Џулијан Асанж ќе се кандидира за пратеник во Австралија

Основачот на Wikileaks, Џулијан Асанж, ќе се обиде да стане пратеник во Парламентот на Австралија. Тој веќе ја креираше својата партија која го носи името Wikileaks, а истовремено ја објави и својата кандидатура за изборите кои ќе се одржат во Австралија следната година, јави New York Times.

Мотото под кое ќе ја води кампањата е „Транспарентност, правда, одговорност“. Неговиот план е во Парламентот да ги отвори истите прашања што ги отвори и со Wikileaks. Со помош на истражувачко новинарство сака да ја предизвика одговорноста на банките, владата и разузнавачките агенции. Според него, искуството со водењето на Wikileaks ќе му помогне со организирањето на политичката кампања.

„Сличностите се големи. Имаме луѓе на секој континент. Мора да се справиме со повеќе правни случаи истовремено… Сепак убаво е да се биде политички ангажиран во татковината”.

Според аналитичарите во Австралија шансите на контроверзниот хакер да добие пратеничко место се реални. Сепак не се сите возбудени од идејата г. Асанж да влезе во Парламентот. Џон Вана, професор од Универзитетот во Канбера, вели дека „Асанж во основа е кандидат кој е познат по главоболките кои ги предизвикува. Тој не е кандидат кој ќе седи во Парламентот и ќе регулира. Нема да допринесе со работа, единствено ќе донесе главоболки“.

Интересно, г. Асанж целата своја кампања планира да ја води од Aмбасадата на Еквадор во Велика Британија, во која е заглавен веќе година дена. Доколку ја напушти амбасадата ќе биде уапсен и екстрадиран во Шведска за да му се суди за силување. Според австралиските закони, ниту еден граѓанин не може да се кандидира доколку е осуден за криминално дело, а проблем може да биде и добиениот азил од Еквадор бидејќи со тој азил граѓанинот, во овој случај г. Асанж, има верност кон друга држава. Доколку г. Асанж добие место во Парламентот, тоа место може да го заземе друг член од партијата.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии