Читајте и купувајте македонски е-книги со Книготека

Во време кога погодноста е луксуз, дигиталните книги штедат на пари, време, и нерви. Неодамна, пишувавме за Македоника, сајт и апликација која ви дозволува бесплатно да читате бројни македонски книги. Книготека одлично се надоврзува на Македоника и оди еден чекор понапред – покрај бројни бесплатни изданија нуди и комерцијални за, обично, двојно пониска цена од печатеното издание.

Дигиталната книжарница, Книготека, соработува со бројни издавачи како Магор, Или-Или, Полица, а купените книги можете да ги читате од каков било паметен телефон, односно таблет. Иако можете да купувате книги преку прелистувач, нема да можете истите да ги читате од тука, туку мора да се префрлите на апликацијата за Android, односно iOS.

Откако ќе зграпчите бесплатна книга или пак ќе купите некоја можете веднаш да започнете со читањето. Книготека има богати можности за средување на книгата онака како што баш сакате. Имено, можете да ја менувате големината на текстот, фонтот, како и бојата на екранот. За секоја страна можете да поставувате обележувачи, секој збор можете да го подвлечете, а секоја мисла можете да ја вдомите во виртуелни белешки. Згора на тоа, можете да пребарувате низ целата книга по одреден збор или фраза, да го оценувате секое дело или да ги споделувате мислите за истото преку социјалните мрежи. Подразбирливо, за купената книга не е потребна интернет конекција откако еднаш ќе биде преземена.

Апликацијата за iOS има само една оценка, но апликацијата за Android веќе има извадено средна оценка од 3.7, засновано на 64 рецензии. Дел од корисниците се задоволни од можностите кои се кријат тука, а дел пријавуваат техничи проблеми кои лесно се отстрануваат по контактирање на техничката поддршка. Ние сме релативно задоволни од нашето дружење со апликацијата и мило нѝ е што има и една ваква апликација на пазарот. Во случај да сакате да читате македонски книги и на ваков начин, Книготека е апликација која би требало да ја проверите, ако ништо друго, барем за бесплатните наслови.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии