Бобан Јованоски: Работата во Yelp е вистински предизвик

Image courtesy of Boban Jovanoski

Зошто би размислувал да се вратам во Македонија?, вели Бобан Јованоски, македонски софтверски инженер кој во моментов живее во Германија и работи во еден од најголемите сервиси за рецензии во светот. Започна во Seavus, се обиде да направи свој стартап кој го прекина бидејќи не можеа да го финансираат сами, научија од грешките, го отворија кодот; и продолжи да работи во Qype како сениор веб девелопер во 2012-та година. Компанија која подоцна беше купена од Yelp во кој Бобан работи како дел од тимот за грижа на корисници, работејќи со Javascript и Python. Член е и на македонската Ruby Users Group.

„Имам работено во повеќе тимови во Yelp, моментално работам како дел од Business Engagement тимот каде што развиваме нови функционалности за привлекување на нови сопственици на бизниси. Освен како full-stack developer работам и како project lead, ги организирам тасковите и тимот за проектот на кој што работиме“.

За Бобан немаше двоумење кога требаше да се пресели во Хамбург. Веднаш ни наброја куп причини што го натераа да си замине од Македонија – од прекрасниот Хамбург до германскиот здравствен систем; од чувството на слобода и сигурност до германските железници, шницла и пиво. Но, можеби најважната причина беше што во Германија и во Yelp има поголема можност за професионален напредок и заработка. Работата сега му претставува предизвик, вели тој.

„Работата претставува голем предизвик, но е и возбудлива, бидеќи станува збор за голема количина на податоци BigData, што го прави различен начинот на размислување при имплементација на решенија во системот. Рамната хиерархија во Yelp влијае позитивно на тимската работа, работната атмосфера и продуктивноста. Во Yelp-еngineering уживаме слобода во само-организирање во работата, флексибилно работно време, работа од дома, работа offsite, но од друга страна очекувањата за резултати од работата се големи. Би рекол дека Yelp е најдобрата компанија во која што сум работел :)“.

Yelp е огромна компанија, чиј сајт за рецензии е посетуван од над 130 милиони корисници месечно и генерира 370 милиони долари годишно. Звучи како огромна и строга американска корпорација, и навистина е. Но, Бобан вели дека Yelp посветува труд да негува позитивна средина за вработените, „да ја негува културата на вредна работа, креативност и забава. На секои три месеци организираме интерен hackathon, каде што за 48 часа се развиваат секакви идеи; секој петок организираме Learning Group, каде што колеги, гости од други компании, професори или јавни личности споделуваат знаење и искуства на одредена тема. Темата може да бидe од како да подготвите традиционална германска шницла до лекции за particle acceleration technologies. Остануваме и на пиво, фудбалчиња или играње игри во канцеларија после работа“.

Запрашан зошто не размислува да се врати, кога и во Македонија имал добра плата, Бобан вели дека немал чувство дека може да напредува професионално, ниту секојдневието му нудело нешто повеќе. Во Хамбург, како што вели тој, „ги нема ВМРО“, но ги има „германската култура на работа и живот“.

„Одговорот [дали ќе се врати во Македонија] го започнав со набројување на нештата за кои што сметам дека треба да се променат за да почнам да размислувам за враќање во Македонија. Едноставно листата беше премногу долга, па решив да ја избришам. На кратко би рекол дека моментално воопшто не размислувам за враќање во Македонија“.

1 коментар на “Бобан Јованоски: Работата во Yelp е вистински предизвик

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии