Computex 2021 што видовме од Nvidia, Intel и AMD

Викендов заврши овогодинешното издание на еден од најголемите саеми за компјутери, Computex. Саемот се одржува во Тајпеј од 1986 година и им овозможува на наголемите компании од ИТ-секторот да покажат што планираат за иднина.

Оваа година настанот се одржа од 1 до 5 јуни, а најинтересните вести доаѓаат од најголемите производители, Intel, AMD и Nvidia.

Nvidia

Компанијата која „владее“ со пазарот на графички картички го претстави својот нов гејминг флегшип. GeForce RTX 3080 Ti е новата графичка картичка која треба да ги „уништи“ сите проблеми со перформансите дури и за најпребирливите играчи. Nvidia ја споредува картичката со GeForce RTX 3090. Она што е најзначајно за оваа графичка картичка е дека 3080 Ti е навистина графичка картичка креирана за гејминг, а не како 3090 која е картичка за работа, на која може и да се играат видео игри.

Картичката е наменета за 4K и 1440р гејминг и поддржува DLSS 2.0 Raytracing,  Reflex, G-Sync, Shadowplay, Broadcast, RTX IO.

Новата графичка картичка доаѓа со 12 GB GDDR6X меморија; 10240 CUDA јадра; 320 Tensor јадра од трета генерација; 320 единици за текстури. Процесорот работи на 1665 MHz, а меморијата на 9500 MHz со 912 GB/s бендвит. За користење на  GeForce RTX 3080 Ti е потребно да се обезбеди соодветно напојување, а само за картичката се потребни 350W.

Очекувано овие перформанси се скапи. GeForce RTX 3080 Ti чини 1200 долари, но сите кои се обиделе да купат графичка последниов период знаат дека проблемот е поголем. Недостигот на картички придонесува не само за неможност да се купат туку и за повисока цена од препорачаната. Цената без сомневање е превисока, па добра вест е дека Nvidia ја најави и 3070 Ti верзијата која ќе доаѓа за 600 долари, секако ако успеете да ја најдете.

Intel

Intel претстави два нови Intel Core i7 лаптоп процесори од единаесеттата Tiger Lake генерација. Ако се надевавте на Intel процесор за вашиот десктоп компјутер ќе треба да причекате заедно со нас. Овие процесори се наменети за ноутбук компјутерите. Заедно со процесорите компанијата го претстави и првиот 5G модул за лаптопи.

Intel Core i7-1195G7 и Intel Core i5-1155G7 се подобри за поголема продуктивност, колаборација и гејминг, велат од Intel. Intel Core i7-1195G7 работи на 2.9GHz, а Core i5-1155G7 на 2.5GHz. Максималната фреквенција со „turbo boost“ е 4,5 GHz, односно 5 GHz. Процесорите се со четири физички и 8 виртуелни јадра.

Графичката картичка која доаѓа на овие процесори е интегрираната Iris Xe што е доволно моќна за скромен гејминг.

Првите уреди во кои ќе доаѓаат новите процесори и модемот Intel 5G Solution 5000 ќе бидат изработени од Acer, Asus и HP, и доѓаат ова лето. Компанијата најавува дека пред почетокот на 2022 година ќе бидат претставени над 60 дизајни базирани на Intel Core i7-1195G7 и Intel Core i5-1155G7.

Покрај новите процесори Intel го искористи Computex за да го претстави и своето 5G модем решение. Компанијата го претстави 5G-5000 моделот кој ќе им овозможи на лаптопите да се поврзат на 5G мрежите без разлика во која држава го користат уредот.

AMD

Веројатно AMD на овој настан покажа најмногу. Пораката која компанијата, која до пред неколку години беше неконкурентна и едвај имаше некаков дел од пазарот им ја испрати на конкурентите, е не само дека сè уште се тука, туку и дека немаат намера да забават.

AMD престави неколку интересни технологии и хардвер. FidelityFX Super Resolution e AMD верзија на Nvidia DLSS. Она што го овозможува е оптимизација и „цедење“ на последниот фрејм од хардверот, во случајов графичките картички. FidelityFX овозможува импресивно подигање на фрејмовите. Во случајот со Godfall на 4K со активиран Raytracing придобивката е помеѓу 59 и 300%.

FidelityFX Super Resolution не само што ќе биде достапен на сите картички на AMD, туку компанијата најави дека има поддршка и за картичките на Nvidia, и тоа почнувајќи со 10xx серијата.

Она што го разликува FidelityFX од DLSS е графичките картички кои се во фокусот на технологијата. Nvidia е фокусирана на новите 4К графички картички, AMD е фокусиран на постарите графички картички, со што би го продолжил животот на постариот хардвер.

Планот на компанијата е амбициозен, па ќе мора да почекаме да видиме дали овие планови можат да се остварат.

AMD претстави и неколку нови процесори. Овојпат станува збор за APU што е всушност комбо на процесор и интегрирана графичка картичка. Новите процесори се Ryzen 7 5700G и Ryzen 5 5600G. APU (Accelerated Processing Unit) се влезни процесори за сите кои немаат потреба од ултра моќни графички картички.

Ryzen 7 5700G и Ryzen 5 5600G доаѓаат со Zen 3 јадра, и RDNA 2 графички јадра. Вообичаено интегрираните графички картички не се наменети за гејминг, но последниве неколку години се значително помоќни. Додадете го на тоа и недостигот на картички, па играњето ААА видеоигри на 1080р не е најлошиот избор кој може да го направите.

Покрај ова AMD ќе се обиде дополнително да ја заостри конкуренцијата кај лаптопите. Најавија 3 нови графички картички наменети за лаптопи, и тоа RX 6800M, 6700M, и 6600M. Наменети се за различни потреби, од гејминг лаптоп за RX 6800M со перформанси кои треба да овозможат 120fps и 1440р резолуција, до поскромни перформанси кај 6600М која нуди 100 fps на 1080р.

Најинтересниот дел од презентацијата на AMD сепак е најавата за нови 3Д-чиплети. AMD во соработка со TSMC успеа да изработи функционален 3Д-чиплет со дополнителна L3-кеш меморија.

Дополнителната кеш меморија е поставена како слој врз јадрото (AMD го нарекува core complex die CCD), па Ryzen 9 5900X со 3D V-Cache има дополнителни 64MB, 7nm SRAM. 3D V-Cache е малечка тенка плочка со димензии 6х6 милиметри поставена врз CCD и не менува ништо во изгледот на сегашните Ryzen 5000 процесори.

Додавањето на повеќе L3-кеш значително ги подобрува гејминг перформансите. Споредбата за Gears of War 5 помеѓу идентични машини со Ryzen 5000 процесор со 64MB кеш и Ryzen 5000 со проширување од 192MB со 3D V-Cache покажува дека технологијата носи 12 отсто подобри перформанси за 1080р резолуција. (Во тестот двата процесори се „заклучени“ на 4.0 GHz.) Бројот на фрејмови во првиот случај е 184, а во вториот 206fps. Ова подобрување на перформансите не е идентично за сите наслови, и видеоигрите имаат различни придобивки од надградбата.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии