Brutally Honest: 5 работи кои ги научивме од Startup Grind Revised

Vrootok Marketing & Consulting

во feature, ИТ.МК

Startup Grind – глобалната иницијатива поддржана од Google for Enterpreneurs – се одржа на 25 Октомври во Јавна Соба под девизата „Брутално Искрени“. Настанот беше организиран од Vrootok Marketing & Consulting, како панел дискусија на која панелистите беа брутално искрени за искуствата во започнувањето и водењето на свој бизнис. За вредноста која ја носи овој настан говори и фактот што сите 150 карти беа резервирани една недела пред настанот.

Панелисти кои несебично ги споделија своите искуства беа:

  • Глигор Дачевски – Ко-основач и CEO на DoxTeam
  • Игор Изотов – International Startup Hustler
  • Катерина Трајчевска – Ко-основач и CEO на Adeva
  • Филип Димитриовски – победник на Startup Weekend 2018

Панелот го водеа Теодора Николовска, основач и CEO на Vrootok и Петар Ниновски, основач и CEO на Brainster. Тие им поставуваа прилично провокативни прашања на панелистите, сѐ со цел публиката да добие што поискрени одговори кои нема да може да ги добие на друго место. По дискусијата, и публиката доби шанса да постави прашања, при што се разви прилично интересна дискусија која траеше повеќе од еден час. Дискусијата продолжи и по настанот, при неформалната дружба меѓу панелистите и публиката.

Споделуваме 5 работи кои ги научивме од Startup Grind Revised:

  1. Производот мора да одговара на пазарот – ова е прилично очигледно, но Глигор од DoxTeam имаше малку поинакво гледиште. Неговата компанија има направено толку добар продукт пред своето време, што биле уверени дека неговото време допрва доаѓа. И биле во право. За оние на кои не им се чека толку, Петар од Brainster предложи да го истражат пазарот и да откријат каде има празнина. Тој го направил тоа со Brainster и сега тие се водечка платформа за неформално образование во Македонија.
  2. Како да го избереш совршениот партнер – изборот на партнер може да го унапреди бизнисот, но и да го уништи. Публиката сакаше да ја дознае формулата за тоа како да го направи правилниот избор. На ова Глигор имаше малку поетски одговор: следете го своето срце. Секој панелист имаше свое искуство кое го раскажа. Но, заклучокот беше ист – треба да се помине време работејќи со потенцијалниот партнер за да се дознае дали одговара на компанијата и најдобар одговор ќе добиете од својата интуиција.
  3. Што недостасува на Македонскиот стартап екосистем – иако е тешко да се издвои само една работа, Игор Изотов погоди во целта. Најголем проблем на стартапите во Македонија е финансирањето, односно неагилноста на стартапите да побараат финансирање и од странство. Исто така, стартапите мора да ја совладаат уметноста на продажбата. И да го имаат најдобриот производ – за да бидат успешни стартапите мора да знаат како да го продадат.
  4. Образованието е клучно – во денешното дигитално време, сите информации се достапни со само еден клик. Сепак, според Филип Димитровски, победникот на Startup Weekend, образованието е тоа што ни недостасува. Надградбата на образовниот систем ќе донесе уште поталентирана младина. Теодора Николовска од Vrootok се согласи и додаде дека треба да инвестираме во децата и да ги образуваме за значењето на претприемништвото уште од мали нозе, но и за основните вредности кои тие ќе ги носат понатаму во животот како бизнисмени.
  5. Women in Tech не е fancy комбинација на зборови – кога некој ќе го спомне IT секторот, веднаш асоцира на машка професија. Или, како што вели Катерина Трајчевска, многу честа ситуација во компаниите е машките колеги им кажат на колешките дека ,,добро кодираат за женско’’. Но, ситуацијата полека се менува. Младите девојки не треба да се обесхрабрат да почнат да кодираат и активно да учествуваат во заедницата.

Новото издание наStartup Grind Revised се појави во одлично време, а за тоа беше доказ големата посетеност и големиот дел на прашања кои ги имаше публиката, како и проактивната панел дискусија.. Во духот на соработка Глигор од DoxTeam, при едно прашање на член од публиката за својот интересен стартап, тој му понуди соработка. На овој начин се охрабруваат младите луѓе да се осамостојат и да започнат свој бизнис.

Останува да видиме какви интересни теми и гости ќе има на следните изданија на Startup Grind.

Повеќе фотографии може да видите на следниот линк.