Blair Witch VR и слатко-горчливото навраќање во проклетите шуми на најмрачните стравови

Во 2019 година, кога по првпат ја провериме Blair Witch, резервиравме бројни позитивни зборови. Ѝ дадовме заслужена осмица и ја пофаливме интригантната приказна, уникатната механика со кучето Булет, имерзивната заканувачка шума, и бројни краеви. Сега нѝ доаѓа надградена верзија само за VR. Доколку сте заинтересирани да ја искустите Blair Witch и на овој начин, дефинитивно првин прочитајте ја нашата цела рецензија затоа што тука нема да поминуваме низ истите точки туку само низ новитетите кои се пропратни со оваа верзија и емотивното патување кое очигледно било две години во подготовка.

Blair Witch: VR Edition ја задржува истата богата имерзивност, особено кога се работи за вашата интеракција со кучето Булет. Секојпат кога ќе помислиме на оваа игра, пријатно се потсетуваме на нашиот крзнен пријател и на тоа колкаво влијание германскиот овчар имаше при менување на атмосферата.

За нас, Булет беше најсветлата и најуникатната точка во целата игра, добредојден лексилиум за привремено олеснување на крајно опресивната тензија. Токму поради ова, можете да замислите како се чувствуваме кога го видовме во виртуелна реалност како нѝ приоѓа, нè набљудува со очи за кои забораваме дека не се вистински и, за момент, за еден долг момент, повторно сме во 2019 година, а Булет го доживуваме како пријател кој бил загубен само за да биде одново најден. Целата ситуација и налив на емоции делуваат надреални.

Мора да разберете. Blair Witch не е долга игра. А ние никако не сакаме хорори; премногу нѝ е страв од нив. Единствена причина поради која успеавме не само да ја завршиме играта, туку и да ги искусиме сите пет краеви, беше Булет, кучето кое нè освои и, на магичен начин, нѝ даде сила да продолжиме до самиот крај.

Моментот уште трае. Ја испружаме раката кон Булет и забележуваме соодветна реакција. Во Blair Witch: VR Edition, можете да го галите Булет, вистински да го галите, физички да му фрлите нешто за да ви го донесе, дури и да му издавате команди во зависност од тоа како ги движите рацете со move контролерите. Булет, сфативме, нѝ стана уште помил, иако не верувавме дека е можно таквото нешто.

Го креваме погледот нагоре и си дозволуваме момент за поздравување на уште еден пријател кој мислевме дека нема да нѝ недостасува – шумата. Сè во играта добива значително подлабока димензија. Шумата, сфативме, предизвикува реакции со ист интензитет како Булет, но во целосно спротивен правец. Неколку чекори напред и атмосферата си го прави своето. Сè делува познато, а сепак различно. Ако во нешто се добри Bloober Team тоа е во правење опресивна атмосфера која е чекор блиску до предизвикување физичка мачнина, особено кога ќе се земат во предвид новите средби со суштествата.

Blair Witch: VR Edition ја тестиравме на PS4 и, од технички аспект, ова е најлошата платформа за искусување на играта затоа што е пропратена со исклучително ниска резолуција, осиромашени графички елементи и, можеби, недоволно добра респонзивност при користење на Move контролерите. Од друга страна, корисниците на HTC Vive, Rift или Valve Index имаат забележано дека играта не е доволно добро оптимизирана и за пријатно, графичко-исполнително искуство е потребен исклучително моќен компјутер.

И покрај графичките недостатоци, Blair Witch VR успеа одново да нè вовлече во уникатниот свет и да нѝ покаже колкава може да биде моќтта на VR технологијата. Благодарни за Булет, но вознемирени од останатите жители на шумата, целото искуство беше како слатко-горчлива пилула која посакавме да ја исплукаме во истиот момент кога ја голтнавме.

Пак сме на крајот од оваа патување и, исто како и првиот пат, пак не можеме, а да не бидеме благодарни за уникатното искуство, но не и за кошмарите. Дали кажавме дека не сакаме хорори?

1 коментар на “Blair Witch VR и слатко-горчливото навраќање во проклетите шуми на најмрачните стравови

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии