Дали Asus ZenFone 5 (2018) e телефон за вас?

Првиот ZenFone 5 беше исфрлен уште во 2014 година. Мора да има нешто во името затоа што компанијата некако не сака да го запостави моделот и од пред месец дена почна да ја продава најновата верзија на Asus ZenFone 5. Но, кога ќе ја земете цената и функциите во предвид, дали ова би можело да биде телефонот кој отсекогаш сте го сакале?

Ние не успеавме физички да дојдеме до телефонот, но од она што го видовме и прочитавме, Asus ZenFone 5 се труди да го понуди најдоброто од двата света и ги шармира корисниците со iPhone X изглед под чија хауба се крие андроид систем. На прв поглед, многу корисници лесно би можеле да заклучат дека се работи за iPhone X, но првото нешто што ја крши таквата илузија е големината на екранот. Ако iPhone X се одликува со 5.8 инчен екран, чедото на Asus може да се пофали со екран кој е поголем за 0.4 инчи. Вртењето на телефонот од задната страна открива уште една карактеристична разлика, а тоа е читачот за отпечатоци кој дискретно се дружи со страничен 3.5 приклучок за слушалки. Asus ZenFone 5 (2018) не е водоотпорен, а се испорачува во две бои: Midnight Blue и Meteor Silver, односно темно плава и сребрена боја. Среќните корисници кои успеаја да го земат во рака велат дека се работи за исклучително лесна, тенка и практичка направа која е прекрасна фузија на стакло и метал. Во таквото нешто воопшто не нѝ е тешко да поверуваме, особено откако земавме во предвид дека Asus ZenFone 5 (2018) е со дебелина од само 7.9мм и тежи 155 грама. Откако ќе чуете за хардверот кој го вдомува, нема да погрешите доколку помислите дека ваквата градба е анорексична и во очите на најзагрижените модели.

За впивање на визуелните содржини се има погрижено Full HD+ екран кој се протега низ дијагонала од 6.2 инчи. Многумина тестери се крајно импресионирани од јаките и крајно реалистични бои, со интегрирани филтри за олеснета работа и во слабо-осветлени простории. Иако не се работи за OLED екран, не наидовме на негативни забелешки за начинот на кој се прикажуваат работите во IPS-style и во 18.7:9 сооднос.

Asus ZenFone 5 (2018) е еден од првите телефони кој користи Snapdragon 636. Се работи за еден од поновите процесори на Qualcomm, замислени за испорачување моќ од средна категорија. Благодарение на 4GB RAM, и 64GB вграден простор, ваквата комбинација се чини сосема во ред за извршување на повеќето секојдневни операции и тоа со задоволителни и флуидни перформанси. Од бројните тестирања, се има извлечено заклучок дека најслабата страна на телефонот би можела да биде во играње на игрите со висока побарувачка. За оние корисници кои се заинтересирани за подобар гејминг преку телефонот, Asus нуди ZenoFone 5Z. Овој телефон се одликува со истиот изглед, но со Snapdragon 845, како и повеќе RAM и простор за складирање. На овој начин, сите оние кои се задоволни со изгледот, но бараат појак телефон, би можеле да го насочат вниманието на ZenoFone 5Z. За пофалба е тоа што, Asus ZenFone 5 се испорачува со AI Boost, еден вид паметен начин за оверклокинг каде ја зголемувате моќта на процесорот за да можете да излезете во пресрет на игрите со поголема побарувачка. Во тој случај, батеријата страда и се троши значително побрзо, но од Asus тврдат дека таквото нешто се исплати и ќе му даде моќ на телефонот која е еквивалентна со таа на Snapdragon 660.

Што се однесува до овековечување на бројните случки и настани, Asus ZenFone 5 (2018) располага со двојни леќи на задната страна, потпомогнати од IMX363 сензорот на Sony. Едната камера е од 12Mp, со f/1.8, a другата е 8Mp, со f/2.0. За оние кои не сакаат да чепкаат многу, а се желни да го извлечат максимумот од моментите, можат да се потпрат на интегрираната вештачка интелигенција која препознава 16 сцени и објекти и автоматски наметнува оптимални прилагодувања. Пофални зборови се упатуваат кон јачината на боите, како и на импресивниот квалитет при снимање во слабо осветлени простории. Во поглед на снимање видеа, не би требало да останете разочарани, особено доколку сакате да снимате во Full HD, со до 120 фрејмови во секунда и со резолуција која може да се искачи до 4К. Зголемување на резолуцијата значи намалување на фрејмовите во секунда и, доколку добро разбравме, снимање со 4К резолуција е можно со 30 фрејмови во секунда. Видеата се од импресивен квалитет, но се посочува на тоа дека не би можеле да ги задоволат корисниците кои гледаат на ова како на нешто повеќе од едноставно хоби.

Аудиофилите исто така не би требало да останат разочарани, затоа што вградените звучници се едни од најјаките звучници кои се имаат вдомено во еден паметен телефон и квалитетно ги репродуцираат звуците. На располагање имате DTS Headphone: X поддршка за виртуелен 7.1 surround звук, како и поддршка за Bluetooth 5.0 и aptX HD.

USB-C ви стои на располагање за побрзо полнење на батеријата од 3.300mAh. За истрајноста на батеријата повлековме информации од тестирањата од GeekBench 4, каде батеријата успеала да издржи скоро седум часовни тортури и извлекла резултат од 4036 поени, што е некаде на слично рамниште со батеријата која гостува во OnePlus 6, или Galaxy S9. Нормално користење на телефонот ја празни батеријата на секои два дена.

Од софтверската гледна точка, на Android 8.0 Oreo е навлечен корисничкиот интерфејс на Asus. Asus ZenUI 5 бара одредено навикнување и покрај видните напори да се исчисти површината и значително да наликува на стандардната Oreo верзија. На располагање ги имате најчесто користените Google апликации, како и неколку претходно инсталирани апликации од трети лица, како Facebook и Instagram. Интересно е тоа што и Asus ја користи оваа прилика да уфрли неколку нивни апликации, како тие за времето, контактите, и математички пресметки.

Со ZenFone 5, Asus ветуваат дека успеале да ја усовршат вештачката интелигенција, до таа мера да искуството со телефонот е издигнато на значително повисоко ниво, почнувајќи со полнењето, движејќи се со известувањата, па сè до начинот на кој телефонот ѕвони. Имено, во зависност од тоа колку е гласна околината во која се наоѓате, ѕвонењето ја менува јачината на начин кој доликува, односно гласно кога патувате, а тивко кога сте, да кажеме, во канцеларија. Паралелно со ова, кога сте надвор, екранот автоматски станува посветол, а кога сте во темна просторија, топлината зазема посоодветна форма и не им штети премногу на вашите очи. AI-то пушта корени и во едноставните работи како известувањата, односно нотификациите и им ја менува бојата во зависност од позадината која ја имате наместено и боите кои доминираат во неа. Во поглед на полнењето, AI Charging ќе ви помогне да ја сочувате батеријата така што набљудува кога и колку ја полните батеријата. Како пример, од Asus објаснуваат дека ако го полните телефонот преку ноќ, AI Charging ќе го наполни телефонот до 80 проценти и ќе го држи до тој степен сè до раните утрински часови. Пред да се разбудите, ќе го наполни целосно телефонот. На овој начин, компанијата ветува дека може двојно да го зголеми животот на батеријата.

Asus ZenFone 5 (2018) чини околу 330 евра, но тоа не спречи одредени критичари да го одбележат телефонот како направа која има дизајн од 1000 евра, а чини една третина од таквата цена. Доколку ви се допадна она што го прочитавте во горните редови, дефинитивно земете го ZenFone 5 во предвид. Според нас, телефонот нуди и многу повеќе од она што бара за возврат и е интересен избор доколку сакале да се дружите со iдизајн. Бројните начини на кои се црпе помош од вештачката интелигенција се само дополнителен плус кој може само да ги израдува корисниците кои не се по рачни микро-прилагодувања.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии