Бизнис акцелераторот УКИМ-БАУ инвестираше 100 000 евра во Елевејт Глобал

Бизнис акцелераторот УКИМ-БАУ инвестира 100 000 евра и дополнителна континуирана поддршка во стартапот Елевејт Глобал.

„Бизнис Акцелераторот УКИМ ќе додели две транши на Елевејт глобал: иницијална инвестиција во износ од 25 000 евра и последователна инвестиција од 75 000 евра. Исто така, БАУ ќе обезбеди и континуирана дополнителна поддршка во менторство на тимот на Елевејт Глобал и поддршка при освојување нови пазари. Средствата остварени од инвестицијата на БАУ ќе помогнат на Елевејт Глобал во нивното тековно работење, маркетинг и развој на бизнисот“, вели Александар Стамболиев од Фондацијата професор д-р Димитар Стамболиев

Елевејт глобал е спиноф компанија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, фокусирана на вештачка интелигенција и предиктивно моделирање. Основачи на компанијата се Горан Стојановски и Ѓорѓи Маџаров, двајцата со долгогодишно искуство во областа за автоматизирање на процеси. Партнери на Елевејт Глобал се T-Systems, IskraTel, EVN, Netcetera, DriveBox Automation, GotSolutions и други

Пред две години стартапот беше еден од победниците на BEAPITCH Global & Investors Day на Бетахаус. Награденото решение на овој натпревар Adaptive dataStream Analytics Platform (ASAP) е наменето за фабрики, енергетски компании и компании што нудат комуникациска инфраструктура. Технологијата обработува и анализира стримови на податоци. Потоа, во реално време ги анализира податоците и аномалиите, и ако забележи проблем веднаш ги известува корисниците.

„Целата приказна започна пред околу 2 години, кога една идеја на двајца инженери посветени на својата научно-истражувачка работа беше презентирана на локалниот настан BETAPITCH Skopje. Оваа идеја беше препознаена од стручното жири и како најдобра се најде на глобалниот настан BETAPITCH Global. Прва јавна презентација, прв јавен настап, прво искуство и прва меѓународна награда.

Потоа се нижеа и другите награди и признанија. Победници на GIST настанот, позиционирање меѓу најдобрите 30 стартап компании на TechTour за Југоисточна Европа се до Merit Winner-Digital Innovation Award од World Information Technology and Services Alliance (WITSA) во конкуренција на иновативни решенија од преку 80 земји од целиот свет.

Времето одминуваше, тимот вредно работеше и идејата добиваше свој лик и имплементација. Денес имаме решение подготвено за пласирање на светскиот пазар. Улогата на стартап екосистемот, акцелераторите и фондовите за развој во оваа фаза е клучна и неговата поддршка во процесот на бизнис развојот неминовен за да се постигне посакуваниот успех“, вели Маџаров.

Во 2019 година Елевејт Глобал доби финансии од ФИТР за автоматизираната платформа за процесирање на податоци за енергетската индустрија. Технологијата е наменета за компаниите кои работат во енергетската индустрија: како трговци/дистрибутери на енергија; произведувачи на енергија; големи потрошувачи на енергија.

ВAT им помага на компаниите да брзо и лесно да изградат предиктивни модели и да ги оптимизираат сопствените трошоци за енергија во иднина. Со помош на овој производ, компaниите ги анализираат сите историски податоци кои се достапни и врз основа на тоа што се случило во минатото, предвидуваат што може да се случи во иднина. На пример, во енергетскиот сектор тоа би значело, врз основа на потрошувачката на електрична енергија во минатото се предвидува потенцијалната потреба од енергија за следниот ден или за некој подолг период.

Елевејт Глобал веќе во 2019 имаше изработен прототип за проектот ВАТ. Кон средината на годината овој производ веќе се тестираше во некои од партнерите како ЕВН и Искрател.

„На располагање се целокупното искуство и ресурси на нашите основачи: УКИМ-ИНОФЕИТ, Развојната фондација Кримсон, Друштвото за ревизија РСМ и фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев, кои заедно во соработка со повеќе од 3000 професори од најстариот универзитет во Македонија, 25 ментори – успешни Mакедонци во светот претставени преку Обединетата Македонска Дијаспора и нашите меѓународни партнери ќе Ви помогнат да го остварите својот бизнис потенцијал“, порача Стамболиев.

Новата поддршка не е во целост финансиска. Акцелераторот ќе обезбеди и менторство, соработка за пристап до меѓународни пазари, фондови, мрежи и заедници.

Фондацијата професор д-р Димитар Стамболиев ги повика сите кои имаат идеја да се пријават на отворениот повик за апликации за поддршка на Акцелераторот УКИМ на линкот: http://accelerator.ukim.mk/apply/

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии