Блогeрите и твитерџиите ја подигаат граѓанската свест, затоа ги наградуваме!

Заборавени поради друштвените мрежи, блоговите можеби ќе згаснеа во Македонија да не се појавеше Блогираме.мк, агрегатор на блогови кој им даде глас на сите што сакаат да подвикнат и да објават свој текст. Сега, две години подоцна од стартување на платформата, ќе се собереме по трет пат да ги прославиме најдобрите блогери и постови, според гласови на заедницата, на третите Блогираме.мк награди.

Заедно со најдобрите блогови, ќе се наградат и твитерџиите кои придонесоа да се креира една заедница која е доста отворена во својата комуникација, но и доста критична правејќи ја опозиција на власта. Некој можеби ќе каже дека твитерџиите само дигаат галама, но тие сепак се доволно гласни за брзо да го пренесат своето оштро и саркастично гледиште на македонското политичко секојдневие.

„Анонимноста до одреден степен и слободната и брза комуникација го прават да биде се уште еден медиум каде ќе се слушнат најголемите критики на општествените текови. Што да, го прави на некој начин опозиција, но истовремено и генератор за подигнување на онаа граѓанска свест што треба да ја има секој од нас“, вели Јован Димитров, еден од основачите на Блогираме.мк.

Ако се суди од претходните Блогираме и Twitter награди, тогаш и на третиот собир може да се очекува ентузијастичка дружба кој делува како сите да се познаваат, некои преку блоговите, некои по твитовите. Но, вистината е дека со помош на Twitter, Блогираме успеа да креира околу себе заедница која е подготвена да креира содржина, и поважно, да ја промовира таа содржина.

„Ако рашириме дефиниција за блог тогаш сметам дека денес секој што е на интернет и создава некоја содржина може да речеме дека е на некој начин блогер. Иако онаа класичната форма можеби полека се губи сепак денес ако ги земеме сите сервиси на кои се креира содржина тогаш е во страшна експанзија. Тука ги сметам не само пишаните ами и оние за звук, видео, фотографија итн“.

Според Јован, Блогираме.мк е направена да биде платформа за сите, да им се понуди можност да се дел од таа агрегирана содржина и да го пренесат својот став, мислење, дело или звук. Блоговите, вели тој, сепак се посебен медиум кој не треба да ги гледа друштвените мрежи како конкурентна платформа, туку треба да ги искористи како „нивен изоставен дел“. Но, за да се стане успешен блогер треба да се има разумен и со квалитетна содржина, наместо со празни постови кои имаат само „шокантни и ред други wow зборови“, а никаква суштина.

Третите Блогираме и Twitter награди се закажани за 13-ти декември, но додека чекате за настанот, може да гласате за вашите омилени блогери, твитерџии и најдобри постови и твитови.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии