Дали MP3 Toolkit е работилница со комплексни можности?

MP3 toolkit е моќна работилница и појдовна точка за манипулација со аудио и, во одредени случаи, видео фајлови. Покрај освежен изглед, кој и понатаму пушта носталгични корени во ерата на Windows XP, MP3 toolkit 1.4 е појдовна точка за шест алатки. Некои од алатките се одликуваат со одличен квалитет, но други знаат да го разочараат попребирливиот корисник. Во оваа прилика, разгледуваме сè што може MP3 toolkit да понуди и се трудиме да заклучиме дали најновата верзија на оваа работилница успева и понатаму да одржува чекор со времето.

Првата, најважната и најдобрата алатка е MP3 Converter. Со неа, лесно можете да ги менувате форматите на вашите музички нумери. За таа цел, алатката препознава 13 различни формати, а можна е и работа со видео клипови. Од таквите клипови, кои можат да бидат MP4, MOV, MPG, VOB и слично, MP3 Converter лесно го извлекува аудио фајлот и го сервира во формати како MP3, WMA, OCG, WAV, FLAC, AC3, AAC и слично.

Следната од алатките се вика CD to MP3 Ripper и, како што кажува името, алатката ви дозволува да ги извлечете аудио фајловите кои ги имате на одредено CD во форма на некој друг формат. Огромна забелешка упатуваме кон неможноста за автоматско извлекување податоци за песните. Финалниот продукт од ваквата активност, корисникот ја добива во форма на фајлови со генерични имиња.

Третата алатка, MP3 Tag Editor ви помага да манипулирате со ID3 1.1 и 2.х тагови, да вметнувате наслови и слики, но сè мора да се прави рачно и е само за фајлови кои се во MP3 форматот.

Оние кои имаат потреба да спојуваат неколку песни во еден фајл, можат да го направат тоа со четвртата алатка. MP3 Merger, меѓутоа, ви го нуди таквиот формат само во MP3.

MP3 Cutter ќе проба да ви се најде доколку имате потреба да се впуштите во обратниот процес на тој од претходната алатка, односно да отсечете одредени делови од песната. Таквото нешто е засновано на карактеристичниот брановиден приказ, но, за прецизна работа, разочарува недостатокот на опција за зумирање и употреба на пофлексибилни обележувачи. Како резултат, на располагање имате исклучително груба алатка која никако не се препорачува доколку барате поголема прецизност при „сечењето“.

Последната алатка, МP3 Recorder се удира во гради како солидно решение за снимање само во MP3 форматот, со можност за бирање bitrate, sampleratе и формат на звукот, но нема опција за одбирање на изворот на звукот.

MP3 Тoolkit е една од оние алатки кои одбиваат да бидат поразени од времето и се менуваат во зависност од напредокот на технологијата и потребите на корисниците. Најновата верзија, меѓутоа, се чини дека не успева целосно да излезе во пресрет на корисникот, особено кога ќе земете во предвид дека ваквата колекција од алатки чини 30 долари.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии