Дали децата ќе учат во виртуелна реалност?

Во одредени ситуации, наставниците не се во можност да понудат на нивните ученици нешто повеќе од теорија. Немање доволно ресурси, соодветна опрема и време, знае да доведе до статични часови без корисна практична изведба. Како резултат, дел од учениците или не можат правилно да ги разберат концептите, или пак лесно ги забораваат. Дополнително, одредени концепти се или премногу опасни или премногу апстракти, поради што, дури и на нај креативниот наставник автоматски му се врзани рацете.

Но, не и кога се работи за предавања во виртуелната реалност.

Што може да направи виртуелната реалност за децата?

Во виртуелната реалност, учениците можат да истражат какви било тродимензионални простори и да се најдат во најразлични ситуации кои никако не би можеле да се искусат во нормални услови. Вовлечени во виртуелниот простор, децата можат на научат за ќелиите во човечкото тело така што ќе патуваат низ крвотокот или ќе добијат уникатни можности за учење за загаденоста во океаните преку потопување во симулирано искуство. Оние кои немаат пристап до скапа лабораториска опрема, сè што треба да направат е да ги навлечат VR очилата и детално да ја проучат опремата од секој агол, па дури и да стапуваат во интеракција, како и да прават експерименти кои не би биле безбедни во реалноста.

Опремата за виртуелната реалност го може сево ова. И многу повеќе.

Оние кои учат одреден јазик, можат инстантно да се префрлат на која било локација во светот и да се впуштат во разговори на уникатен начин. Па така, ако денеска е употреба на вокабулар и конструкции за храна и пијалаци, една група од ученици ќе бидат туристи во тродимензионален ресторан во Париз, а друга група ќе ги послужува со вистински 3D модели на храна и пијалаци. Машинските инженери ќе можат целосно да растураат и склопуваат комплексни мотори, а идните лекари, можат да извршуваат комплексни операции на дигитални пациенти.

Дали VR e ефикасна стратегија за подлабоко впивање знаења?

Како релативно нова технологија, VR пушта корени во нови и, сѐ уште непроверени полиња, но генералниот заклучок е дека употребата на оваа технологија е значително подобра од традиционалните методи, или, барем, така смета вонредниот професор по психологија од универзитетот во Копенхаген, Гвидо Макрански:

„Нашите истражувања имаат покажано дека со VR учење учениците се здобиваат со одредени вештини поефикасно отколку во нормални, традиционални услови каде се слуша предавање, или се учи од компјутер. Дополнително, учењето во виртуелната реалност значително ја зголемува мотивацијата и го изострува нивното чувство за само-ефикасност.“

Иако професорот целосно верува во ова, сепак предупредува дека им требаат повеќе информации за тоа кога и како симулациите во виртуелната реалност се вистинска предност и дека треба да внимаваме да не правиме непромислени инвестиции во технологијата само затоа што се кажало дека треба да се инвестира во технологијата. Мора, предупредува тој, да се има сигурни показатели за вистински бенефит при учењето.

Што се однесува до самите деца, едно друго истражување има покажано дека машките деца учат најдобро кога виртуелниот учител ја зазема формата на летечки дрон. Девојчињата, пак, најдобро прифаќаат знаење кога истото се сервира од млад, женски научник со име Мери.

Кога VR ќе стане реалност во училиштата?

Како дел од образованието, бројни училишта низ светот ќе воведат учење во виртуелна реалност за неколку години. Се претпоставува дека во наредните две до три години, цената на VR технологијата ќе биде значително пониска и многу училишта лесно ќе можат да си дозволат таква инвестиција. Се предвидува дека до 2025 година, околу 15 милиони ученици ќе можат да учат во виртуелната реалност. Дали и Македонија ќе биде една од таквите земји?

Тешко.

Низ повеќето државни училишта во Македонија, предавањето знаење и понатаму се врши со табла и креда. Во многу ретки ситуации се користат проектори, а во исклучително ретки ситуации се користат смарт табли. Се чини дека во македонските училишта инвестицијата во технологијата доаѓа ретко и со огромни задоцнувања, без услови за зачувување и обновување на истата. Проектот „компјутер за секое дете“, каде за секој ученик требаше да се обезбеди компјутер, функционира само на стаклени нозе. За многу училишта имаме слушнато дека поголемиот дел од опремата е искршена и надвор од употреба. Замена на опремата нема.

Колку и да падне цената на VR технологијата, шансите за таква инвестиција се чини дека е исклучително ниска, освен ако не дојде од некои европски грантови, проекти кои се добиваат исклучително тешко и се уште потешки за изведба. Претпоставуваме дека одредени државни училишта би можеле да добијат ограничен број направи, но тоа би создало услови за други проблеми, како барање соодветна просторија и правење распоред кој би излегол во пресрет на стотици наставници и илјадници ученици.

Учење во виртуелна реалност за македонски деца е можна, но на малку поразлични начини. Доколку цените на VR технологијата значително паднат, тогаш поголемиот дел семејства би можеле да си дозволат VR дома, на ист начин како што, сега, поголемиот дел од македонските семејства имаат компјутер, телефон, или таблет.

На почетокот на учебната година, поголемиот број наставници, објаснуваат на децата дека со книгата по нивниот предмет оди и работна тетратка, но, бидејќи законски не е задолжителна, оној кој сака може да си ја купи во сопствена режија и да ги работи вежбите дома. Други наставници, често споделуваат линкови кои учениците ги посетуваат дома на нивните компјутери/ таблети и ги работат таквите дигитални задачи или истражувања надвор од училиштето.

Претпоставуваме дека погодувате каде одиме со ова. Теорија на училиште, а VR пракса дома. Компјутери има во скоро секој дом, но скоро е клучен збор во оваа констатација и навистина е штета што одреден процент од деца, исто како што немаат 300 денари да си дозволат работна тетратка, исто така нема да можат да си дозволат симулиран престој во некоја друга реалност.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии