Неколку совети за поставување на е-продавница

Покрај постоењето на конкурс за пријавување на бизнис решенија и изработка на 50 интернет продавници од страна на Министерството за информатичко општество, решивме накратко да ви ги укажеме на неколку совети за поставување на една е-продавница во Македонија.

Најпрво сакам да напоменам дека под поимот „е-продавница“ не се подразбира интернет страница преку која можат да се вршат само нарачки на стока и услуги, туку и плаќање на истите со помош на платежни картички. Иако во нашата земја постојат практики за постоење на интернет продавници преку кои можете само да нарачате производи, а истите мора да ги платите при испорака.

Пред да започнете со техничкиот дел и изведбата на една интернет продавница, потребно е да одлучите што ќе продавате, како ќе го изведете начинот на набавка и испорака, која ќе ви биде групата на целни потрошувачи, кое е најсоодветното маркетинг средство за да ја претставите вашата интернет страница на потенцијалните купувачи. За да ја средите и имате црно на бело целокупната организација и план за изведба на вашата идеја, препорачувам тоа да го сторите со изработка на бизнис план, за чија изработка и содржина можете да најдете безброј темплејти.

Прв и основен чекор е да имате своја веб страница и закупено домен и хостинг за истата. Меѓутоа вашата интернет страница треба да има посебен дизајн и структура со што би ја носела функционалноста на интернет продавница. За ова е потребно посебно техничко решение, кое ги содржи компонентите на една интернет продавница и може да се најде и како слободен софтвер. Овој посебен вид на софтвер за е-продавници најчесто нуди урнек за каталог на производи, односно страница каде ќе бидат излистани (пожелно со приказ) производите кои ќе ги продавате. Да напоменам дека многу важна работа при внесувањето на производите во каталогот е постоење на опис на производот, каде потребно е да се наведат основните карактеристики, материјалот на изработка и начинот на одржување, во зависност од видот на производот и се разбира цената на производот.

Никако не изоставајте го дизајнот и боите на е-продавницата, бидејќи самиот изглед е понекогаш пресуден во одлучувањето на потенцијалните потрошувачи да се задржат на вашата страница и да ја разгледаат понудата. Општиот впечаток и лесната и едноставна навигација, како и едноставноста на дизајнот (со избегнување на премногу шаренила и премногу информации на едно место) придонесуваат кон поголемата приемчивост на купувачот и секако кон генерирањето на посети кои ќе ви носат приход.

Доста значаен чекор е чекорот поврзан повторно со изработка на страницата и нејзиниот изглед, како и со правилното функционирање, земајќи ја во предвид политиката на работење. Потребно е јасно и видливо да бидат наведени правилата на испорака, како и правата на потрошувачите, односно полиса на враќање и секако не изоставуваќи ја политиката за заштита на податоци. Да ги одредите јасно и концизно правилата на испорака, пожелно е претходно да го одберете посредникот (ако тоа не сте вие), односно компанијата која ќе ја врши испораката на вашите производи. Овие информации само би ви оделе во прилог, влевајќи и доверба на вашите потрошувачи.

Конфигурирањето на една електронска продавница не може да биде комлетно без истата да биде поврзана со платежен процесор, односно да ги користи услугите на истиот за обезбедување безбедни плаќања и транскации на потрошувачите. Ова се постигнува со посредништво на банките кои нудат услуги во доменот на електронската трговија. Постојат неколку банки во Македонија кои нудат вакви услуги со посредништво на платежниот процесор CaSys, а одредени банки користат и други странски платежни процесори.

За да можете да ја вршите дејноста на трговец, односно да продавате производи преку интернет и притоа да нудите можност за електронско плаќање, мора да имате регистрирано фирма, за која ќе можете да отворите банкарска сметка на која ќе ја примате наплатата. Внимателно одберете која банка најмногу ви одговара, претходно разгледајќи ги условите и начините на наплата за нивните услуги.

Постојат многу други, ако можам да ги наречам фактори, кои влијаат и се клучни за успехот на една интернет продавница и можат да бидат проследени и од економски и од информатички аспект. Она што е важно е да се има добра идеја, која ќе понуди вредност и соодветен сооднос на цена, квалитет и погодност, поради што и потрошувачите ќе се одлучат да купуваат токму од вашата продавница.

8 коментари на “Неколку совети за поставување на е-продавница

  1. Еден збор само: PayPal

    чао пријатно. пишете ми кога ќе биде достапен во „лулката на цивилизацијата“. до тогаш можете да се залажувате со вакви составчиња, кои се гледа дека не се базирани на искуство.

  2. 2. Треба да смислите фајр-прув начин за испорака со плаќање на врата. Матичен број по закон НЕ смеете да барате ! Комплетни податоци, како име, презиме, адреса и тел/моб број знае секој близок на некоја личност, па може тој идентитет да го позајми и да направи нарачка во име на некого, а тој некој со "Миле" израз на фаца да ја одбие нарачката. Во овој случај поминувате полесно – само со 400 денари испорака во два правци низ Македонија и можеби заглавени пари во продукт кој обично не го држите на лагер, но сте го набавиле специјално поради нарачката од(за жал) лажниот коминтент.

    3…. ги има доста ама за почеток ваљда ју гот д ајдиа…

  3. Покрај градењето на темелот, како што го опишува г-ѓа Јовеска, потребно е и да се догради е-продавницата со вашата понуда, но и да се обрне внимание околу процесот на потврда на нарачката, како не би се довеле во незавидна состојба, не би згрешиле некому и не би биле изиграни на ваш трошок.

    Од моето десетгодишно искуство со водење на е-продавници би можел за почеток да ви сугерирам да обратете внимание на следниве проблемчиња:

    1.Треба да размислите дали би дозволиле испорака на адреса и лице, различна од онаа што е користена при процесот на онлајн плаќање со картичка! ( најлош случај на злоупотреба: девојка испраќа подарок со љубовна порака на бивши швалер, знаејќи дека при претпладневна испорака, токму женаму ќе биде таа што ќе ја прими – тука ви доаѓаат на карање сите: и брачниот пар и коминтентот чиви податоци морате да ги издадете) а може и некој од вашата фирма да изеде ќотек од разјарениот маж…

  4. Да не се правиме паметни…
    Штом купуваш нешто од дома без да се подигнеш од столот пред компјутерот тоа е е-продавница, без разлика дали плакаш со картичка или плакаш на врата.

  5. Значи, доколку нарачате производ од веб страница и го платите при испорака, веб страницата за нарачка не се нарекува е-продавница, зачи мора да биде и плаќањето веднаш преку картичка..?!?

    Можеби оној што нарачува не сака да плаќа со картичка, бидејќи има недоверба во внесување на лични финансиски податоци онлајн (од недоволна информираност) или некој сака да си плати во готово, како што би платил кога би го купил од некоја продавница… мислам дека примерот на авторот на написот е малку несоодветен и би требало да го измени…

    1. Здраво Незадоволен.

      Постот е наменет за поставување на електронска продавница кај која целокупниот процес на нарачување и купување се врши електронски.

      Плаќањето на стоката при испорака е алтернативен метод за вршење на наплата кај онлајн продавниците и во постот потенцирав дека не се работи за истиот. Можеби имаш забележано дека се наведува постапката за поврзување на страницата со платежен процесор.

      Факт е дека кај нас се руши стереотипот за несигурност при плаќањето онлајн, со постоење на повеќе страници кои наплатата за производите и услугите ја вршат онлајн, а не при испорака.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии