Challenger – македонска апликација која ќе ви помогне да бидете општествено одговорни

Во октомври 2018 се одржа седмото издание на Startup Weekend во Македонија, каде над 50 млади ентузијасти учествуваа и ги развиваа своите идеи во реални бизниси. Дел од тимовите продолжија со развојот на своите идеи, како што се дечките од тимот „Challenger“. Challenger, името кое го носи и нивната платформа за социјално претприемништво, има за цел да поттикне општествена и социјална одговорност кај индивидуалците и компаниите. Како изгледа да почнеш од Startup Weekend и да завршиш со реален производ ни раскажаа Теодора, Оља, Стефан и Филип.

Кажете нѝ нешто повеќе за вашето стартап решение Challenger? За каква апликација станува збор?

Challenger е апликација која ги мотивира луѓето (нејзините корисници), да прават нешто добро за нашето општество, а воедно и планетата земја. Нашата апликација генерира предизвици на кои нашите корисници се приклучуваат, а со секој исполнет предизвик, генерира податоци кои помагаат во визуелизација, т.е. им помага на луѓето да согледаат како секоја мала активност (како пешачење, возење велосипед и користење јавен превоз) го подобрува општеството. Со оваа апликација сакаме да создадеме група на луѓе (community) кои меѓусебно се поддржуваат, инспирираат и натпреваруваат со цел да станат општествено одговорни.

Многу е едноставно: Ја инсталираш апликацијата, прифаќаш предизвици, се вклучуваш во секојдневните активности, со секој поминат километар собираш Challenger coins и Eco Points, а на крај со Challenger coins си купуваш попуст или пак бесплатно кафе/пиво во локално кафуле преку нашата Challenger продавница. Дополнително, со Eco Points корисникот се рангира на Leadership board како најактивен и социјално совесен граѓанин. Challenger кралот/кралицата е всушност и „победник“ на нашето општество, и инспирација на луѓето околу нас.

Идејата е да ги наградиме тие што веќе се совесни граѓани, но и да ги привлечеме и оние кои сѐ уште не се :)

Кој е тимот кој стои зад оваа идеја?

Еј, подобар тим не можевме да бидеме! Сѐ уште се зезаме со дечките од тимот дека ова што се запознавме и поврзавме на стартап викендот, не беше случајно.

Инаку сме 4ца, Теодора, Оља, Стефче и Филип. Сите сме еднакво загреани за идејата, имаме различни знаења/позадини: бизнис, маркетинг, фронт- енд девелопмент и дизајн. Моментално си бараме back-end девелопер. Се надеваме дека во 2019 година реченицата на Стефан конечно ќе се оствари; „Ќе видите дечки ќе се деси чудово!“ :)

Како се роди идејата за Challenger?

Идејата се роди некое време пред Стартап Викендот, а токму на овој викенд само се потврди дека има голем потенцијал, кога беше број 1 според добиените гласови, веднаш по pitching-от!

На самиот викенд, многу го развивме делот со валидација и имавме можност да поразговараме со искусните ментори, сопственици на бизниси и нашите потенцијални корисници. Собравме многу добар и вреден feedback, според кој ја дооформуваме апликацијата. Фактот дека освоивме трето место дополнително нe’ мотивираше да продолжиме со развивањето на идејава, па така и денес скоро секој ден си работиме од дома или ќе нѐ најдете во некое локално кафуле.

На која проблематика работите во моментов?

Моментално сме фокусирани на дефинирање на таргет групите на нашата апликација, на дооформување на бизнис моделот, поконкретно на монетизацијата. Цело време имаме try/fail/success моменти. Зборуваме и се состануваме со многу луѓе, добиваме совети и насоки како да почнеме и да ја подобриме идејата. Постојано учиме, правиме истражување и многу brainstorming сесии. Се надеваме дека набрзо ќе дојдеме и до имплементација на идејата.

Кои се следните чекори кои ги планирате и каде го гледате Challenger во иднина?

Би сакале Challenger да прерасне во еден тренд во Македонија, па и пошироко. Сакаме да станеме платформа каде што луѓето ќе се подржуваат, натпреваруваат и инспирираат едни од други. Сакаме да постигнеме максимална вклученост на луѓето кон трендот на одговорно однесување, и да бидеме мотивација на луѓето да прават добро, без притоа да се прашуваат ‘Зошто го правам ова?’ или да мислат дека нивната акција не е доволно важна.

Истотака, согледуваме, дека Challenger има потенцијал да биде моќна интерна алатка и кај фирмите. Сакаме Challenger да биде платформа која ќе ги обединува вработените во фирмите, преку разни предизвици – од општествено одговорен карактер, па се до разни игри и тим билдинг активности.

Многу е simple > Challenge yourself and make a change! :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии