Печатените медиуми и телевизиите во Mакедонија се во незгодна положба. Има провладини и проопозициски, но никако независни медиуми како што треба всушност да бидат. Истово започна да се случува и на Интернет. За една година никнаа очигледни провладини и проопозициски интернет-медиуми, и некои независни, кои сега може да ги додадеме на се поголемиот број на забавни и специјализирани портали.

Дали можеби во овој брз раст на бројот на интернет-медиуми треба да размислиме за како да се регулираат? Прашањето доаѓа од текст „Забрзано никнуваат интернет-медиуми“ на Владимир Николоски од Нова Македонија, кој вели дека карактеристично за ова „забрзано никнување“ на портали и интернет-медиуми е што во „државата не постои законодавство и институција што ќе ја контролира работата на ваквите медиуми ниту, пак, постои регулатива за начинот на кој се пласираат содржините. Тоа остава простор за објавување нелекторирани текстови, навредливи содржини или со други зборови секој може да објави што ќе му текне.“

Оваа изјава е малку контроверзна бидејќи законски регулативи и државна интервенција е спротивно од идејата за што тоа Интернетот го нуди. Но, изјавата е објавена во популарен весник што само ја зголемува нејзината влијателност врз јавното мислење. Затоа зошто да не ја разгледаме.

Ок, прашањата се: ќе се регулира интернет-медиум на овој или оној начин, но што ако јас стартувам блог? Дали блог е медиум? Koj ќе ги регулира интернет-медиуми и како?

Во текстот на Нова Македонија се наведени и правите причини за овој „феномен“, Дарко Булдиоски од New Media MK и Филип Стојановски од фондацијата Метаморфозис објаснуваат дека причините зошто никнуваат интернет-медиуми се помалите трошоци за одржување и желбата да се профитира од интернет маркетинг, кој ако се тргнат операторите во моментот ќе се сведе на скоро непостоечки (и не зборуваме за поставување банер на сајт, кој е само минимум од тоа што може да се понуди како интернет маркетинг). Причина е и се поголемиот број на интернет корисници чии очи се свртени кон мониторите, не кон телевизорите.

Но… секогаш има но, нели?… што ако има смисла изјавата на Владимир, кој вели дека „немањето „законодавство остава простор за објавување нелекторирани текстови, навредливи содржини или со други зборови секој може да објави што ќе му текне“.

Ако го изоставиме судот како решавач на спорови, како аргумент на идејата за регулирање, поголемиот дел од македонските интернет медиуми не почитуваат авторски права. Сме биле сведоци на случаи каде големи весници и мали портали крадат фотографии, цели вести и преведуваат цели текстови. Зошто да не постои некој кој ќе ги регулира барем тие основи на фер споделување?

Но, кој да регулира и како? Лекторите, како што алудира Нова Македонија? Има лекторски грешки, но лекторите едвај можат да се справат со новиот потехнички жаргон кој никнува секој ден на друштвените мрежи и кој се пренесува во говорот, и на крај во текстовите. Можеби портали велат „чекирање“, „лајкање“ и слично, но и медиумите кои имаат лектори не помагаат со пишување на адреси како „њњњ.гоогле.цом.мк“ или „њњњ.фацебоок.цом“. На крај, кој колку знае да пишува правилно, тој толку ќе биде читан и почитуван. Тоа си оди на штетата или профитот на самиот медиум.

Можеби Советот за радиодифузија кој функционира како вид регулатор за медиумите? Но, тие се доволно заглавени во „искажување загриженост“ и објавување деманти со медиуми и технологија кои постојат со декади, како ли само ќе се справат со новите медиуми. А можеби Здружение на новинарите на Македонија како независен регулатор? За жал и тие се заглавени во расправии на не-интернет-медиумите. Можеби регулаторно тело поставено од владеачката партија, која и да е седната во фотељата? Но, тоа би било апсурд, нели? Исто како што е апсурд и идејата да се регулираат интернет-медиумите.

[poll id=”19″]

(Сликите се под CC лиценца, и се превземени од ¥§•ªˆ¨ˇ© LOVE © ˇ¨ˆª•§¥’s/ Flickr и Balleyne/Flickr)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии