CrеationPal, G6 Solutions и 4Virtus се трите македонски стартапи кои ќе се претстават на BkVF во Софија

Tри македонски стартапи од 36 одбрани кои ќе се престават на Balkan Venture Forum (BkVF) во Софија од 21 до 22 мај, и не е толку лоша бројkа ако се земе предвид дека во Македонија стартап сцената допрва се поместува од нулта точката бидејќи и фали храброст, посебно на младите талентирани претприемачи кои одбираат аутсорсинг или „стабилна работа без главоболки“. Ова го вели Теодос Пејоски, основач на G6 Solutions, еден од трите македонски стартапи кои ќе се натпреваруваат на BkVF во Софија. Тие ќе настапат со своја B2B алатка за имејл колаборација MailBBQ објаснета со слоганот „share.discuss.reply”. Паралелно со настапот во Бугарија, дел од тимот ќе презентира и на StartupCamp во Ријека.

„Генерално за стартап сцената кај нас (ако може да се каже дека воопшто постои такво нешто, во контекст на она што секојдневно го читаме за западните земји и посебно САД) сметам дека има потенцијал, има талент и мотивација, но најверојатно недостасува храброст.“, вели Теодос. „Кај нас недостасува искуствo, недостасува know-how, но и тие што го имаат и можат да го споделат, се можеби себични или скептични па затоа и како држава, веројатно заостануваме зад останатите држави од регионот, таков е нашиот менталитет.“

За да се oснова стартап треба труд, среќа, знаење и, пред сè, мотивација да се направи добар продукт. Јасно е дека G6 не ди на BvKF без претходно искуство. Дечките се креатори на oдличниот 0.мк и победници на Samsung Smart App Challenge. И вториот македонски стартап, 4Virtus, не оди во Софија со својот прв продукт. Нивната апликација BeeClever победи на Android натпреварот на Vip и беше финалист на изборот на иновациски партнер од страна на Македонски телеком. Сега во Софија ќе настапи со мобилната апликација во алфа фаза, Bipp.me, која ги претвара текстуалните пораки во интерактивна мултимедијална содржина која може да се спои во филм и да се сподели на друштвените мрежи.

„Го одбравме потешкиот пат“, вели Игор Христов, основачот на 4Virtus. „На македонската стартап сцена се чувствува благо поместување од нулта точка, но далеку сме од посакуваните резултати. Недостасуваат нови свежи идеи, луѓе, компании, но и настани од ваков тип кои ќе ги раздвижат мозочните ќелии на македонските претприемачи. Дури и компаниите од ИТ индустријата која е една од најдинамичните не инвестираат во свои производи и иновации, туку се насочуваат кон полесниот пат односно outsourcing и staff leasing”.

Третиот македонски стартап кој оди на BkVF e и најискусната компанија. Се работи за CreationPal чија фитнес апликација SportyPal, рангирана меѓу едни од најдобрите спортски апликаци во светот, им донесе партнерство со куп спортски компании и искуство како да продолжат понатаму. Сега тимот зад CreationPal работи на универзална подлога за таблет компјутери, CompleteDock, и на ново веб решение за соработка на документи DoxBee со кое ќе настапат во Софија.

Сите три тимови ги чека предизвик да се претстават најдобро што можат во Софија. Ги чека добра конкуренција од други 34 тимови од регионов, секој тим мотивиран и со самодоверба дека тие го имаат „следното големо нешто“. Сите тимови имаат успех зад себе, иако не треба да се застане на тој успех бидејќи ИТ индустријата е „најдинамичната индустрија“, како што вели Игор. За нас, македонските корисници, овие три стартапи и другите ретки примери кои успејаа да креираат нешто вредно го претставуваат зачетокот на македонската стартап сцена. Но, судбината на таа сцена е во рацете на младите компании.

„Увидовме нa Твитоманија, каде што имавме можност да се запознаеме и дружиме со неколку млади стартапи од Србија и Хрватска, помеѓу стартапите очигледно е дека нема “хејт”, едноставно сите се отворени за дискусија, слушаат, советуваат, се помагаат меѓу себе – има љубов. Верувам дека процесот на будење на македонската сцена ќе заврши и се надевам дека нема да е прекасно.“, вели Теодос.

Со среќа на BkVF дечки!

1 коментар на “CrеationPal, G6 Solutions и 4Virtus се трите македонски стартапи кои ќе се претстават на BkVF во Софија

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии