Е-uciliste.com е модерно решение за подобро образование, проект на Влатко Бутлески, наставник по стручни предмети во во средното електро-машинско училиште „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп. Со помош на своите поранешни и сегашни ученици, г-дин. Бутлески одржува веб сајт на кој учениците можат да најдат наставни материјали, туторијали, разни помошни информации и да решаваат тестови за да си го проверат знаењето.

Проектот е под лиценците на Creative Commons – можеш да споделиш, само наведи извор – што е логично решение за проектот земајќи в обзир дека дел од образовната содржина на сајтот е генерирана од самите ученици.

Потребен е голем ентузијазам, а единствениот профит се состои во успешноста како наставник и задоволството на учениците, вели Влатко Бутлески објаснувајќи го успехот на овој проект чие едноставно мото е – Да го направиме училиштето подобро место за учење!

Имавте идеја „коренито“ да го смените начинот на кој предавате? Со компјутеризацијата на училиштето сте добиле основа за вашата идеја – on-line учење комбинирано со менторски начин на работа на училиште. Која е разликата од ваквото учење споредба со традиционалното предавање?

Уште откако се вработив, согледав дека ако сакам да бидам наставник, ќе морам да научам многу нешта во животот. Пред се, да научам и применувам голем број стратегии за поучување, доколку сакам да имам успешен час и добри резултати.

Со години применувам, експериментирам, ги менувам методите на работа, се обидувам да ги следам моите ученици, нивниот стил на учење. Од минатата година применив коренито нова стратегија на работа со учениците. Ако досега парцијално го менував само пристапот, сега целосно преминав на нов вид на настава. Идејата долго се развиваше во мене, го чекав само моментот кога секој ученик ќе има свој компјутер за работа, на училиште и дома. Инаку, мојот начин на работа не е нешто непознато, тоа е само комбинација од два пристапи на учење: он-лајн учење (во училница и динстантно) и менторски пристап во училница. За разлика од традиционалниот начин на работа каде има предавање, учебник, учење и одговарање, пристапот на e-uciliste.com е: насочување, давање задолженија, програмиран материјал поставен на сајт, учење на програмираниот материјал и самопроверка, неделно и тематско следење на постигањата преку квизови и тестови.

На моите часови учениците се тие кои се главните актери на наставата, тие ја креираат наставата, самите тие го определуваат обемот на содржини кој треба да се научи, тие изработуваат прашања врз основа на кои се врши проверката на наученото, конечно и оценката зависи само од нив и нивниот пристап кон учењето и од она колку навистина постигнале. Во ниеден момент јас како професор не ставам оценка по мое наоѓање, моја работа е само да ја напишам (читај препишам) во дневник оценката која тие си ја постигнале.

За да се влезе на сајтот има строга контрола, барате секој да контактираат со вас поради добивање на корисничка сметка. Зошто?

Има причини, ќе набројам неколку:

  • претходно лошо искуство со објавени авторски материјали кои се копираат и објавуваат без да се наведе изворот;
  • се уште се работи на заштитата на скриптата со цел да не се објавуваат објавените материјали од учениците (оттука упатство за учениците како да ги заштитат своите видео лекции со вметнување на логото на страната);
  • тестовите се наменети само за моите ученици и прилагодени за нив и затоа не би дале вистинска слика за постигањата на некои други ученици кои учат според други содржини (од тие причини никој друг освен нив не може да има пристап до нив);
  • доколку и дозволам пристап до страната на надворешен член, тој не може да има пристап до тестовите, бидејќи мене ми се потребни резултатите и постапката на решавање од моите ученици, а гостинот секако може да има пристап до презентациите, видео лекциите и програмираниот материјал.

Интересно, велите откако започнал проектот сте сфатиле дека не ви се потребни учебници туку користите материјали објавени на сајтот. Зошто? Колку помага ова?

Ако речете дека имате проблем со учебници во основното или гимназиското образование, тогаш може да кажеме дека во средните стручни училишта нема таков проблем, ние едноставно ги немаме, па за да имаме со нив некаков проблем. Не постојат учебници во средните стручни училишта. Онаму каде што има се издадени од пред 15 и повеќе години и ако во медицината тоа и не значи ништо, во електротехниката е смешно да учите од учебник постар од 2 години.

Едноставно децата знаат многу повеќе од тој учебник. Согладувањето на проблемот на брзо застарување на учебниците во овие струки, беше една од причините да започнам со e-uciliste.com. Имено, никогаш нема да може една мала земја како нас да постигне издавање на учебници на секои 2 – 3 години, па сметам дека проект како овој е вистинското решение за овој проблем скоро за сите стручни предмети. Кога поставуваат содржини на сајтот, учениците ги насочувам да бараат интернет извори на други јазици кои се во врска со темата која ја работиме. Исто така користат и голем број стручни списанија, електронски или печатени.
Значи, учебниците во нашата струка се скоро бескорисни доколку не се пишуваат почесто, а материјалите на сајтот се најнови сознанија, а кога ќе застарат следната година, лесно ќе можеме да направиме промени во истите.

Ангажирате помошници, учениците самите закачуваат содржина на е-училиште…? Кажете ни повеќе за системот на работа.

Она што го сметам за оригинално во e-uciliste.com е системот на работа. Идејата за ученици помошници потекнува од мојот досегашен начин на работа со учениците. Некои од моите поранешни и сегашни ученици, се мои соработници не само во овој, туку и во други проекти. Поттикнат од овој однос со учениците, согледав дека треба да ги третираш како соработници, а не како деца кои треба да ги нахраниш со знаење. Учител е само оној кој знае како да учи заедно со своите ученици. Да, јас многу научив и се уште учам од нив, го „крадам“ секое зрнце креативност од нив, го преработувам и им го враќам назад како знаење со кое ќе можат еден ден да бидат успешни луѓе.

На почетокот на секоја учебна година откако заеднички со учениците во паралелката ќе го разгледаме наставниот план и програма, ќе направиме свој план според дадените теми. Потоа им го објаснувам начинот на работа според e-uciliste.com. Самите ученици си избираат 5 – 6 ученици помошници (зависно од големината на паралелката) кои всушност се водачи на тимот. Тие потоа прават избор на ученици кои ќе бидат во неговиот/нејзиниот тим. Ги објаснувам задачите кои ги има водачот и членовите на тимот. Секоја недела по еден член од тимот (по договор во самиот тим) има за задача да изработи презентација или видео лекција за содржината (содржините) која е предвидена за таа недела. Значи секоја недела со ротирање по еден од членовите на тимот работи на една наставна содржина и изработува соодветна видео лекција или презентација која ја презентира или доколку е видео лекција се дискутира за неа на часот. Ученикот помошник има за задача до следниот час да направи програмиран текст и квиз како и прашања за содржината согласно презентацијата или видео лекцијата на членот од тимот врз основа на кои јас го составувам тестот кој се решава наредниот час.

Наредниот час во неделата (или првиот час од наредната недела – во зависност од распоредот на часовите) учениците на часот учат според програмираниот текст на сајтот ги решаваат квизовите и откако ќе процената дека го совладале материјалот, го решаваат тестот, кој може да се решава неограничен број пати се додека ученикот не е задоволен со добиената оценка, иако мене како професор највалидна ми е првата оцена.

Така за секоја наставна содржина која се совладува неделно. По завршувањето на темата им подготвувам тест во кој се селектирани и преформулирани (доколку има потреба) прашања од квизовите. За решавањето на секој квиз и тест учениците добиваат оценка која мора да биде позитивна (учениците ги решаваат квизовите се додека не ја добијата првата позитивна оцена). Оцената се генерира автоматски и истовремено е можен преглед на тестот за да се увидат грешките. Исто така се оценува и залагањето на тимот, според квалитетот на изработените и поставените материјали.

Дали со ваков начин на учење се постигнува успех, односно дали учениците се задоволни од ваквиот начин на учење?

Јас успехот на овој начин на учење го гледам во следново:

  • сите цели кои се поставени да се постигнат во планирањето во голема мера се постигнати;
  • учениците се целосно мотивирани за работа (досега ми се нема случено некој ученик да одбие да сработи);
  • постои натпревар меѓу соучениците и тимовите кој да биде најуспешен, наградата е видлива (поставена содржина на сајтот, имињата на учениците поставени на сајтот како коавтори);
  • задоволство од добиените оцени кај учениците – не се потребни ургенции за да се поправат оцени по тој предмет, учениците сами си ги поправаат доколку не се задоволни (за секој ученик кој потфрлил со оцената му давам дополнително задолжение со кое може да ја поправи оцената);
  • поради јавноста во следењето на постигањата и оценувањето, никој не спори дека оцената е субјективна.

Велите „учениците имаат увид за тоа“, увид во работата и оценувањето. Дали оваа онлајн учење помага да се добие подобар/потранспарентен однос меѓу ученикот и професорот? Пример, наместо тајните да се во дневникот, тие се онлајн за секој да ги види. Исто така велите дека и поранешните учесници учествуваат во развивање на проектот. Каков ви е односот со учениците користејќи ваков онлајн систем на учење?

Учениците не само што имаат увид во работата и оценувањето, тие всушност самите креираат содржини и самите знаат која оцена ќе ја добијат. Транспарентноста, отвореноста и искреноста во односот ученик – професор е максимална. Воопшто не постојат разговори на тема која оцена е добиена, зошто е така, дали може повисока, кога и како да одговара за да поправи и слично. Сето ова однапред е познато и не мора да се укажува, секој што сака повисока оцена, го прави тоа што треба. Часовите ги користиме за многу покреативни работи отколку за расправии околу оценувањето, отсуствата, неучењето…

Она на што посебно сум горд како професор се моите поранешни ученици, сега успешни бизнисмени, работници, студенти. Тие се мои незаменливи помошници во овој проект, некој како поддршка, а повеќето како директни креатори на дел од сајтот. Овде посебно сакам да истакнам неколку ученици кои директно се поврзани токму со овој проект: Даниел Даскалоски кој ни овозможи да ја имаме оваа страна (тој ни го овозможи бесплатниот хостинг од САД), Васил Зидровски и Валентин Амбароски (првиот програмерскиот, а вториот графичкиот дизајн на „модулот“ проверка на оцени), помошниците од сегашна 4-1 клас и многу други кои директно или индиректно учествуваа во изработка на материјалите.

Како реагираат вашите колеги професори, а како родителите на проектот? Сепак се работи за начин на предавање кој е нешто ново во Македонија.

Она на што моментално сум сконцентриран во врска со e-uciliste.com е негово широко прифаќање од страна на учениците. Она пак, што е слаба страна на овој проект е неговата популаризација меѓу моите колеги и пошироката јавност, едноставно досега не помислував на тоа. Ова ваше интервју е прво негово популаризирање и замислете повторно на предлог од еден мој поранешен ученик кој ве препорача дека треба да соработувам со вас. Ме радува што секојдневно добивам барања за дозвола за пристап кон сајтот од неколкумина ученици, студенти, па и некој колега (тие се најмалкубројни). Сме разговарале со моите ученици ова да биде пошироко прифатено и од другите професори, но засега е само на идеја, што не значи дека и нема да се реализира во иднина. Засега сме осамени.

Инаку, морам да напоменам дека имам безрезервна поддршка од мојот директор, г-н Петре Чешелкоски, а потврда за тоа е и неговата дозвола да профункционира бесплатниот е-дневник во нашето училиште за прв пат во Македонија.

Родителите позитивно реагираат на овој начин на работа. Во намерните и случајните средби со нив тие пред се се изненадени што нивните деца на компјутер работат нешто друго освен да комуницираат и да играат, задоволни се и со постигањата. Она што најдиректно ми укажува на поддршката од родителите е фактот што нема ученик кој нема пристап до компјутер и интернет во секое време. Благодарение на ова си дозволив да спроведам во една прилика и дистантна проверка на знаењата – тестот се решаваше од дома во точно определено време. Дури и јас бев изненаден што 95% од учениците во точно одреденото време беа on-line и го решаваа тестот.

Најново нешто што воведовте е форум. Форумот е на иницијатива на студентите. Планирате и електронски дневник, за прв пат во Македонија. Кои се идните идеи за да го проширите/подобрите проектот? И колку студентите учествуваат во генерирање на идеите?

Веќе кажав дека си дозволувам да ги искористам сите идеи од моите ученици. Една од нив е форумот кој немав намера да го креирам се додека тоа не го побараа дел од учениците. Тие се негови администратори, а моја задача е само да интервенирам доколку се појават „несоодветни“ содржини. Целта на овој форум е да прерасне во форум наменет за сите средни училишта во Прилеп, а понатаму и за сите средни училишта во Македонија во кој главни теми или потфоруми би биле определени предмети кои се изучуваат во различни струки за кои учениците би разменувале искуства.

За електронскиот дневник веќе споменав дека од пред некој ден имаме и официјално одобрение од надлежните и стартуваме од ова тромесечие.

Моите и плановите на моите ученици е e-uciliste.com да прерасне во нешто поголемо, односно најголемо. Дали е премногу ако посакаме секој ученик да има можност да учи на овој начин, доколку тоа го сака? Да, би сакал, доколку се создадат услови овој начин на работа да биде применлив во секое училиште. Можеби би можело e-uciliste.com да стане дел од некој поширок сличен проект инициран од Министерството за образование. Засега, одиме вака, не се наметнувам, а ќе се вклучам онаму каде што сметам дека е согласно целта на e-uciliste.com – Дa го направиме училиштето подобро место за учење.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии