Дали енкриптираните сервиси за комуникација им помагаат на терористите?

Иако нема цврсти докази, сепак постои сомневање дека терористичките организации користат енкриптирани сервиси за комуникација и организирање на напади како тој во Париз. Дел од државите побараа од девелоперите и производителите помош и алатки со кои ќе можат да го надгледуваат сообраќајот, но ова веќе се претвора во проблем со приватноста. Барањето посебно се однесува на апликациите кои нудат целосна анонимност преку енкриптирање на комуникацијата. Сепак надвор од недостатокот на цврст доказ, терористите на Исламската држава (ISIS) и досега користеа технологија за прикривање на сообраќајот. Пораката со која ISIS ја презема одговорноста за терористичкиот напад над рускиот авион на Синајскиот полуостров е испратена преку руската апликација Telegram, јави New York Times.

Засега нема докази ниту дека терористите го користат скриениот интернет и Tor да ја скријат својата комуникација, иако дел од експертите тврдат дека новите алатки значително ја олеснуваат рaботата на терористите, но и на останатите криминалци. Но, напаѓачите од Париз доаѓаат од ист кварт во Брисел и веројатно е дека се среќавале лице в лице за договарање на детали за нападот во кој загинаа околу 130 луѓе.

Во недостиг на вистински податоци, претставници на властите од Белгија излегоа со претпоставки и дека терористите ја користат PlayStation 4 за договарање поради end-to-end криптирање. Ова подоцна е демантирано, бидејќи нема end-to end заштита на податоци, но сепак не е прв пат игрите да бидат обвинети за вакво нешто. Од поодамна се присутни шпекулации дека терористите ја користеле и World of Warcraft за договори.

И без познавањето на текстот на пораките, безбедносните агенции можат да истражуваат, да идентификуваат и да приведуваат осомничени. „Најголем дел од апсењата се по копања низ мета-податоците. Штом еден е идентификуван, безбедносните структури користат анализа на линкови која е користи за креирање на слика за луѓето со кој зборувал,“ вели професорот Ален Вудвард за ВВС. Еден од примерите за следење на корисниците со помош на мета податоци од провајдерите објави Едвард Сноуден. Агенциите можат да проверат и да видат кога некој телефон влегува од опсег на една базна станица и влегува во покриеност на друга базна станица. Со споредување на неколку вакви точки на осомничениот со сите телефони во близина се добива листа на можни соработници.

За жал, она што се случува по секој ваков трагичен настан се повторува и овојпат. Агенциите побараа затегање на безбедноста, пристап до комуникациите на корисниците на повеќе алатки за разговори, под изговор дека овие мерки се неопходни за национална безбедност. Најголемиот проблем е што овие мерки ќе бидат на штета на граѓаните, а терористите ќе продолжат како и досега. Што доколку Apple, Google и Facebook дозволат пристап до комуникациите под изговор дека се работи за национална безбедност? Такво сценарио всушност видовме во доверливите документи на NSA која собираше масовни кориснички податоци на обични корисници под истиот изговор. Без разлика дури и да бидат некриптирани комуникациите на сервисите на Apple, Google, Microsoft и Facebook, злонамерниците секој пат ќе можат да пронајдат темен ќош на скриениот интернет, или едноставно бесплатен додаток за прелистувач за криптирање на комуникацијата.

3 коментари на “Дали енкриптираните сервиси за комуникација им помагаат на терористите?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии