Дали тајната на поголема ефикасност се крие во поткожни микро чипови?

Во една од септемвриските колумни на Џон Дворак, познатиот колумнист повлекува интересни паралели за чипуваната иднина на животните и луѓето. Од 2016 година, Велика Британија има воведено закон каде секој сопственик на милениче мора да се заземе за вградување микрочип под кожата на животното. На тој начин, доколку миленичето заталка некаде лесно се овозможуваат услови за соединување со сопственикот.

Арно ама, таквото нешто не застанува со животните и праксата започнува да се спроведува и кај луѓето. Можеби сте слушнале за компанија во Винсконсин која ги „микрочипувала“ вработените. Според претставник на компанијата, 50 од 85 работници доброволно се согласиле да им се вметне поткожен микрочип во дланката, поточно во меката област помеѓу палецот и показалецот. Како резултат на ова, вработените не се малтретираат со картички и пари, туку со едноставно провлекување на раката отклучуваат врати или пак си купуваат работи од компаниските вендинг машини.

Со поминот на времето, објаснува Дворак, ваквите мали направи би можеле да содржат дополнителни информации, како кредитни картички, возачка дозвола, пасош, па дури и медицински податоци. Сево ова овозможува пофлексибилни и поефикасни услови за интеракција во работната, но и личната средина, но што се случува кога во равенката ќе влезе и прецизно следење и манипулација на системите? Дворак зазема дополнително морбиден став и се запрашува што е со ситуациите кога таквиот чипуван граѓанин е нападнат, а чипот насилно извлечен од раката и искористен за купување бројни работи пред да се пријави како исчезнат. Дополнително, што доколку направата не работи како што е замислено и ги оштети домаќините во процесот?

Спектарот на можности е бескраен, а половина од нив се крајно загрижувачки.

Она што највеќе изненадува е колку се луѓето прифатливи за идејата и немаат никакви проблеми со вметнување надворешно тело само за да уживаат во дополнителни предности. Без намера да наметнуваме тоталитаризам, но што правиме кога ова повеќе нема да изборно и кога работа ќе се нуди само на оние луѓе кои се спремни да и излезат во пресрет на иднината? Во Британија, чипувањето на миленичињата е задолжително. На сите сопственици кои нема да го направат ова во првите осум недели им се заканува казна од 565 евра. Кога технологијата ќе заземе понапредни стадиуми и ќе се создадат можности кои се поголеми од отворање врати и купување храна, некој не може, а да не се запраша кои драстични степени ќе заземе потребата за микрочипување и на каков социјален притисок би можеле да бидат изложени идните генерации.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии