Блоговите кои заработуваат можат да бидат опфатени со новиот Закон за медиуми

Законот за медиуми е испратен до Собранието, но наместо еден, подготвени се два нови Закони – едниот за медиуми, а другиот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, претходниот нацрт-закон е поделен на два нови по препораките на Советот на Европа, ОБСЕ и Здружението на новинари. Прифатени се и други промени на текстот, меѓу кои и појаснувањето дека „слободата на медиумите може да се ограничи само со Уставот“.

Законот за медиуми е важен за македонскиот интернет бидејќи ги опфаќа сите електронски публикации, меѓу кои онлајн изданијата на весниците и порталите, кои сега мора да изготват импресум за кој е уредникот и кои се авторите на содржината, и да воведат други регулирања како предупредувања на читателите за порнографска содржина и заштита на малолетници.

Но, иако ИТ министерот Ивановски претходно рече дека електронски публикации не се „блогови, форуми, агрегатори и друштвени мрежи“, сепак на денешното претставување на законите додаде дека блоговите можат да подлежат под Законот ако се регистрирани како фирма и заработуваат од реклами. Ова може да значи дека ако блогот заработува од Google Аds или од други спонзорства, тогаш ќе мора да игра по исти правила како што ќе играат и сите други медиуми.

Што се однесува до регистрирање на медиумите, ИТ министерот изјави дека регистрацијата ќе се врши во Централниот регистар. Се очекува двата Закони да бидат прегледани во септември, бидејќи Собранието не работи во август поради летните одмори.

„Прифатено е регистрацијата на медиумите да се врши во Централниот регистар како кое било друго трговско друштво, а не во новата Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Исто така, членот за саморегулација се брише по препорака на ОБСЕ. Но, јас ги охрабрувам медиумите сериозно да посветат внимание на оваа тема, бидејќи целта беше да се поттикне саморегулацијата, а во никој случај да не се регулира или да се ограничи со првиот нацрт-текст на Законот.“, рече министерот за Телеграф.мк.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии