Поевтини роамингот, но WiFi останува единственото решение

Како што беше најавено од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), од 1 јули цените за роамингот помеѓу Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, и Црна Гора ќе се намалат драстично. Цената на минута разговор во роаминг ќе чини 17,9 денари наместо 68 денари; испраќање на една порака ќе чини 5,6 денари; а 1 МВ податоци ќе чини 43,2 денари што е намалување од 370 денари. Намалување на роамингот помеѓу балканските земји го следи европскиот тренд, каде Европската комисија побара укинување на роамингот во Унијата. Како и во ЕУ, така и помеѓу балканските земји цените ќе продолжат да паѓаат во следните две години. Во 1 јули 2017 година ќе бидат 11,7 денари за 1 минута разговор, 3,7 денари за порака, и 12,3 денари за 1 МВ мобилен интернет.

Иако секое поевтинување на услугите е добредојдено, посебно на услугите што овозможуваат комуникација и споделување на информации, се чини дека корисниците можеби поевтино ќе поминат со купување на картичка од државите кои ги посетуваат. Ова пред се важи за пристап до интернетот, бидејќи корисниците не можат да направат ништо за 43 денари.

Повеќето македонски оператори веќе нудат дополнителни пакети и услуги со кои се добиваат поевтини роаминг цени, пример се нудат разговори за 9,9 денари по минута со USSD кодови, што е двојно помалку од новите цени. Но кога сме кај интернетот кој на одмор ни го треба многу повеќе од разговорите, дали за закачување слики на Instagram, за користење на мапи или за пребарување на сајтови за информации во непознат град, тој останува екстремно скап.

Доколку се обидувате да пресметате колку е 1 MB, со него може да отворите неколку едноставни веб страни, да прегледате 6 секунди YouTube видео или 14 секунди Skype видео разговор. Закачување или гледање фотографии и видеа не доаѓа во прашање бидејќи тие можат да „тежат“ неколку мегабајти. Единствено што може да направите во роаминг, без да се грижите за огромни сметки, е краток чет разговор преку едноставни апликации или да прегледате неколку имејл пораки.

Или може да најдете WiFi, да живее WiFi-то!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии