Денот кога Интернетот ги пoсрами и надмина македонските телевизии

Никогаш нема да го заборавам денот кога интернетот конечно ги надмина македонските телевизии. Тоа беше сабота, деветти мај. Тој ден се разбудив со вести дека во Куманово се води војна. Вистинска војна против терористичка група во која загинаа осум полицајци, триесет и седум беа повредени, неколку куќи се запалени и се поттикна етничката омраза. Како и секој граѓанин на Македонија, тоа утро прво што направив е да го вклучам телевизорот за да дознаам што по ѓаволите се случува!? Но, еве ја сликата што ме пречека:

Оваа слика е од програмата утрото додека во Куманово фрчеа куршуми и се слушаа експлозии. Ниту една македонска телевизија тоа утро не беше подготвена да ја смени програмата, ниту пак беше подготвена да понуди информации за тоа што се случува. Ако сакавте вести, треба да ги знаете термините кога се прикажуваат. Немаше вонредни вести до пладнето, до околу 14:00 часот кога беше првата конференција од 30-секунди на Министерството за внатрешни работи. Одеа серии, рандом емисии, македонски приказни (од тие новите верзии што се ужасни) и филмови. На интернет, пак, се случуваше ова:

интернет порталите потпомогнати од граѓанското новинарство секоја минута споделуваа нови информации за нападите. Новинарите и Кумановци преку мобилни телефони споделуваа куп информации: клипчиња во кои се слушаа застрашувачки пукотници, фотографии, информации за кои делови од градот се затворени, информација дека автопатот е затворен… Тие им помогнаа на сите други да направат колку-толку реална слика што се случува во градот. Еве што споделуваа Кумановци додека телевизиите беа неми:

Во Македонија телевизиите се поделени на табори, поголемиот број се про-владини и покажаа дека се селективни со информациите; другите се обидуваат да направат нешто повеќе, но само ако им дозволат властите, без нив соработуваат само со едната страна, критичарите на власта. Но, сите телевизии се заглавени во традиционалниот бизнис модел во кој турска серија привлекува повеќе пари од реклами, отколку вистинските вести снимани со тешки професионални камери кои камерманите ги носат на рамења, чии снимки мора да се монтираат, чии новинари мора да смислат текст, чии уредници мора да ги склопат за во предодреден термин.

На интернет, приказната е поинаква. Вестите се споделуваат во 140 карактери. На интернет имате избор, и медиумите имаат поголема слобода од огласувачите бидејќи огласувачите сакаат прегледи на страни и кликови на банери. Тие не се замараат со каква содржина има на сајтот се додека ве посетуваат корисници; иако тоа е причината зошто често има сензационалистички глупости за да привлечат посети, но сега зборуваме за вистинските вести. На интернет, корисниците ќе ве посетат доколку сте први со најновите вести, бидејќи тие се зависни од скролањето низ тајмлајнот. Тука телевизијата никогаш нема да биде подобра од интернетот, бидејќи на интернет корисниците споделуваат содржини со пријателите само со еден клик. Едно Facebook копче. Eден твит и сите негови пријатели ќе разберат за веста, ќе кликнат лајк како знак на одобрување. Секако, опасност од виралноста на интернет е што дезинформациите се споделуваат брзо, и тешко е да бидат сопрени. Затоа новинарите треба да се вклучат на интернет, и конечно македонските новинари се вклучија! Сега знаат дека на друштвените мрежи не само што можат да споделат информација, туку можат да комуницираат со корисниците за да ги дознаат вестите.

Саботата 9-ти мај 2015-та година беше ужасен ден за Македонија и никогаш нема да го заборавиме заради загинатите. Тоа им го должиме пред сé. Но, тој ден е денот кога интернетот конечно ги надмина македонските телевизии, и веќе никогаш нема да биде исто. Сега се што ќе барате ќе биде на интернет. На интернет нема да гледате пасивно што ви се сервисира преку големиот екран, туку ќе куцате на тастатура во дискусија со другите, со нив ќе барете смисла на вестите; ќе пребарувате медиуми за вести што вас ве интересираат, не што некој уредник ги одбрал и спакувал во 30-те минути на Дневникот; ќе твитате и ќе читате други што твитаат; ќе комуницирате со новинари, медиуми, брендови и, се надевам, наскоро и институции. Но, ќе треба да внимавате да не потпаднете под субјективното одбирање на фактите што вас ви одговараат, бидејќи тоа е исто како да сте се вратиле назад пред телевизорот.

12 коментари на “Денот кога Интернетот ги пoсрами и надмина македонските телевизии

  1. Не е никаков спин. Чист пример е оној ретардираниот (ова е најблагиот збор кој го најдов) кловн сопственик на ,,Куманово ратна зона,, групата на фејсбук. Денеска е време кога се војува со информации, секоја информација чини човечки животи. Не може сите информации да бидат достапни на секого, може да блебетаме до сабајле. Замисли да покренеме кампања ,,сакаме директен стрим од беспилотните летала во име на слободата на информации,, !!

  2. Настрана фаќањето страна, телевизииве се очајни во поглед на техничка опременост, преноси во живо, начин на снимање, дизајн на студија итн. Ваков настан се покрива со 24-часовен пренос, со енкори на повеќе локации, со мапи на акцијата, со инфографици за опременост на мвр, арм итн, биографии на терористите, студио за следење на социјални мрежи и што уште не. Од ова немаше апсолутно ништо.

    Доволно е да се следи CNN, RT, France24 за време на кризна ситуација за да се види како треба да се работи. Ќе беше добро барем 20% од нив да научеа македонскиве телевизии. Трагично е и што многу заостануваат во однос на медиуми од регионов.

  3. Добро, ипак финта беше преко ТВ да не дојдев „онија“ до информацие за тактику на полицију, претпостављам.

    1. Ова е спин. Снимките и видеата од граѓаните се направени од доста далеко растојание, некои, како овие во текстот, дури и од другиот крај на градот. Полицијата го затвори цело Диво Насеље за репортери и граѓани со голем радиус од каде се водеа битките. Нема никакво откривање на тактика бидејќи само полицијата ја знае тактиката.

  4. И јас никогаш нема да ја заборавам изјавата на крвникот на македонскиот народ, латас, кој во своите вести рече дека Куманово не е најбитно тој ден и после тоа објави прилог за тоа како македонците сме се однесувале на одмор. Срам за македонското новинарство.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии