Дали прислушувањето и #бомба навистинa се изненадување?

Како што вети, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ја објави својата „бомба“ против власта, обвинувајќи дека премиерот Никола Груевски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, се вклучени во неовластено прислушување на 20.000 граѓани на Македонија, меѓу кои политичари на власт, опозиционери, новинари и други. Според г. Заев, прислушувањето кое траело цели четири години е против Уставот, иако премиерот Груевски веќе спреми контра-реторика дека снимките се добиени од странски служби, што е исто така е нелегално.

Очигледно е дека ќе следи политичко препукување, како што е очигледно дека прислушувањето денес во дигиталната ера не би требало да не изненади. Зошто? Затоа што знаевме, игнориравме и им дозволивме. И сега сме гневни.

Уште во 2013-та година беше споменато дека во Македонија се следи електронската комуникација. Арангел Ангов од Слободен софтвер Македонија уште пред година и половина напиша дека Македонија го има набавено шпионскиот софтвер FinFisher кој е специјализиран за шпионирање на мобилни телефони и компјутери.

„Она што е познато е тоа што го објави истражувачката група Citizen Lab од Универзитетот во Торонто во својот извештај насловен ‘Комерцијализација на дигиталното шпионирање: Само за нивните очи’, а тоа е дека од март годинава и во Македонија постои ‘Command and Control’ Finfisher сервер, што во превод значи, сервер за собирање на сите податоци од жртвите, во случајов граѓаните кои што се шпионирани”, вели Арангел во својата колумна „Само за нивните очи“.

„Не успеав да најдам никаква информација за тоа кој во Македонија го има набавено и го користи овој софтвер за шпионирање на македонските граѓани, а за жал никој од традиционалните македонските медиуми, не вклучуваќи ги тука блоговите, твитер и сл. досега нема истражено ниту, пак, информирано што било за извештајот објавен од страна на Citizen Lab.

Постојат многу причини зошто овој софтвер е штетен и е под лупа на истражувачката група од Торонто веќе подолго време, а една од нив, како и што е наведено во извештајот, е фактот дека многу често се злоупотребува од страна на владите за следење и замолчување на граѓанските активисти или пак секој оној кој што не се согласува со политиките на одредена влада, конкретен пример за ова во извештајот е Бахраин”.

Македонија е мала…

Уште пред две години Едвард Сноуден достави доверливи документи кои јасно покажаа дека поголемите светски сили се вклучени во апсолутно шпионирање и следење на се што може да се следи на Интернет. Веќе две години слушаме како американската NSA и британскиот GCHQ ги следат електронските комуникации и со какви софистицирани методи го прават тоа.

Но, ако првите месеци по фантастичното откритие за светскиот заговор, луѓето беа вчудоневидени и лути за дрскоста на властите што навлегуваат во приватниот живот на граѓаните, под наводен изговор дека тоа го прават заради безбедност, а всушност го креираат „Големиот брат“ бидејќи така се чувствуваат сигурни во својата моќ; во следните година-две тие откритија за нелегалната работа на NSA, кои не престануваат да се објавуваат, едноставно им здосадија на сите. Ретки се медиумите кои ги следат овие случаи со ист труд како на почетокот. Ретки се луѓето кои ќе ги разгледаат документите за да ги откријат деталите. Едноставно како да се заситивме од тие вести, кои се претворија во секојдневни настани, кои на крај станаа норма – Не прислушуваат, па што. Јас немам што да кријам.

Знаејќи го ова што се случува во светот веќе со години наназад, дури имаше и таква афера за прислушување и во Македонија пред десетина години; тогаш дали навистина „бомбата“ е изненадување. Или едноставно „бомбата“ на Заев се само докази за нешто што веќе го знаевме, нешто за што властите не сакаат да зборуваат.

Што сега откако пукна „бомбата“?

Не е тајна дека македонските власти, предводени од премиерот Груевски, веќе осум години се обидуваат да воспостават целосна контрола врз информациите. Затоа не очекувајте дека властите одеднаш ќе се отворат дека навистина ги прислушуваат граѓаните. Ниту дали користат FinFisher или некој друг софтвер? Не очекувајте ниту дека новинарите ќе се потрудат да откријат повеќе детали за случајот, бидејќи знаеме какво контролирано влијание имаат македонските медиуми. Можеби се е сведено на шпекулација – вклучувајќи го и овој текст – но за почеток не треба да бидеме наивни дека немаме што да криеме.

Приватноста е основно човеково право, препознаено од Декларацијата за човекови права на Обединетите Нации.

Можеби е тешко сега да имаме потранспарентна власт, но тоа што вистински фали е свеста кај граѓаните дека денес некој навистина! може да ве преслужува и да ви наштети. Ако светот зборува дека некој ви ја краде приватноста, ако има докази дека македонската власт ја краде приватноста, и ако има докази дека постојат технологии чија единствена цел е да ви ја украдат приватноста; тогаш не се изненадувајте колку се тие дрски, срамота!, во каква држава живееме итн… Изненадете се како сме можеле да им го дозволиме ова.

1 коментар на “Дали прислушувањето и #бомба навистинa се изненадување?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии