Оваа друштвена мрежа видно се разликува од оние од типот на Facebook или MySpace, од причина што се концентрира само на артисти кои можат да објавуваат фотографии, дела на дигитална уметност, традиционални слики, литература, Flash анимации, видеа и друго. Сајтот нуди одлична креативна средина во која се чувствува пријатна и друштвена атмосфера, не-дискриминирачки однос помеѓу членовите и голема желба за соработка и помагање. Ова се должи најверојатно и на самата група на луѓе кои воглавно се опуштени и уживаат во тоа што го прават.

На DeviantArt.com може да се регистрира било кој посетител бесплатно со што добива свој профил и URL во вид http://arsovski.deviantart.com, а дополнително се нуди и претплата за околу 25 долари годишно со што се добиваат екстра функции, ослободување од рекламни банери и алатки кои го подобруваат искуството на сајтот. Претплатата, покрај стандардното истакнување на реклами е главниот извор на финансии за овој сајт, кој исто така заработува и со неколку други бизнис модели како продажба на печатени фотографии (од кои членовите добиваат %) и брендирана облека.

На сајтот се приклучив пред скоро една година заради моето хоби – фотографијата, и морaм да признам дека бев изненаден од како што реков, друштвената атмосфера која за жал неможам да ja почувствувам и на другите популарни друштвени мрежи каде што сум член. Исто така, пријатно изненадување беше тоа што забележав и поголема заедница на македонски артисти, кои од 2004 се обединети преку групата devMacedonia, во која членуваат сега веќе над 200 луѓе.

Членовите на групата, самоиницијативно организираат средби за подобро запознавање и дружење во вистинскиот свет, што е одлична работа. Средбите, или како што членовите ги нарекуваат devMeetings се одржуваат периодично и на разни локации, најчесто првата средба е под отворено небо па потоа, зависно од расположението се планира каде ќе се оди понатаму.

Имав можност на кратко да поразговарам со еден од администраторите на групата, Zewlean, кој е член на DeviantArt од 2005 година и има објавено над 400 свои фотографии, а на dA гледа како место каде што може да се научи повеќе преку комуникација со другите членови, или како што тој ги нарекува: истомисленици.

Како, колку често и каде се организираат средбите на devMacedoniа и кој се јавува како организатор?

Zewlean: Средбите обично ги договараме спонтано. Според тоа кога ќе се појави интерест, и обично го славиме роденденот на клубот. Како организатори, најчесто се јавуваме јас и Serdarot во последно време. А каде? Па на најразлични места, под отворено небо и низ кафиќи. Обично договараме на едно место и од таму продолжуваме цела вечер по повеќе места зависно од расположението.

Дали средбите имаат некоја посебна тема или…?

Zewlean: Имаат. Групно пиење пиво. :)

Дали преку сајтот имаш запознаено некого со кого подоцна имаш работено на заеднички проект?

Zewlean: Да. Еден куп луѓе. Сите редовно соработуваме меѓу себе, делиме идеи, си даваме совети и сл.

Дали ти или пак некој друг за кого знаеш има заработено солидно преку devArt?

Zewlean: Јас немам, а и не знам за некој друг. Но знам многу членови што го искористиле своето портфолио на dA за да дојдат до добри проекти, во и надвор од Македонија.

Едно нешто што мене ме загрижува кога ги објавувам своите фотографии е тоа што секој може да ја "украде" сликата и да ја искористи за свои цели.Забележав дека и ти твоите фотографии ги објавуваш со одличен квалитет и без никаква заштита (на пример, полу проѕирен печат кој dA го нуди како автоматска опција). Не си загрижен за тоа дека некој ќе ги искористи без твоја дозвола?

Zewlean: Веќе се случува тоа. Наоѓам мои фотки по варез сајтови, каде што ги нудат како stock и исто така ги продаваат и како позадини за мобилни.

Зошто тогаш продолжуваш да ги ставаш сликите без печат?

Zewlean: Па од две причини. Мислам дека печатот ќе ја заебе фотката, ќе го одвлекува вниманието… а и ако некој ја украде и ја искористи за нешто друго – тоа значи дека ќе ја видат повеќе луѓе. Е сега јас нема да добијам кредит за тоа, но битно ќе ја пренесам пораката. :)

Во разговорот кој го водевме на MSN, Zewlean ми спомна дека треба да посочам дека devMacedonia не е место само за фотографи и дека има и многу успешни графичари, дизајнери и други уметници.
А да, и дека групата е отворена за сите.. :)

Заклучок
Без никакви сомнежи ќе кажам дека deviantArt е одлично место за инспирација, комуникација со креативни луѓе и место каде што може да се научи многу. Ваквите сајтови ја промовираат уметноста и овозможуваат на секој артист да ги пренесе своите пораки во светот. Лично, сајтов ми стана опсесија и во последно време забележувам дека поминувам повеќе време таму отколку на Facebook, мојата сега веќе екс-опсесија… и мислам дека во овој случај, покорисно го искористувам тоа време. :)

Без разлика дали сте артист или не, сигурен сум дека секој од нас има нешто да покаже на каков и да е креативен начин и да пренесе свое искуство или порака, па затоа не чекајте… се гледаме на devArt.

П.С. Би ги замолил сите членови на dA во коментарите подолу да ги споделат своите искуства и да објаснат како сајтов им помага на нив.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии