Неговото височество – Десктоп персонален компјутер

Во „далечните“ 70-ти и 80-ти години од минатиот век, неколку компании, помеѓу кои за нас најпознати се Apple и IBM, почнаа да ја промовираат идејата за персонален компјутер. Имајќи го предвид фактот дека во тоа време компјутерите беа огромни комплексни машини кои пресметуваат сериозни калкулации и се користеа за научни и воени цели, самиот назив „персонален компјутер“ на многумина им делуваше како оксиморон, во најмала рака несериозно. Но, благодарение на овие и некои други пионерски и визионерски компании, човештвото ги доби првите персонални компјутери – PC.

Овие машини со својата моќ денеска не може да се споредуваат ниту со покомлексни калкулатори. Колку за илустрација, IBM 5150 кој се смета за прв персонален компјутер имал процесор со работен такт од само 4,77 MHz, работна меморија од 16 килобајти и две единици за флопи дискови, додека пак калкулаторот TI–Nspire произведен од Texas Instruments во 2007 година, работи на процесор со работен такт од 90-150MHz (во зависност од моделот) и има по 32 мегабајти работна и меморија за складирање. Сепак тие беа оние кои го направија првиот чекор.

Луѓето на нив почнаа да гледаат како на алатки кои им го олеснуваа работењето, кои им помагаа во секојдневниот живот, кои ги забавуваa после напорниот работен ден. Компјутерот дефинитивно стана персонален. Со појавата на интернетот, пак, само се дополни позитивното корисничко искуство, персоналниот компјутер стана прозорец кон надворешниот свет. Како што минуваа годините, компјутерите стануваа поевтини и подостапни, производителите на оперативни системи и софтвер креираа интуитивни работни околини и алатки за секој без разлика на неговото претходно искуство и знаење. Ако во 90-тите години за да се инсталира Windows мораше да се има познавања од DOS и инсталацијата да се врши од неколку медиуми (флопи и CD). Како што напредуваа верзиите, инсталацијата се сведуваше само на неколку клика на копчето Next и толку. Денес, инсталацијата сама креира партиции, ги форматира и го инсталира оперативниот систем.

На кратко персоналниот компјутер стана персонален, секој можеше да го менаџира и користи според сопственото знаење.

Ве меѓувреме се појавија и првите преносни компјутери популарно наречени лаптопи. Но тие беа скапи, недостапни, со далеку помала моќ од персоналните компјутери и ограничени само на неколку функции. Еден од првите преносни компјутери кој прв се нарекува лаптоп е Gavilan SC кој можеше да се „пофали“ со 5 мегахерцен процесор и основен графички приказ на податоците кој бил сметен во 48 килобајтната ROM меморија и чинел „скромни“ 4.000 долари. Заради тоа, нив ги користеа оние кои можеа пред се да си ги дозволат и оние кои навистина им требаше да пренесат со себе неколку информации и апликации и толку. Мобилните пак телефони си ја имаа својата единствена функција – телефонија и кратки пораки. И двата типа на уреди беа далеку од тоа да земат и дел од функциите и популарноста на десктопот. Се до почетокот на новиот милениум.

Мобилното станува „ИН“

Паралелно со моќта на десктоп персоналните компјутери, која се мултиплицираше буквално со зголемување на бројот на јадрата и процесорите кои ги покренуваа, потоа работната меморија која добиваше и на брзина и на квантитет итн, на почеток срамежливо, и преносните компјутери започнаа да стануваат се подостапни, побрзи, со еден збор – подобри.

Производителите започнаа да ги слушаат барањата на луѓето кои бараа начин како да го „синхронизираат“ своето работење и живеење со светот кој стануваше се подинамичен и побрз. Така започна ерата на преносните компјутери. Разликите во поглед на перформанси помеѓу нив и декстоп компјутерите почнаа да се намалуваат, а да доаѓаат до израз предностите, пред се мобилноста, малата потрошувачка и слично. Софтверските компании исто така го прифатија трендот. Нивните оперативни системи веќе одлично работеа на преносни компјутери, притоа штедејќи ресурси и енергија, овозможувајќи му на компјутерот подолго да работи без потреба од физичко присуство покрај извор на енергија или слично. Но, не се застана тука. Од пред некоја година започна наголемо да се применува cloud технологијата, т.е ресурсите да се селат од физичката машина во некоја друга оддалечена локација, пружајќи му на тој начин на лаптопот, па и на десктоп машините, моќ ограничена само од брзината на интернет конекцијата. Во основа тоа значи дека меморијата, процесорот и апликациите се инсталирани некаде на некој оддалечен сервер и корисникот се што треба да направи е да пристапи до него и не се грижи ниту за одржувањето ни за евентуалните проблеми. Може да се добие онолку моќ и перформанси колку што се потребни и колку што е спремен да плати.

И мобилните се придружија на тој поход на рушење на доминацијата и владеењето на десктоп компјутерите. Тие дури и ја унапредија логиката на производителите на преносни компјутери дека ако нешто може да работи, треба да се најде начин да се намали и да работи исто, но да биде многу помало. Така мобилните телефони почнаа да добиваат процесори и количество меморија на кое можеше да му позавидат не само првите, туку и персоналните десктоп компјутери од само пред 10-тина години. Повторно илустрација, iPhone 4 кој сега е во тренд, има работна меморија од 512 мегабајти и процесор Apple A4 кој работи на 1 гигахерц. Складирањето се мери во гигабајти (од 16 па нагоре), а да бидеме искрено, не беше толку одамна кога персоналецот дома можеше да им позавиди на овие перформанси.

Android, Apple и Microsoft сериозно си ја сфатија работата па така со нивна помош се добија уреди кои буквално се собираа во џеб а кои можеа да ги задоволат основните потреби на еден просечен корисник кои ги спомнавме погоре – сурфање на интернет, проверување на имејл и рекреативно играње игри. Мобилните оперативни системи се фокусираа токму на овие потреби, и се оптимизираа да ги задоволат истите. Паралелно со уредите се усовршуваа и мрежите на кои тие работеа (2G, 3G, 4G) па на тој начин се добие една совршена еко-средина за секој мобилен корисник.

И секако, не треба да ги заборавиме таблет компјутерите, чија ера започна со Apple iPad, а се продолжува со iPad 2 и куп разни Android и Windows уреди.

Играчки конзоли – финален удар

Меѓу последните искрени фанови на десктоп машините беа гејмерите. Огромната процесорска моќ, графичките картички со перформанси колку еден мал компјутер надополнети со кристално јасните HD монитори беа она што лаптоп компјутерите и мобилните не можеа да го заменат. Се до појавата и пробивот на првите играчки конзоли. Иако нивните први претставници не можеа да се носат со компјутерите бидејќи служеа само за играње на игри, за денешните тоа не важи. Денес PlayStation 3 (која датира од 2006-та) во комбинација со се поефтините и достапни HD телевизори, не само што пружа ултимативно играчко искуство, туку воедно преставува и моќен компјутер и сет за севкупна забава. Опремен е со читач за сите видови оптички медиуми (CD, DVD, BluRay), складира до 320 гигабајти меморија, а мрежно може да се поврзе на соодветната мрежа и со тоа практично да ги исполни сите барања на еден гејмер или „фан-гик“.

Заклучок

За жал и јас лично (десктоп компјутерот беше тој кој ми покажа еден друг свет, кој ме описмени, кој ми даде „занает“) ќе морам да се согласам со останатите кои тврдат дека деновите на десктоп компјутерите се одбројани. Можеби HP, Dell и нeколку други нема да се откажат толку лесно, ќе прават нови еко-пријателски, моќни и компактни машини, но и тие веќе се од типот се-во-едно (нешто што Apple со децении го прави) така што повеќе наликуваат на лаптоп отколку на класичен декстоп. Се уште графичките дизајнери, видео уметниците, 3D артистите и неколку други ќе бараат десктоп машина со многу гигахерци процесор, многу гигабајти RAM и терабајти простор за складирање. Барем се додека не се овозможи и тоа на преносните компјутери. За останатите, приказната е јасна. Доволно е да се види секојдневниот пад на продажбата на десктоп, на сметка на лаптоп компјутерите. Доволно е да се слушнат помладите на кои им е незамисливо да имаат десктоп компјутер бидејќи Facebook имаат и на мобилните телефони. Доволно е да се слушнат размислувањата и на дел од посериозните корисници (од бизнис заедницата) од кои дел имаат десктоп само за да изгледа убаво на биро и да има каде да складираат работи кои потоа ги синхронизираат со телефон и лаптоп.

3 коментари на “Денот кога десктопот ќе стивне

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии