинаков пристап, и дисплеј кој се превиткува нанадвор, што значи дека кога телефонот е затворен, на располагање го имате истиот дисплеј, со тоа што половината е од предната страна, а другата половина од задната страна на уредот, со прелевање од страната. На задната страна, дисплејот не оди до крај, туку останува малку простор во кој се сместени камерите на Mate X.

Motorola RAZR (2020)

Она што и Galaxy Fold и Mate X го имаат како заедничка карактеристика е што екраните се превиткуваат по вертикала. Моторола, во стилот на оригиналниот Motorola RAZR од 2004-та година, го претстави новиот RAZR со екран кој се превиткува по хоризонтала. Ова значи дека кога телефонот е отворен, имате дисплеј кој наликува на денешните “конвенционални” телефони и сооднос од 22:9. Друга битна разлика е што додека и Galaxy Fold и Mate X го имаат најмоќниот хардвер кој во моментот е на располагање, Моторола одлучија да се малку поумерени во тој поглед.

Првпат најавен на 14-ти ноември, се очекува Моторола да го пушти во продажба новиот RAZR во февруари. За разлика од другите два уреди кои ги спомнавме, за RAZR има многу критики за начинот на кој е изработен и неговата издржливост, поконкретно упатени кон фактот што ова е многу тенок уред, нешто што не влева многу доверба.  

Што добивате, а што губите со ваквите уреди?

Можеби и премногу очигледно, покрај самата иновација во начинот на изработка, најголемите придобивки со ваквите уреди се во големината на екранот кој го носите в џеб. Galaxy Fold доаѓа со 7.3 инчи дисплеј, додека кај Mate X гледаме масивен, 8 инчен дисплеј. Моторола повторно се малку поконзервативни, и RAZR доаѓа со 6.2 инчен дисплеј. Големиот дисплеј дава многу можности за мултитаскинг, нешто што е се повеќе нормално кај уредите како што тие стануваат хардверски помоќни.

Карактеристично за трите уреди, како и сите други слични што се достапни на пазарот денес, е што кога се затворени, воопшто немате чувство како да имате толку голем екран на располагање. Тоа е и главната придобивка со ваквиот тип на екран, бидејќи за секојдневна употреба и носење в џеб имате релативно компактен уред, кој станува огромен екран на кој може да уживате во некоја серија после работа или пред спиење.

Извор: Huawei

За жал, покрај придобивките имаме и една исто толку очигледна маана, а тоа е квалитетот на изработка. Една од главните причини зошто телефоните со преклопување, како и оние со лизгање, беа само привремена солуција беше фактот што подвижните делови лесно се расипуваат, посебно кога имаме вака осетливи уреди кои ги носиме со нас секојдневно. Додека нешто како подвижната камера кај OnePlus 7 Pro може да биде издржливо и да трае подолго, истото не може да се каже за екран кој се превиткува, бар не засега.

Дали ваквите уреди ќе го превземат пазарот на смартфони?

Како што напоменавме, ваквите уреди денес се бројат на прсти. Ги има во многу мал број, и цените им се прилично високи, многу повисоки отколку било што друго што се продава денес. Тука е и фактот што се осетливи и релативно лесно се оштетуваат.

Од друга страна, можностите кои ги добиваме со ваквите уреди се одлични. Големиот дисплеј е добар не само за конзумирање мултимедијални содржини, туку и за полесни работни задачи кои не бараат премоќен хардвер.

За жал, сеуште е рано да се донесе заклучок. Несомнено е дека вакви уреди ќе има уште во блиската иднина. Се очекува да видиме уште неколку во наредните неколку месеци, а Samsung веќе го претставија новиот Galaxy Z Flip, кој изгледа како одличен уред . Доколку проблемите кои овие први уреди ги имаат се решат на траен начин, цените ќе паднат и ваквите уреди ќе станат подостапни, и пораспространети.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии