Дарко Колев е Python програмер кој работи како фриленсер последните 3 години. Дипломирал на Финки, но програмира од 13 години кога за подарок ја добил книгата: „Вовед во програмирање со Visual Basic“. Во слободно време сака да истражува нови јазици и технологии како Elixir, Elm, Blockchain, Solidity, но и да работи на свои лични проекти. Од сите лични проекти до сега омилeн му е LifeHQ бидејќи е единствениот кој го користи секој ден. Станува збор за алатка која на корисниците им помага да бидат попродуктивни, поточно најефикасно да го искористат своето време.

Го прашавме г. Колев да ни одговори неколку прашања за сервисот, за мотивите, развојот и начинот на работа на LifeHQ.

Што е LifeHQ?

LifeHQ се состои од 5 модули уникатно комбинирани во еден систем кој е наменет за планирање, организација и продуктивно работење во едно место.

  • Дневник за продуктивност – Составен од 4 вида шаблони за Годишен, Месечен, Неделен и Дневен дневник. Шаблоните содржат прашања наменети да ви ја подобрат дневната продуктивност.
  • Проектен менаџмент – од своите цели креирајте проекти и конкретни задачи кои треба да ги завршите.
  • Неделен и дневен планер – испланирајте ги задачите што треба да се завршат секој ден од неделата. Потоа поделете ги денешните задачи по приоритет.
  • Напреден Помодоро тајмер – Работете во мали помодоро интервали и земајте чести паузи за да ја зголемите вашата продуктивност. Особено важно за сите нас кои работиме пред компјутер.
  • Habit tracker – створете нови позитивните навики кои ќе ви ги подобрат сите аспекти од животот.

Од каде идејата за разбој на LifeHQ?

Како фриленсер сам сум одговорен за својата организација, продуктивност и дисциплина во работата, но токму поради оваа слобода најголем предизвик е планирањето и продуктивноста за време на работниот ден. Од овде започна мојата потрага кон идеален систем и секогаш морав да користам 3-4 различни апликации. Така за неколку дена од 4 те апликации заборавав да користам барем 2.

Имајќи го испробано пазарот на вакви апликации за продуктивност и од сопственото искуство со сите нив сметав дека можам да направам нешто подобро. Така одлучив да го развијам LifeHQ според концептот all-in-one систем за планирање, организација и продуктивност.

Колку време работиш на него?

Идејата ја имав неколку години но започнав со програмирање и дизајн пред една година. Објавив бета верзија во Ноември 2018, а во Април 2019 беше официјалното отварање кон пошироката јавност.

Како LifeHQ може да ми помогне да бидам попродуктвен?

Продуктивноста е еден од трите основни принципи на кои е заснован LifeHQ, еве како е имплементиран.
Прв елемент за оптимална продуктивност е елиминација. Со LifeHQ модулот за планирање, на крајот на работниот ден, ќе ги изберете задачите од сите ваши проекти што треба да се завршат утредента.
Наредното утро ќе ги искористите најпродуктивните часови (првите 3 часа) за активно работење на испланираните задачи. (состаноците планирајте ги за после ручек, никој не работи тогаш продуктивно)

Втор елемент за оптимална продуктивност е да работите во кратки периоди и со чести паузи со помош на Помодоро тајмерот во LifeHQ. Класичниот помодоро тајмер работи со 25 минутни периоди за работа и 5 минути пауза, но во нашиот модул овие две вредности можат да се подесат по ваша желба.
Краткиот временски период на работа ви овозможува да се фокусирате на само една мала задача и да ја завршите што побргу.

Исто така во овој краток период можете да си дозволете да ги исклучите сите нотификации, email клиенти и слично кои ви го одземаат вниманието 3 пати во минута.

Колку корисници/посетители има досега и какво е искуството со нив?

Моментално имам 180 регистрирани корисници, но овој број секојдневно се зголемува. Меѓутоа поголем предизвик е овие корисници активно да ја користат апликацијата.

Од овие 180 околу 30тина го користат активно системот. Ова се околу 20% на активни корисници што не е малку но не е ни многу, со оглед на малиот вкупен број корисници. Планот за во иднина ми е да ја зголемам активноста на корисниците со креирање на социјални модули како scoreboard (табела на продуктивност?) каде корисниците ќе може да се натпреваруваат во бројот на завршени задачи или пак по бројот на денови каде ги комплетирале сите дневни задачи. Исто и gamification системите се интересни каде корисниците добиваат одредени титули односно награди за нивната конзистентност и активност во апликацијата.

Кажи ни повеќе за начинот на работа на апликацијата?

Покрај трите главни принципи на планирање, организација и продуктивност она што го издвојува LifeHQ e мисијата да биде проактивен систем наместо реактивен.

Проактивен значи дека LifeHQ знае за вашите испланирани задачи кои треба да се направат денес, знае дека неделниот дневник треба да се пишува во недела, знае кој ден кои навики треба да се завршат и така натаму.

Оваа мисија на проактивност до сега е имплементирана на два начина:

Концепт на дневна мисија

Дневната мисија се состои од:

  • Комплетирање на испланирате задачи за денес
  • Пополнување на дневниците за денес
  • Извршување на навиките за денес

Дневната мисија е покажана на секоја страна од LifeHQ и константно ве потсетува уште колку работа ви останува за да ја комплетирате мисијата и да можете да сметате дека денешниот ден бил успешен.
Бидејки успехот во животот се состои од низа успешни денови.

Дневни потсетници

Дневните потсетници ви стасуваат по мејл во текот на денот и ве потсетуваат кои задачи, кои навики и дневници ви преостануваат за денес.

Може да се подесат утрински, пладневен и вечерен потсетник во време кое вас ви одговара.

Кои технологии ги користиш за сервисот?

Го користам Python програмскиот јазик со Django framework за серверскиот дел од апликацијата. За клиентскиот дел користам StimulusJS кој е еден од новите минималистички библиотеки спротивставени на Angular и ReactJS. Јас го користам бидејќи не знам ниту Angular ниту ReactJS :)
Бидејки не сум дизајнер за изгледот на апликацијата купив готова HTML тема, но земав и голема инспирација од Basecamp како една од најдобро дизајнираните апликации што некогаш сум ги користел.

Која е главната придобивка од LifeHQ?

Многу често она што го работиме како работа (за плата) не е она истото што ни е главна цел живот. Пример мојата ситуација е да сум фриленсер , но вистинска цел во животот ми е да изградам успешна апликација користена од милиони луѓе.

Некој друг може работи како фармацевт, но сонува да биде сопственик на најголемиот фитнес центар во градот.

Има моменти кога сме инспирирани и работиме на овие вистински цели во животот. Но многу често прокрастинираме и ги одложуваме за понатаму кога ќе имаме доволно мотивација за работа. Ова работење по два три дена на секои две недели не води никаде.

Сите модули во LifeHQ се дизајнирани на тој начин да ви ја одржуваат главната цел во животот во т.н. РАМ меморијата во мозокот. Со пишување и ревизија на дневниците, со креирање на проекти и планирање задачи секој ден, вие постојано размислувате за постигнување на целта.

Уште поважно е дека не само размислувате туку и преземате акција за да ја реализирате целта секој ден, наместо 3 дена на секои две недели.

Она што ги дели успешните од неуспешните е само преземањето акција. Секој може да сонува но ретки се оние кои работат секојдневно без разлика дали се мотивирани или не.


За читателите на it.mk Дарко Колев го креираше купонот „it-mk-rocks“. Со користење на овој купон ќе добиете 50% попуст.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии