Да, за декада на сината боја

Милош Ристоски

во Вести

Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг и дигитални медиуми.


Повеќе од 2 декади, преку прогласувањето на боја на годината, Пантон остава печат во повеќе индустрии и пазари и е предвесник на новите влијателни колор палети во голем број на области на дизајнот. Но, од каде всушност ваквата идеја?

Кога пред точно дваесет години, експертите за боја на Пантон одлучиле да именуваат боја на годината, истите биле свесни за ризикот кој ваквиот избор го носи со себе. Се сеќаваме на говорот на Леатрис Ајзмен, извршен директор на Институтот за бои во компанијата којa велеше дека ваквиот избор е најтежок за потрошувачите и домаќинствата кои всушност и не го знаат значењето на Пантон. Меѓу најчестите реакции биле „Мислиш на шампонот или италијански леб?“

Процесот на избор на Пантон боја на годината се потпира на внимателен преглед и анализа на трендовите. Секоја година во изборот на истата, експертите во институтот за бои во Пантон го истражуваат целиот свет во потрага по нови влијанија на одредена боја. Ваквата анализа вклучува голем број на индустрии и пазари, популарни дестинации, области на дизајн но и социо-економски услови. Влијанијата може да произлезат и од новите технологии, материјали, текстури и ефекти кои влијаат на бојата, релевантните платформи на социјални медиуми, па дури и претстојни спортски настани што привлекуваат внимание на глобално ниво.

Две децении откако беше пречекан новиот милениум преку изборот на т.н. “Cerulean Blue”, прогнозите за боја на Пантон израснаа во владеачки орган на кои се потпираат голем број на индустрии. Изборот на оваа боја во 2000 година, компанијата го идентификуваше со боја на новиот милениум, симбол на небото и синоним за спокоен, кристално чист ден за сите дизајнери кои креаираат и работат во времиња исполнети со стрес. И навистина, за многу кратко ваквата прогноза стана глобален фаворит со масовна привлечност која можеме да ја препознаеме во речиси секој производ од тој период.

И токму пред почетокот на новата декада, компанијата ја објави Пантон боја на годината за 2020, наречена “Classic Blue”, позната како “смирувачка сенка на азурот”.

Изборот на оваа боја може да изгледа застарен, особено во споредба со живописниот корал во 2019 година, но спротиставувањето на оваа теза лежи токму во препознатливоста и сигурноста на оваа боја која има цел да ја карактеризира неизвесноста во иднина. „Кога го разгледуваме светот околу нас, знаеме дека живееме со многу немири, каде што некои денови не се чувствуваме толку сигурни“, објаснува Ајзмен. „Сината, од емотивна, психолошка гледна точка, секогаш претставуваше одредена смиреност и сигурност. Тоа е боја на која може да се потпрете“.

И навистина, оваа боја се повеќе е присутна во целиот свет. За време на глобалниот истражувачки напор на компанијата, започнат многу порано пред објавувањето, “Classic Blue” се забележува во индустријата за убавина, во уметноста, автомобилската индустрија, технологијата, па дури и надворешното уредување на просторот. Иако ваквиот избор не потсетува на изминатите Пантон бои на годината, вклучувајќи го “Turquoise” во 2010, “Blue Iris” во 2008 и “Cerulean Blue” во 2000 година, сепак овогодинешната нијанса дава чувство на доверба и стабилност како никогаш до сега, според Ајзмен.

Доколку за момент, пробаме детално да навлеземе во фолозофијата на овој избор, реалноста го потврдува истото. Со оглед на фактот што технологијата продолжува да расте пред човековата способност, лесно е да се разбере зошто гравитираме кон боите кои се чесни и будат чувство на заштита. Доверливиот шарм на PANTONE 19-4052 Classic Blue не поттикнува да гледаме подалеку од очигледното, предизвикувајќи нè да размислуваме подлабоко кон нови перспективи.

Вметнувајќи смиреност, самодоверба и поврзаност, оваа трајна и безвременска сина нијанса е предвесник на желбата за сигурна и стабилна основа врз која ќе градиме додека го преминуваме прагот на новата декада.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии